Од проповедта на Папата: Само Исус Христос е Спасител на светот
Треба ли да веруваме во Исус, носителот на пораката која го спасува човештвото или да се навеваме во спасението кое е плод на „човечките заповеди“, праша Светиот Отец во проповедта на светата Литургија на 3 октомври во домот Света Марта.
Бог го сака спасението на човештвото, но проблемот е во тоа што човекот често сака да ги наметнува правилата на спасение. Тоа е драматичниот парадокс на многу библиски страници кој го достигна врвот во Исусовиот земски живот – рече папата Фрањо коментирајќи го делот од Евангелието, во кој Исус ја изразува својата горчина, бидејќи Неговиот народ не Го прифаќа, а неговиот град свртува грб на неговата порака.
„Ако во Тир и Сидон се беа извршиле чудесата што станаа кај вас, – Исусовото предупредување е на градовите Хоразин и Витсаида – тие одамна ќе се покајаа.“ Во ова строга но и горчлива споредба сумирана е целата историја на спасението. Како што пред Него ги отфрлаа и убиваа пророците „бидејќи биле непријатни“, сега истото го прават со Исус. Тоа е драмата на спротивставување на спасението, која ја предизвикувале народните старешини – рече Папата додавајќи:
Народните управители се спротивставуваат на начинот на кој Бог сака да нè спаси, а тоа се објаснува во Исусовите остри зборови на истите управители: се расправаат, Го искушуваат, Му поставуваат замки, тоа е спротивставување на спасението. Исус пак им вели: Не ве разбирам! Вие сте како деца: „Ви свиревме и не игравте; ви пеевме жални песни и не плачевте.“ Тоа е отфрлање на Божјото спасение – рече Светиот Отец.
Не се однесува така „верниот народ“ бидејќи го разбира и „прифаќа“ Исусовото спасение, а не спасението на народните старешини содржано во 613 заповеди кои се плод на „нивната интелектуална и теолошка треска“ – рече Папата додавајќи дека народните старешини веруваат во жртви, а не во милосрдие и простување. Веруваат во сè воспоставено, уредно и јасно, а тоа е драмата на спротивставување на спасението – објасни Папата додавајќи дека секој во себе таа драма ја носи.
Добро би било да се прашаме: Какво спасение сакам? На свој начин? На начин на добра духовност која ми се допаѓа која е цврста, јасна и безопасна. Или на Божји начин, на Исусов начин, кој секогаш нè изненадува, кој секогаш ни го отвора таинството. Божјата семоќност односно милосрдието и простувањето? Ќе ни биде добро ако сфатиме дека таа драма е во нашето срце; ако размислиме за тоа дали ја мешаме слободата и автономијата; дали избираме спасение кое ние го сметаме за „праведно“?
Верувам ли дека Исус е Учител кој нè учи за спасението или одам насекаде да ангажирам гуру за да ме учи на поинакво спасение. Се сокривам ли зад прописите и бројните човечки заповеди за да бидам „сигурен“ и со таа сигурност „го купувам“ спасението или го избирам спасението кое Исус го дава бесплатно? Би било добро за тоа да се преиспитаме и на крајот да се прашаме: „Се спротивставувам ли на Исусовото спасение“ – заврши Светиот Отец.
РВ/Д.И.
2270