Прифаќањето на Божиќната порака го спасува човештвото од три вида на темнина: личните гревови, социјалните нереди, губењето на надеж за една вечна иднина.
Исус се раѓа за сите. Се раѓа за оние кои веруваат и за оние кои тврдат дека не веруват; се раѓа за оние кои работат, кои страдаат, кои се надеваат да изградат еден подобар свет, иако уморни и разочарани, живеат во агонија. На сите им е понудена Божиќната среќа, сите можат да го примат Словото, Божјото Слово кое стана тело, сите можат ширум да ги отворат вратите со цел ние, во Исус Синот на Отецот, да станеме синови Божји. Ако му ја отвориме вратата, ќе станеме автентични мажи и жени, способни за опростување, за љубов, способни да ја пренесеме веста за спасението.
Прологот од Евангелието според Иван е теолошка химна, голема религиска поезија, богата со концепти на животот, на светлината, на темнината, на прифаќањето, на отфрлањето, на Словото кое го поставува својот шатор меѓу нас. Овој текст ни нуди два израза: „Светлината свети во темнината, но мракот не ја прифати“ и „На оние кои ја прифатиле, им даде можност да станаат синови Божји“ (сп. Ив 1, 1-5. 9-14).
Во нашата човечка историја и во нашето лично искуство можеме да разликуваме три вида на темнина. Оние, на пример, кои се состојат од индивидуалните злосторства кои го затемнуваат и му даваат лоша слика на човештвото: насилството, киднапирањата, кражбите, предавствата, нечесноста, неверноста; тие ја засенуваат душата на оној кој ги извршува овие злосторства и тие се темнината на нашите лични гревови.
Вториот вид на темнина се оние кои може да ги наречеме социјални нереди, форми на нереди кои го расипуваат општеството: криза за вработување, економска криза, распространета корупција, политичка криза во која се губи смислата и причината да се биде заедно, раздорот, конфликтите, војните. (…) Овие феномени се нарекуваат темнина доколку се плод на погрешни определувања, на неинтелигентни акти, на немање јасни идеи, на погрешно разбирање за општествениот и цивилен процес, на непочитувањето на условите за автентичен развој на една заедница на луѓе; тие се гревови на волјата и на заедничката интелигенција, последици на колективниот неред на чувствата и на раширената морална и ментална мрзеливост.
Сепак, најлоши од овие општествени гревови е темнината изградена од една култура, еден менталитет кој, губејќи ја смислата на најголемите вредности, не ја пронаоѓа повеќе во себе ниту силата за повторно да се ориентира, да ја тргне од себе маската, за да ги надмине и да им се спротивстави на социјалните нереди. Тоа е темнината која се однесува на последниот суд врз животот и смртта, врз значењето на човечкото постоење, за тоа зошто сме ние овде на земјата; тоа всушност е губењето на надежта за една вечна иднина, најчеста и најтвордкорна темнина, за која евангелистот Иван зборува: „Светлината во темнина свети и мракот не ја опфати“. На оваа темнина ѝ се спротивставува Божиќното Евангелие со прифаќањето на Словото Божјо: „На сите што Го примија им даде можност да станат синови Божји“. Спасението од темнината доаѓа преку прифаќањето на божиќната порака, со прифаќањето на Спасителот кој е роден за нас. И преку тоа ние сме просветлени и обновени за да ги спознаеме вечните вредности, оние трајни добра кои од животот прават достојно постоење, односно, постоење на деца Божји; тие се вредности на верата и надежта, вредности кои го обновуваат хоризонтот на значењето во кое се сместени човечките настани, дури оние најочајните и најбедните, за да имаат сила да излезат со љубов.
монс. Ренато Бокардо/З.А.