Светиот Отец започна катехези за Црквата

Божјиот нацрт е да го воспита народот кој Неговиот благослов ќе го донесе на сите народи на Земјата – рече папата Фрањо во катехезата на Генералната аудиенција одржана во среда 18 јуни, со која ја започна низата од катехези за Црквата. Минатата недела, имено, ги заврши катехезите за седумте дарови на Светиот Дух.

Пред илјадници верници собрани на Плоштадот свети Петар, папата Фрањо своето размислување за Црквата го започна говорејќи за Авраам, од кого Бог бара да го напушти својот роден крај и да оди во краеви кои Тој ќе му ги покаже. Да се говори за Црквата е како синот да говори за мајката, за сопственото семејство – забележа Папата. Црквата, имено, не е некоја установа која е цел на самата себе, или некоја невладина организација. Црквата не треба да се ограничува на свештенството или на Ватикан. Црква сме сите ние – истакна Светиот Отец, потсетувајќи дека таа не е родена во некоја лабораторија, и не е родена ненадејно. Ја основа Исус, меѓутоа станува збор за народ кој зад себе има долга историја.

Почнувајќи од Авраам Бог го обликува народот кој треба да го понесе Неговиот благослов на сите семејства на Земјата. А внатре од тој народ се роди Исус – рече Папата и истакна – Бог Го создава тој народ, таа историја, Црква во одење; и во тој народ се раѓа Исус. Бог го повикува Авраам, заедно со неговото семејство, и кога тој се упати, Бог го исполни со својот благослов ветувајќи му бројно потомство.

Меѓутоа – предупреди Папата – во тој случај сведоци сме на нешто извонредно: не се обраќа човекот на божество, туку самиот Бог дава поттик и Му се обраќа на Авраам, говорејќи му: оди напред, напушти го својот роден крај и од тебе ќе направам голем народ. Можно е, значи, да се води разговор со Бог, а тоа се вика молитва – напомена Папата. Така Бог Го обликува народот со сите кои го слушаат Неговото Слово и кои тргнуваат на пат надевајќи се на Него. Тоа е единствен услов – повтори Папата – надеж во Него. Ако се надеваш на Бог, го слушаш и се упатуваш, тоа е обликување на Црквата. Божјата љубов претходи на сè. Бог секогаш е прв, стигнува пред нас, Тој оди пред нас.

Токуму тоа е љубов, бидејќи Бог секогаш нè чека – истакна Папата и рече дека некој би можел да се посомнева во тоа бидејќи можеби имал грд живот; како тогаш може да се надева дека Бог го чека? Бог те чека – истакна папата Фрањо – и ако си голем грешник, уште повеќе те чека, со многу љубов. Тоа е убавината на Црквата која нè води до Бог Кој нè чека!

Авраам значи тргнува на пат, иако не знае каде Бог, Кој му говореше, сака да го одведе. Немаше теолошки книги од кои би научил кој е тој Бог – напомена Папата – туку се надеваше во Божјата љубов. Меѓутоа, секогаш постои искушение работите да ги решаваме на свој начин; гревовите го одбележуваат одењето на народот во текот на целата историја на спасението – забележа Светиот Отец и додаде – историја на верност на народот кон Бог, и неговата неверност. Меѓутоа, Бог е стрплив, и низ времето продолжува да го воспитува и обликува својот народ, како таткото кој го прави тоа со сопствениот син.

Светиот Отец потоа истакна дека и ние, и покрај својата намера да го наследуваме Господ Исус, секој ден ја искусуваме тврдоста на своето срце. Меѓутоа, кога се признаваме за грешници, Бог секогаш ни опростува. Тоа всушност ни дава да растеме, како Црква; не е тоа наша заслуга, туку секојдневно искуство на тоа колку нас Бог нè сака – рече Папата и додаде – Да се биде Црква значи да се почувствуваме во рацете на Бог, Кој нè сака, милува, чека, и ни дава да ја почувствуваме Неговата нежност.

Божјиот план, значи е да го воспита народот благословен со Неговата љубов, кој Неговиот благослов ќе го донесе на сите народи на Земјата. Тој Божји план имаше свое остварување во Христос и Бог и понатаму го остварува во Црквата. Затоа Папата поттикна секој ден да бидеме спремни да тргнеме, како Авраам, кон својата вистинска татковина, и така да постанеме знак на Божјата љубов.

Со задоволство мислам на некој синоним, некое друго име кое би можеле ние христијаните да го имаме, а тоа би можело да биде следното: мажи и жени, луѓе кои благословуваат – напомена папата Фрањо и додаде – Христијанинот треба со својот живот секогаш да благословува, Бога и сите луѓе. Ние, христијаните, сме луѓе кои благословуваат, кои знаат да благословуваат. Колку убав повике е тоа! – истакна на крајот Светиот Отец.

Пред аудиенцијата на Плоштадот свети Петар, папата Фрањо го покажа богатството на благословот и љубовта, задржувајќи се со децата, постарите лица и лицата со посебни потреби кои аудиенцијата ја следеа на големо видео на ѕидовите во салата Павле VI. Молете да не паѓа дожд, луѓето надвор да не се намократ – рече Папата мислејќи на мноштвото собрано на Плоштадот свети Петар, па и нив ги потсети да не заборават да молат за него.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот