Сарај: Промовиран „Мал едукативен буквар“

Сарај: Промовиран „Мал едукативен буквар“

Во недела 20 јули 2025 година во Едукативниот центар на Македонски Каритас во Сарај (општина Босилово) се одржа промоција на „Мал едукативен буквар“, како и на книгата „Ги утешија браќата“ и брошурата „Света Исповед – Светата Тајна покајание“.

На промоцијата присуствуваше Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх, градоначалникот на општина Босилово м-р Ристо Манчев со неговата сопруга д-р спец. Љубинка Манчева, директорот на Македонски Каритас протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, свештеници, чесни сестри Евхаристинки и бројни гости и верници.

„Мал едукативен буквар“ го промовираа вработените во Едукативниот центар во Сарај, сестра Ана Тантушева, Грозданка Спасова и м-р Наталија Стојанова, додека делови од книгата читаше Петранка Христова. Печатењето на „Мал eдукативен буквар“ го овозоможи Реновабис, а поддржано од Македонски Каритас. Автор е отец д-р Зоран И. Стојанов и Едукативниот центар Сарај.

Книгата „Ги утешија браќата“ од отец д-р Зоран И. Стојанов ја промовираше отец м-р Ванчо Назов, во која ја истакна важноста на оваа книга посебно во поглед на Паљурци, како духовно светилиште на македонскиот народ. Делови од неа читаше Бојана Појразова.

Брошурата „Света Исповед – Светата Тајна покајание“ во уредништво на отец д-р Зоран И. Стојанов ја промовираше отец Гоце Костов, кој рече дека брошура не смее да се зема само како книга за читање, тоа и не е намерата на авторот, туку да биде инструмент за помош при исповедта. Делови од брошурата читаше Кирил Динов.

Епископот Стојанов обраќајќи се до директорот и вработените на Македонски Каритас се заблагодари за се она што го прават за доброто на луѓето во потреба, поттикнувајќи ги и понатаму да продолжат да бидат милосрдното лице на Црквата.

Збор на благодарност на крајот упати директорот на Македонски Каритас протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, кој воедно на епископот Стојанов, во име на сите присутни, му го честита 20 годишниот јубилеј од именувањето за ординариј на Скопска бискупија и Апостолскиот егзархат, сега воздигнат во Струмичко-скопска епархија.

Настанот го организира Македонски Каритас, водител на промоцијата беше Величе Илиева, а музичките точки беа во изведба на Томе Васиќ, Филип Костов и Лука Костов.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот