Света Фаустина Ковалска – светица на третиот милениум

Света Фаустина Ковалска се одликува со љубов кон молитвата, трудољубивост во работата, послушност и сочувствување со сиромашните. „За прв пат го слушнав гласот Божји во мојата душа во седмата година од животот како повик за совршен живот, но не бев секогаш послушна на гласот за Милост. Во 18-та година од животот, ревносната желба до моите родители за да ми дозволат да отидам во манастир наиде на нивно одлучно одбивање…

Еднаш појдов со една од сестрите на танц. Кога сите беа во најдобро расположение, мојата душа чувствуваше внатрешни маки. Во моментот кога започнав да танцувам, го здогледав покрај себе Исус, извалкан, целиот во рани, ми рече: „Колку долго ќе поднесувам и до кога ќе се двоумиш?“ Во тој момент занеме музиката, го снема друштвото во кое се наоѓав, останавме Исус и јас. Седев покрај мојата драга сестра и се обидував да ја сокријам главоболката, она што се случуваше во мојата душа. После некое време тајно го напуштив друштвото и мојата драга сестра и отидов во катедралата Свети Станислав…

Таму ги слушнав зборовите: „Отпатувај веднаш во Варшава, таму влези во манастир.“ Се подигнав од молитвата дојдов дома и ги подготвив потребните работи.“ (Дневник на сестра Фаустина бр. 7-10) За време на престојот во манастирот во Плок, 22 февруари 1931 година го имаше првото укажување на Милосрдниот Исус, Кој при таа мистична средба и даде задача да наслика негова слика, таков каков што го гледа и да го прошири нејзиното почитување по целиот свет.

Во следните неколку години, нејзините мистични средби со Исус продолжиле. На тие средби, Исус ја запознавал со својството – Божјо милосрдие, објавен е нов начин на чествување на милосрдието. Нејзина задача, по Исусовата желба била: усрдно да го моли Божјото милосрдие за цел свет; применувајќи при тоа нов начин на побожност кон Божјото милосрдие; да се чествува сликата на Милосрдниот Исус со натпис: Исусе Тебе ти се доверувам“; да се слави празник на Божјото милосрдие на првата недела по Воскресението; да се моли бројаницата на Божјото милосрдие; да се обожава Часот на милосрдието – часот на Исусовата смрт на крстот (15 часот) и да се шири побожноста на Божјото милосрдие.

Животот на сестра Фаустина посебно се одликувал со љубов кон грешниците, сиромасите, тие на умирање и душите во чистилиштето, за кои неуморно молела и се жртвувала. Со многу посебни милости, животот и бил одбележан со многу страдања. Страдала на различни начини: сомневање во вистинитоста на укажувањето; заради сомневање и неразбирање на ближните; заради неможност да се спроведе во дело Исусовата желба и тешкотиите на кои наидувала; заради гревовите на човештвото и за неблагодарноста и ладнокрвноста со која луѓето возвраќале на Бог за неговата милосрдна љубов; чувствувала и физички и духовно страдање кога се молела и жртвувала за други; во својата длабока поврзаност со Исус, понекогаш ги чувствувала неговите рани на своето тело, и неговата напуштеност.

Голема помош и потпора во спроведувањето на нејзиното послание и дал нејзиниот духовник, денес блажен Михаил Сопоцко, кој после нејзината смрт продолжил да ја шири пораката на Божјото милосрдие. За него сестра Фаустина пишува: „Овој свештеник е голема, сѐ до врвот со Бог исполнета душа.“ Сестра Фаустина исцрпена и ослабната од туберколоза и страдања кои ги поднесувала како жртва за спасение на грешниците, умрела во манастир во Краков Лагиевини на 5 октомври 1938 година, на возраст од 33 години. Папата Иван Павле II ја прогласи за блажена во 1993 година, а во 2000 и за светица. Така сестра Фаустина стана првата светица на третиот милениум. Заштитница е на децата, сиромашни семјства, куќни помошници, готвачи, градинари, портири, на девојки и момчиња кои сакаат да одат во манастир и на градот Лодза. Црквата ја слави на 5 октомври.

Превод: Д.И.

Категорија: Свет

За авторот