Папата Лав ги охрабри континенталните раководители на Синодaта

Папата Лав ги охрабри континенталните раководители на Синодaта

Папата Лав XIV се сретна со раководителите на континенталните тела на Синодата, размислувајќи за спроведувањето на Синодата за синодалност и за патот кон Црковното собрание во 2028 година.

Папата Лав XIV во четврток се сретна приватно со раководителите на континенталните тела на Синодата, по завршувањето на тридневната работа посветена на фазата на спроведување на Синодата.

На состанокот, кој се одржа од 23 до 25 јуни, учествуваа претставници од Латинска Америка, Африка, Азија, Европа, Океанија, Блискиот Исток и Северна Америка, придружуваби од координаторите на континенталните синодални тимови.

Кардиналот Марио Грех, генерален секретар на Синодата, ја опиша средбата со Папата како „силен знак на поддршка и охрабрување“ за учесниците, додека тие продолжуваат да работат за синодалното преобраќање на Црквата.

Отворајќи го состанокот во вторник, кардиналот Грех даде кратка оценка за патот кон Црковното собрание во 2028 година, потсетувајќи на посебниот карактер на тековниот процес.

Според соопштението, кардиналот ги истакнал многуте иницијативи што веќе ги преземаат локалните Цркви за вклучување на верниците, меѓу кои се училиштата за синодалност, образовните програми, симпозиумите, конференциите, како и процесите на слушање и расудување.

На неговиот поздрав му претходеше подолго време за молитва, предводено од сестра Натали Бекар, XMCJ, потсекретар на Синодата.

Слушање и расудување

Следните денови беа посветени на слушање и расудување во ова ново синодално време.

Фазата на спроведување, насочена кон Завршниот документ на XVI редовно општо собрание на Епископската синода, претставува нов чекор во кој локалните заедници се повикани препораките од синодалниот документ да ги применат во сопствениот контекст.

Учесниците ги споделија главните случувања во спроведувањето на Завршниот документ на различните континенти, вклучувајќи значајни искуства, тешкотии, отворени прашања и пастирски приоритети.

Црковно собрание во 2028 година

Во средиштето на состанокот беше размислувањето за документот што го претстави отец Џакомо Коста, консултант на Генералниот секретаријат на Синодата.

Текстот го прикажува патот кон Црковното собрание во октомври 2028 година преку четири последователни фази.

Првата фаза, наречена „Сеќавање“, ќе се одржи во првата половина на 2027 година, преку евалуациски собири во бискупиите и епархиите.

Втората фаза, „Толкување“, е планирана за втората половина на 2027 година, преку собранија на бискупските конференции, национални или регионални.

Третата фаза, „Насочување“, ќе се одржи во првите четири месеци од 2028 година, преку континентални собранија што ќе подготват извештај со перспективи.

Последната фаза, „Прослава“, ќе кулминира во октомври 2028 година со Црковно собрание на целата Црква во Ватикан, заедно со Светиот Отец.

Учесниците нагласија дека улогата на континенталните тела и нивните тимови е пред сè придружување. Нивната задача е да ја поттикнуваат размената на дарови меѓу локалните Цркви, во духот на вистинска супсидијарност.

Тие исто така истакнаа дека собранијата, од оние во локалните Цркви до Црковното собрание во 2028 година, се дел од подолгото патување на Црквата кон синодално преобраќање. Тоа е време на славење и расудување, со цел да се сфати како да се продолжи понатаму.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот