Светиот Отец: Добриот Пастир треба да го наследуваме
Дарувајќи ни го Исус како пастир Кој за нас го полага својот живот, Отецот ни го дарувал сето она најголемо и најскапоцено што можел да ни го даде! – е централната мисла на Светиот Отец пред пладневната молитва Царице небесна на 26 април од прозорецот на Апостолската палата.
Папата рече дека Неделата на Добриот Пастир секоја година нè повикува на повторно откривање – и со ново чудење – дефиницијата која Исус ја дал за себе, повторно читајќи ја во светлината на својата мака, смрт и воскресние: Добриот пастир си ја полага душата своја за овците; (Ив 10, 11). Овие зборови во потполност се остварени во часот кога Христос во доброволната послушност на волјата на Отецот на крстот го положил својот живот. Сега е потполно јасно што значи дека Тој е Добриот Пастир: го дал својот живот како жртва (вина) за нас. За тебе, за тебе, за тебе и за мене – за сите. Тој е Добриот пастир! – рече папата Фрањо.
Христос е вистински Пастир Кој го остварува највозвишениот модел на љубов кон своето стадо: Тој својот живот слободно го дава; никој не му го одзема (ред 18) туку Тој за овците го полага (ред 17) – истакна Папата. Во јасна спротивност со лажните пасири, Исус се претставува како вистински и единствен пастир на народот. Злиот пастир мисли на себе и од овците зема; Добриот пастир мисли на овците и за нив се дава самиот себе. За разлика од наемникот, Христос Пастирот е внимателен водач кој учествува во животот на своето стадо и не бара друг интерес, нема други амбиции освен да ги води, пасе и штити своите овци и сето тоа преку највисоката цена – цената на сопствениот живот.
Во ликот на Исус Добриот Пастир ја воочуваме Божјата провидност, неговата татковска грижа за секој од нас. Нè не пушта сами! – истакна Папата. Последица на ова контемплација на Вистински и Добар Пастир е трогателниот восклик кој го наоѓаме во второто читање на денешната Литургија: „Гледајте каква љубов ни дал Отецот“ (1Ив 3,1). Навистина таа е изненадувачка и таинствена љубов, бидејќи дарувајќи ни Го Исус како пастир Кој за нас го дава сопствениот живот, Отецот ни го дарувал сето она најголемо и најскапоцено што можел да го даде! Таа е највозвишена и најчиста љубов, бидејќи не е поттикната од некоја потреба, не е условена со некаква сметка, ниту со некаква желба да и се возврати. Пред таква Божја љубов стекнуваме искуство на бескрајна радост и се отвораме за признанието на она што бесплатно сме го примиле.
Но, да го гледаме и да се заблагодаруваме не е доволно – Добриот Пастир треба и да го наследуваме. Посебно оние кои во Црквата имаат послание за управување и водство – свештениците, епископите, папата; повикани се да го усвојат – не менталитетот на менаџерот – туку менталитетот на слугата – во наследувањето на Исус Кој – оплеменувајќи се самиот себе – спасува со своето милосрдие. На овој начин на живот на Добриот пастир, повикани се исто така и новите свештеници на Римската бискупија кои имав радост утрово да ги ракоположам во базиликата Свети Петар – рече папата Фрањо.
Нека Пресвета Марија мене, епископите и свештениците во целиот свет ни измоли милост за служење на светиот народ Божји со радосно навестување на Евангелието, славење на светите Тајни со срце и трпеливо и кротко пасторално водство.
По молитвата Царице небесна папата Фрањо ја изрази својата близина со погодените од силниот земјотрес во Непал и во пограничните земји. Молам за настрданите, за ранетите и за сите оние кои трпат заради ова несреќа. Нека наидат на поддршка на братска солидарност. Да ја молиме Богородица да биде со нив – рече Светиот Отец – молејќи Радувај се Маријо.
Денес во Канада за блажена е прогласена Марија Елиза Турдеон основателка на Сестрите на нашата Богородица од Пресветата Бројаница свети Герман: примерна монахиња, посветена на молитвата, на поучувањето во малите центри на својата бискупија како и дела на милосрдие. Да му заблагодариме на Господ за ова жена пример за Богопосветен живот и великодушно заземање во служба на ближниот.
Како и обично, Светиот Отец на крајот ги поздрави различните групи поклоници од Рим, Италија и странство и на сите се препорача во молитвите.
РВ/Д.И.