Надбискупот Пеци: Патувањето на Папата во Казахстан е важно за руските католици

Надбискупот Пеци: Патувањето на Папата во Казахстан е важно за руските католици

Со ходочасите во Казахстан руските католици ја изразуваат својата љубов и посветеност на папата Фрањо, по повод неговото патување во Нур-Султан, главниот град на Казахстан, каде ќе учествува на Конгресот на лидерите на светските религии. Ова во интервју го истакна пастирот на надбискупијата Мајка Божја во Москва, надбискупот Паоло Пеци.

Надбискупијата Мајка Божја во Москва организира ходочастие по повод посетата на папата Фрањо на Казахстан од 13 до 15 септември, каде Светиот Отец ќе учествува на Седмиот Конгрес на лидерите на светските и традиционалните религии, настан во корист на мирот и против злоупотребата на религијата за оправдување на конфликти.

Ходочастието кое ќе се одржи под мотото „Сведоци сме на единството“ ќе започне во Москва на 12 септември, а прва дестинација е Омск, руски град во Сибир. Ходочасниците ќе пристигнат во Караганда – Казахстан, ден потоа, а оттаму ќе се упатат кон Карлаг, еден од најголемите советски гулази, каде што десетици илјади затвореници ги загубија животите меѓу 1930 и 1960 година. Тоа е и место на мачеништво на многу христијани, вклучувајќи ги и руските. Во среда, на 14 септември, ходочасниците ќе одат во Нур-Султан за да присуствуваат на светата Литургија, која ќе ја предводи папата Фрањо. Ден потоа, на 15 септември, ќе започне враќањето во Москва.

Според зборовите на монс. Паоло Пеци, кој беше интервјуиран од новинарите на руската редакција на Радио Ватикан – Ватикан њуз, станува збор за многу важно ходочастие кое има за цел да ја покаже близината на руските католици со папата Фрањо во контекст на неговата посета на Казахстан.

Посетата на папата на Казахстан е многу важна за нас, руските католици – рече надбискупот и објасни: Пред се затоа што не знаеме дали и кога ќе може да дојде Папата кај нас, а Казахстан е најблиската земја до нас, од оние кои ги посети Папата; ова е одлична можност, и затоа што е можно движењето кон Казахстан со одредена слобода.

Освен тоа, тоа е исто така можност да ја изразиме нашата верност, нашето наследување и пред сè, нашата љубов кон Папата, бидејќи Русите го сакаат Папата. Па, тоа е она што нѐ поттикнува да појдеме на ходочастието за да се сретнеме со папата Фрањо – рече надбискупот Пеци.

На веб-страницата на надбискупијата Мајка Божја во Москва, има повик за учество на ходочастието, а покрај програмата пренесени се зборовите и на бискупот Хозе Луис Мумбиела Сиера, од бискупијата на Света Троица во Алмати, Казахстан и претседател на бискупите од Централна Азија, кој зборуваше за Ватикан њуз. Ние не сме ходочасниците во потрага по недостижно единство, туку сведоци на единство кое веќе се вкоренило во нашите срца, затоа што единствениот Бог престојува во нашите души и нè праќа, сите што се создадени според неговиот образ и подобие да уживаат во неговиот живот и неговата љубов – рече бискупот Мумбиела Сиера.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот