Во Никарагва е укинат правниот статус на Исусовците: Терор и репресија во земјата

Во Никарагва е укинат правниот статус на Исусовците: Терор и репресија во земјата

Неоправданата агресија против Исусовците продолжува во Никарагва во општиот контекст на репресија. Централноамериканската провинција на Друштвото Исусовци ја осудува одредбата со која Владата под водство на Даниел Ортега го укина нејзиниот правен статус и зборува за систематска репресија, која се смета за злосторство против човештвото, со цел целосно воспоставување на тоталитарен режим.

Средноамериканската провинција на Друштвото Исусовци остро ја осуди одлуката со која властите на Никарагва го укинаа правниот статус на Друштвото Исусовци. Во изјава од 23 август 2023 година, Исусовците ја осудуваат „новата агресија“ врз таа монашка заедница основана од свети Игнатиј од Лојола, чин што е дел од политиката на терор врз населението на Никарагва и најсистематска репресија на националниот ниво која ја спроведува Владата на Даниел Ортега, а која експертската група во Никарагва основана од Организацијата на Обединетите нации веќе ја дефинираше како „злосторства против човештвото“.

Кон тоталитарен режим

Според Средноамериканската провинција на Друштвото Исусовци, мерката е насочена кон целосно воспоставување на тоталитарен режим за кој се одговорни претседателот и потпретседателот на Никарагва, а виновни се и за попречување на независно и неутрално судство. Во соопштението се повикуваат водачите на земјата да ја прекинат актуелната репресија и да поддржат разумно решение во кое ќе преовладуваат вистината, правдата, дијалогот, почитувањето на човековите права и владеењето на правото.

Илјадници жртви на репресија

Освен тоа, потребно е целосно почитување на слободата и идентитетот на Исусовците и оние кои соработуваат со нив. Друштвото Исусовци од Никарагва се обединува со илјадниците жртви од Никарагва кои чекаат правда и надомест за штетата предизвикана од актуелната влада и ја изразува својата благодарност за безбројните изрази на признавање, поддршка и солидарност што ги добива среде се почестите прекршувања.

Без можност за жалба

Владиниот декрет 105-2023 утврдува дека недвижниот имот и движните средства на Друштвото Исусовци во земјата се пренесуваат на државата. Како и во другите случаи на укинување на правните карактеристики кои режимот ги воспостави почнувајќи од 2018 година, одлуката е донесена без административни процедури утврдени со закон. На Исусовците не им била дадена ниту можност да се жалат на непристрасен судија.

Прогонството на Католичката црква е во пораст

Пред оваа последна репресивна мерка, пред околу една недела, владата на Ортега, под изговор за борба против тероризмот, веќе го конфискуваше Средноамериканскиот универзитет во Никарагва (UCA), основан од Исусовците, и резиденцијата на Друштвото Исусовци во Манагва, спречувајќи ги оние што живееле таму да си ги приберат и земаат личните работи. Покрај тоа, пред само пет дена, на 19 август, беше првата годишнина од апсењето на монсињор Роландо Алварез, бискуп од Матагалпа и апостолски администратор на Естели, осуден на 26 години затвор без судење, под обвинение за заговор против националниот интегритет и ширење лажни вести. Оттогаш, се зголемија прогонствата на Католичката црква во таа земја.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот