Пред една година Мајка Тереза од Калкута стана дел од војската на светците: Литургијата за канонизација предводена од Папата Фрањо, на плоштадот Свети Петар донесе преку 130 илјади луѓе и шефови на држави, но исто така и сиромашни, нејзините сиромашни, најпоследните, несаканите, која инаку таа ги сакаше. Скопје, 26 август 1910 – Калкута, 5 септември 1997: вообичаено самата се дефинираше, кревка на изглед, но во верата цврста како карпа, Мајка Тереза, го потроши својот живот во служба на браќата во потреба кои денес, на оваа прва годишнина, ја прославуваат со моменти на празнување и молитва.
На 18-годишна возраст, поттикната од желбата да стане мисионерка, Гонџа во септември 1928 година го напуштила својот дом, за да влезе во Друштвото на Блажена Дева Марија, познато како „Сестрите од Лорето“, во Ирска. Таму го добила името сестра Мајка Тереза, како светата Тереза од Лизие. Во декември заминала за Индија, пристигнувајќи во Калкута на 6 јануари 1929 година. По давањето на привремените завети во мај 1931 година, сестра Тереза била пратена во заедницата од Лорето во Ентали и таму во училиштето им предавала на девојките. На 24 мај 1937 година ги дава вечните завети, станувајќи, како што самата рекла, „Исусова невеста за цела вечност“ и ширела милосрдие, великодушност и храброст, кои биле нејзини посебни карактеристики.
Но најголемата инспирација, нејзиниот „позив во позивот“ ја добила на 10 септември 1946 година, за време на едно патување во возот од Калкута до Дарџилинг: да основа религиозна заедница, Мисионерки на Љубовта, посветени во служба на најсиромашните меѓу сиромашните. Поминале околу две години од расудувањето и верификацијата пред да добие Мајка Тереза дозвола за да ја започне новата мисија. На 17 август 1948 година, за прв пат облекла бело сари со сини линии со кое сите ја препознаваат и со кое премина низ портите од нејзиниот сакан манастир од „Лорето“ за да влезе токму во светот на сиромашните и маргинализираните. Продолжи да основа конгрегации и движења исто така и од лаици-мисионери почнувајќи го секој ден со Исус и со Евхаристијата без никогаш да се одвои од круната на Бројаницата и со која им се приближувала на отфрлените од општеството, ги посетувала семејствата во сиромашните предградија на Калкута, им давала храна на гладните, ги лечела болните, колку што можела, дури и кога имала сериозни здравствени проблеми. Во 1979 година ја добила Нобеловата награда за мир.
Помалку од две години по нејзината смрт, поради големата слава за нејзината светост и благодети кои луѓето ги добиле преку нејзиното посредување, папата Иван Павле II, дозволил да се отвори процесот за канонизација, прогласувајќи ја за блажена во 2003 година. Потоа минатиот 4 септември по желба на папата Фрањо и на радост за сите оние кои ја сретнале и ја познаваа, стана светица: тоа беше еден духовен празник, еден голем настан на милосрдието кое го обедини светот без разлика на верата и културата. Папата Фрањо во својата проповед ја опиша како великодушна ширителка на божественото милосрдие:
„Мајка Тереза, во целата нејзина егзистенција, била великодушна ширителка на божественото милосрдие, станувајќи за сите достапна преку прифаќањето како и одбраната на човечкиот живот, оној сѐ уште нероден, напуштен и отфрлен. Се завземала за одбрана на животот непрестано повикувајќи дека «кој сѐ уште не е роден тој е најкревок, најмал, најбеден». Се наведнувала над исцрпените луѓе, оставени да умираат на работ на улиците, препознавајќи го во нив достоинството кое Бог им го дал; направи нејзиниот глас да го слушнат моќниците на земјата, со цел да си ги препознаат нивните грешки пред лицето на злосторството! –сиромаштијата создадена од самите нив. Милосрдието за неа беше ‘сол’ кој ѝ даваше вкус на секое нејзино дело, и ‘светлина’ која ја осветлуваше темнината за оние кои немале ниту солзи за да ја оплакуваат нивната сиромаштија и страдање“.
А волонтерите од целиот свет папата Фрањо ги повика да го имитираат нејзиниот пример за побрзо да се спроведе онаа Револуција на нежност од која светот има голема потреба:
„Нејзината мисија во периферијата на градовите и во егзистенцијалната периферија останува сѐ до нашите денови како елоквентно сведоштво за Божјата блискост до најсиромашните меѓу сиромашните. Денес до волонтерството на целиот свет го препорачувам овој симбол на жена и посветеност: таа да биде вашиот пример за светост! Мислам дека, можеби, ќе ни биде малку тешко да ја викаме Света Тереза: нејзината светост ни е толку блиска, толку нежна и плодна со што спонтано ќе продолжуваме да ја нарекуваме „Мајка Тереза“. Оваа неуморна добродетелка на милосрдието да ни помогне да разбереме повеќе дека единствениот наш критериум за добро дело е бесплатната љубов, слободна од секаква идеологија и од било каква обврска, а наменета за сите без разлика на јазик, култура, раса или религија. Мајка Тереза секогаш велеше: «Можеби не го зборувам нивниот јазик, но можам да се насмевнам». Во срцето да ја носиме нејзината насмевка и да им ја подариме на оние кои ќе ги сретнеме на нашиот пат, особено на оние кои страдаат. На тој начин ќе ги отвориме хоризонтите на радоста и надежта на безнадежното човештво лишено од разбирање и нежност.
Насмевката, но исто така и нејзините очи, се оние кои го променија лицето на историјата, кои ја направија „Мајка“ пред да стане „Света“, рече сестра Серена, 40 години во Конгрегацијата за Мисионерките на Љубовта. „Една личност која знаеше да љуби на многу нежен начин, која знаеше да простува како што само Бог знаеше да простува“. На тој начин е опишана од сестра Серена, убедена дека нејзината едноставност ја направи способна да ги шокира моќниците.
РВ/З.А.