Светата Литургија е одење на Голгота

Светата Литургија е одење на Голгота

Папата Фрањо на Генералната аудиенција која се одржа на плоштадот Свети Петар, на 22 ноември 2017 година, продолжи со третата катехеза за светата Литургија и истакна: Светата Литургија е спомен чин на таинството на Христовата мака и воскресение.

Таа нè прави учесници во неговата победа над гревот и смртта и му дава целосна смисла на нашиот живот.

Заради тоа за да ја разбереме вредноста на светата Литургија пред сè мораме да го сфатиме библиското значење на терминот „спомен чин“. Тоа не е само сеќавање на настани од минатото – толкуваше Папата – туку спомен чин, кој на одреден начин нè прави живи во тие настани. Токму така Израелскиот народ го сфаќал своето ослободување од Египет: секој пат кога се слави Пасха, настаните за излегувањето се присутни во сеќавањето на верниците за да го обликуваат својот живот преку нив. Исус е Христос, со својата смрт, воскресение и вознесение на небото, го доведува до исполнување пасхалното таинство. Светата Литургија е спомен чин на неговото пасхално таинство, на неговото излегување кое го направил за нас, за да излеземе ние од ропството и да влеземе во ветената земја на вечниот живот. Не се работи само за потсетник – рече Светиот Отец – туку за нешто многу повеќе: се работи за правење присутно она што се случило пред дваесет векови.

Евхаристијата секогаш нè води на врвот на Божјото спасение – продолжи папата Фрањо објаснувајќи: Господ Исус станувајќи за нас прекршен леб, го излева на сите нас своето милосрдие и својата љубов како што тоа го направи на крстот, за да го обнови нашето срце, нашето постоење и нашите односи со Него и со нашите браќа. Вториот ватикански собор вели: „Секој пат кога на олтарот се слави жртвата на крстот во која е Христос, нашето пасхално јагне, жртвуван, се остварува делото за нашето откупување.

Секое славење на Евхаристијата е зрак од сонцето без заоѓање, затоа што Исус Христос воскресна. Учествувањето на светата Литургија, посебно во недела – потврди Папата – значи да се влезе во Господовата победа, да се биде просветлен од неговата светлина, загреан со неговата топлина. Светиот Дух преку евхаристиското славење, нè прави учесници во божествениот живот кој е способен да го преобрази нашето смртно битие. Со својот премин од смрт во живот, од времето во вечноста, Господ Исус и нас нè влече заедно со Него да воскреснеме. Во текот на светата Литургија се случува Велигден затоа што ние тогаш сме со Исус, умрени и воскреснати и Тој нè влече во вечниот живот. Во светата Литургија се соединуваме со Него, Христос живее во нас и ние живееме во Него, како што вели свети Павле: Со Христос сум распнат, не живеам повеќе јас, туку Христос живее во мене. И овој живот, кој го живеам во телото, го живеам со верата во Синот Божји, Кој ме љуби и се предаде самиот себе за мене.

Неговата крв – додаде Светиот Отец – нè ослободува од смртта и стравот. Нè ослободува не само од злото на физичката смрт, туку и од духовната смрт која е зло и грев кој секој пат кога ќе паднеме прави од нас жртви на нашите и на туѓите гревови. После тоа нашиот живот е загаден, ја губи убавината и смислата и престанува да цвета.

Христос повторно ни дава живот; Христос е полнотата на животот, а кога се соочи со смртта ја уништи засекогаш – објасни папата Фрањо и продолжи: „Воскреснувајќи ја уништи смртта и го обнови животот,“ исповеда Црквата славејќи евхаристија. Христовата Пасха е конечната победа над смртта затоа што Тој својата смрт ја претвори во врвен чин на љубов. Умре заради љубовта! Во Евхаристијата, Он сака да ни ја соопшти својата пасхална и победничка љубов. Ако ја примаме со вера, исто така и ние можеме навистина да го љубиме Бог и ближниот, можеме да љубиме како што Тој нè љуби, давајќи го животот.

Ако Христовата љубов е во мене – рече Папата – можам да се дадат целосно на другите, имајќи ја внатрешната сигурност дека ако и другите ме ранат, нема да умрам; инаку ќе треба да се бранам. Мачениците го дале својот живот токму заради таа сигурност во Христовата победа над смртта. Само ако ја искусиме таа Христова моќ, моќта на неговата љубов, навистина сме слободни да се даруваме без страв. Тоа е светата Литургија: да се влезе во таа мака, смрт, воскресение и вознесение Исусово.

Кога одиме на света Литургија – рече Светиот Отец – тоа е исто како да одиме на Голгота. Замислете: кога одиме на Голгота, во тој момент ние знаеме дека таму е тој човек Исус. Сепак ние озборуваме, се сликаме, правиме малку и претстава? Тоа не смееме да го правиме затоа што тоа е Исус! Мораме да бидеме во тишина, да плачеме и да се радуваме затоа што сме спасени. Кога влегуваме во црквата да славиме света Литургија мораме да мислиме: влегуваме на Голгота, каде Исус го даде својот живот за нас. Тогаш исчезнуваат претставите, исчезнуваат озборувањата, коментарите и останатите работи кои нè одалечуваат од таа убавина, од светата Литургија, од Исусовата победа.

Мислам дека сега е појасно – изрази папата Фрањо надеж и повтори дека смртта и воскресението Исусово секогаш се присутни и делотворни кога ја славиме светата Литургија, односно спомен чинот. Учествувањето во светата Литургија нè воведува во Христовото пасхално таинство давајќи ни да преминеме со Него од смрт во живот. Светата Литургија повторно е доживување на Голгота, а не претстава.

На крајот од својата катехеза за време на Генералната аудиенција на плоштадот Свети Петар, Папата ги поздрави сите присутни ходочасници, а посебно се обрати до младите препорачувајќи им да растат во верата и љубовта кон ближниот преку примерот на денешната светица, маченицата Цецилија, која во себе имала чиста и бесусловна љубов.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот