Светиот Отец во Молизе се сретна со претставници на работниците и стопанствениците
Светиот Отец на 5 јули се упати на пасторална посета на Кампобасо, Кастелпетрос и Исернија. Хеликоптерот на Папата во 9.00 часот се спушти на плоштадот на универзитетот Молизе. Во големата универзитетска сала во присуство на претставници на работниците и стопанствениците, Папата беше поздравен од страна на ректорот на универзитетот, кој го цитираше папата Фрањо велејќи дека нашиот Бог е Бог на изненадувања. Вистина е, потврди папата Фрањо, Бог секој ден нѐ изненадува и ги разбива „шемите“, а ако ние не ги разбиваме „шемите“, тогаш нема да се поместиме од место, бидејќи Бог нѐ поттикнува на ова: во пресрет на иднината да бидеме креативни, истакна Светиот Отец.
Говорејќи за симболичната важност на неговата средба со светот на трудот во храмот на образованието, Папата ја истакна важноста на истражувањето и образованието за да може да се одговори на сложените предизвици на сегашната економска криза. Доброто образование не нуди лесни решенија, но помага да бидеме поотворени и покреативни во подоброто вреднување на природните богатства. Ако некој одлучи, како што пред малку слушнавме, да се занимава со земјоделство, не значи дека ќе биде неподвижен, туку значи дека сака да воспостави плоден и креативен дијалог со земјата. А човечкиот дијалог со земјата, ја прави земјата плодна за сите, истакна папата Фрањо.
Продолжувајќи го говорот за земјоделството Папата повика за зачувување на природата „за да може да дава плод“. Тоа е најголем предизвик на нашето време, а можеби е и еден од нашите најголеми гревови. Нашиот грев е овој: претерано искористување на земјата, непочитувањето на нејзините природни текови. Затоа е потребно да се свртиме кон развој кој ќе го почитува создаденото, предупреди Папата додавајќи:
Но тоа не е единствениот предизвик, го имаме и проблемот со семејството. Работното време треба да се уреди со потребите на семејството, рече Папата одговарајќи на сведоштвото на бремената мајка која веќе има едно мало дете. Во сегашната економска криза поради неумерената работа се загуби „вештината, мудроста на играњето со децата“. Напротив, со нашите деца треба „да се губи денот“, поттикна Светиот Отец.
Освен тоа, продолжи Папата, не треба да се занемари проблемот со неделата. Ова се однесува на сите, а не само на верниците, бидејќи во прашање е етичкиот избор: На што сакаме да дадеме предност? Можеби дојде време да се запрашаме дали работата во недела ја изразува вистинската слобода. Неработната недела, ислкучувајќи ги неопходните услуги, е знак дека во средиштето е човечката личност, а не економијата; бесплатноста и семејните, а не трговските односи, за христијански однос со Бог и со заедницата, објасни Светиот Отец.
Пред да ја заврши средбата со работниците, Папата предложи „работен сојуз“ за работниците и стопанствениците во покраината Молизе; за да се искористат сите можности што ги даваат националните и европските прописи. Соединувајќи ги напорите, управата на покраината настојува да одговори на драмата од невработеноста, но тоа не е доволно. Во договор со националните власти можеби ќе можат повторно да се вработат голем број на луѓе, истакна Папата.
Светиот Отец поттикна да се издржи на тој пат, бидејќи во прашање е достоинството на личноста. Да се биде без работа не значи да се биде гладен. Секој ден можеме да јадеме, да одиме во Каритас или некое друго здружение, некој клуб, таму ќе ни дадат да јадеме. Јадењето не е проблем. Проблем е кога не може да се издржува семејството. Најголем проблем е зачувувањето на достоинството. Затоа е основно „да се работи и чува достоинството што потекнува од трудот, рече Папата и потоа му се заблагодари на универзитетот за подарокот.
Универзитетот на Папата му подари слика на мајчинство. Дарот посебно му се допадна на Светиот Отец, бидејќи мајчинството, како што истакна, предвидува во себе страдање, а породилните болки се насочени кон живот, полни се со надеж. Ви заблагодарувам за дарот и уште повеќе на неговото сведоштво: на маката полна со надеж, заврши папата Фрањо.
РВ/В.Н.