Светиот Отец на молитвата Небесна Царице: Не смееме да се плашиме да бидеме христијани и да живееме како христијани

Ватикан, 7.4.2013 /к.мк/ – Во оваа недела, во која се завршува Велигденската осмина, повторно на сите ви ја упатувам Воскресната честитка со зборовите на Воскреснатиот Христос: „Мир вам“. Тоа не е поздрав, ниту пак е едноставна желба: тоа е дар, уште повеќе, тоа е скапоцен дар кој Исус им го дава на своите ученици откако премина низ смртта и пеколот, рече папата Фрањо пред насобраните верници на плоштадот Свети Петар во својот говор пред молитвата Небесна Царице. Тој мир е плод на победата на Божјата љубов над злото, тоа е плод на простувањето. И навистина е така: вистинскиот мир, оној длабок мир, доаѓа од искуството на Божјото Милосрдие, рече Папата и потсети дека денес се слави Недела на Божјото Милосрдие.

Осврнувајќи се на Евангелие од Иван каде се зборува за неверниот апостол Тома, во кое Исус вели: „ти поверува, оти Ме виде; блажени се оние, кои не виделе, а поверувале.” Папата го постави прашањето: А кои беа тие кои поверуваа, а не Го видоа? Тоа беа другите ученици, останатите мажи и жени од Ерусалим, кои иако не го сретнаа Воскреснатиот Исус, поверуваа на сведоштвото на апостолите и жените. Овие зборови се многу важни за верата, можеме да ги наречеме блаженства на верата. Во секое време и на секое место блажени се оние, кои преку Словото Божјо, кое се навестува во Црквата и кое го сведочат христијаните, веруваат дека Исус Христос е овоплотената Божја љубов, овоплотеното Милосрдие. И тоа важи за секој еден од нас!, рече папата Фрањо.

Воскреснатиот Христос ја праќа Црквата да им навести на сите луѓе простување на гревовите, и на тој начин да се прошири Царството на љубовта, да распространува мир во срцата, кој ќе се потврдува во меѓусебните односи меѓу луѓето, во општеството, во институциите. А Духот на Воскреснатиот Христос го гони стравот од срцата на апостолите и ги поттикнува да излезат од салата на Последната Вечера за да го навестат Евангелието. Да имаме и ние храброст да ја сведочиме верата во Воскреснатиот Христос! Не смееме да се плашиме да бидеме христијани и да живееме како христијани, рече Светиот Отец во својот денешен говор пред молитвата Небесна Царице.

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<