Предвовдејќи ја светата Литургија по повод празникот на светите Петар и Павле – заштитници на бискупијата и градот Рим – во базиликата „Свети Петар“, папата Лав XIV, за време на обредот на благословување и положување на палиумот врз новите митрополити надбискупи, повика на размислување за две апостолски личности кои, иако различни по харизма и понекогаш во конфликт, успеале да живеат плодна хармонија во различноста. Нивната отвореност кон промените, рече Папата, е повик и денес – на нови облици на евангелизација.
На светата Литургија во недела на 29 јуни 2025 година, присуствуваа над 5.000 верници. Папата, благословувајќи ги и положувајќи палиуми врз 54 нови митрополити, ги претстави светите Петар и Павле како вистински столбови на Црквата.
Мачеништво како сведоштво
Во својата проповед, Светиот Отец се осврна на два аспекти од сведоштвото на апостолите, коментирајќи ги литургиските читања: првото – од Делата на светите Апостоли, во кое Ирод го затвора Петар; и второто – од Посланието на свети Павле до Тимотеј, во кое апостолот, исто така во окови, го најавува своето мачеништво како жртва принесена на Бога.
Петар и Павле ги дадоа своите животи за Евангелието.
Заедништво потврдено со мачеништво
Оваа заедништво не произлегува од лесна победа, туку од живот оформен преку различни пристапи кон верата и служењето. Нивното братство во Светиот Дух не ги брише разликите од кои потекнуваа.
Петар, скромен галилејски рибар, без двоумење го следеше повикот на Господ и ја упати својата проповед првенствено кон Евреите. Павле, член на фарисејската елита и поранешен прогонител на христијаните, беше преобразен од Воскреснатиот Христос и повикан да им го проповеда Евангелието на незнабошците.
Искреност и конфронтација
Цитирајќи го Посланието до Галатјаните – „А кога дојде Петар во Антиохија, јас лично му се спротивставив, оти се беше изложил на осудување“ – Папата потсети на нивната отвореност и искреност во меѓусебните соочувања, особено околу прашањето за прифаќање на незнабошците, тема што подоцна се разгледуваше и на Ерусалимскиот собор.
Животот на овие двајца апостоли нè учи дека заедништвото кон кое нè повикува Господ не е униформност, туку хармонија меѓу различни гласови и личности. Тие се разликуваа по мислења, понекогаш се судираа, но останаа во единство – concordia apostolorum, заедништво во Духот и плодна хармонија во различноста.
Папата го цитираше Свети Августин: „Иако страдаа во различни денови, беа едно.“
Дарови во служба на Евангелието
Ваквото заедништво го создава единствено Светиот Дух – Тој што ги обединува различностите и гради мостови на единство меѓу харизмите, даровите и службите. Важно е, нагласи Папата, да научиме да живееме како заедница на единство во различноста, така што различните дарови, обединети во една вера, ќе придонесуваат за навестувањето на Евангелието.
Одговор на денешните предизвици
Вториот аспект од размислувањето се однесуваше на виталноста на верата. Против ризикот од рутина, ритуализам и пасторални шеми без ентузијазам, Петар и Павле одговараат со отвореност за промени, со подготвеност за соочување со реалните прашања на луѓето и барање нови патишта за евангелизација.
Во денешното евангелие, прашањето што Исус им го поставува на учениците – „А вие, што велите: кој сум Јас?“ – останува предизвик и за нас денес. Верата не е наследство од минатото, туку однос со Живиот Бог.
Папата Лав XIV ги потсети верниците на зборовите на папата Фрањо: постои опасност верата да стане уморно наследство, празна традиција. Затоа треба повторно да се запрашаме: Кој е Христос за нас денес? Какво место има во нашите животи и во посланието на Црквата? Како можеме да сведочиме за Него во секојдневието?
Римската црква – знак на единство
Рим, како епископско седиште на Петар, има посебно послание: да биде знак на заедништво, заедница што живее со жива вера, и која сведочи за утехата и радоста на Евангелието во секоја човечка ситуација.
Палиумот – симбол на заедништво
Папата ги поздрави новите митрополити кои го примија палиумот – кој го симболизира заедништво со Папата и довереното послание на водство и сведоштво во локалните цркви.
Присуство на делегации
Светиот Отец упати благодарност до членовите на Синодот на Украинската источна-католичка црква за нивната пасторална ревност. Исто така, изрази признание за делегацијата од Вселенската патријаршија, испратена од Неговата Светост Вартоломеј.
Завршна молитва
Папата ја заврши проповедта со молитва, повикувајќи го застапништвото на светите Петар и Павле за целиот свет: „Господи, подари им мир на Твоите луѓе!“
Обред на положување на палиумот
По проповедта, кардиналот протоѓакон Доминик Мамберти ги претстави новите 54 митрополити, кои дојдоа од различни краишта на светот. Следеше благословот на палиумите и нивното свечено положување од страна на Папата. Надбискупите за возврат положија завет на верност кон Римската црква и Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк