РОДЕНДЕНСКА ЖУРКА НА МАЈКА ТЕРЕЗА
Има една девојка која многумина ја сметаа за „чудна“. За неа многумина велеа дека не е целосно присебна. Често велеа дека таа не знае што е живот. Девојче која веќе од своето раѓање се разликуваше од своите врсници. А да биде уште поинтересна ситуацијата, таа жена е родена во Скопје! Да, родена е токму на денешен ден пред 104 години во една скромна куќа во христијанско семејство спроти денешната монументална фонтана на Александар. Си го живеше животот така како мислеше дека е највредно да се живее, онака како срцето и наредуваше. Едноставно речено, живеше по нејзината совест (поим кој уште тогаш не беше многу популарен, а да не проблематизираме за наше време). Таа девојка од никого не беше забележана, никакви камери не се вртеа околу неа, друштвото премногу не беше заинтересирано за неа, но сепак, таа живееше со полни гради, полна со животна енергија и ентузијазам. Како и секое младо девојче, и таа си мечтаеше. Да, сонуваше дека кога ке порасне сака својот живот да го подари помагајќи на оние најсиромашните, најзагрозените.
По извесно време, дотичната девојка си замина од Скопје. Претпоставуваме дека многумина велеа не ѝ беше местото тука, и подобро што си отиде! Често пати се прашуваа: а знае ли некој каде замина? Одговорот гласеше во Даблин, Ирска, на што со потсмев ќе кажеа: па да, во Ирска има многу сиромашни, барем ќе си го оствари својот животен сон – да им помага на сиромашните!
По овие случувања нејзините сограѓани едноставно заборавија дека таа воопшто постои. Си мислеа дека е некаде во Даблин или пак некој друг град во Ирска и „си го живее својот животен сон“. Едноставно речено, никој веќе премногу не се интересираше за неа.
Во меѓувреме, Скопјанката многу брзо ја напушти Ирска и замина во Индија, во Калкута каде што навистина ѝ се оствари животниот сон: да им помага на сиромашните. Целиот свој живот им го предаде на напуштените, незгрижените, болните, сиромашните, маргинализираните.
Инаку, несфатената Скопјанка се вика Гонџа. Периодот кога живееше во Даблин е периодот кога го направи својот прв чекор да стане католичка монахиња. По многу краток период во Калкута стана позната како Мајка Тереза. Неколку години по нејзиното доаѓање во Индија, поточно во 1950 година основаше ново монашко општество во Католичката Црква кој се вика МИСИОНЕРКИ НА ЉУБОВТА.
Во тие години полека почна да се шири гласот за неа, Мајка Тереза, основателка на ново монашко општество. Бидејќи во Скопје повеќето не се католици, не беа заинтересирани за овој значаен настан.
По основањето на монашкото општество, заедно со нејзините монахињи скромно и без никакви очекувања си го живееа животот онака како го замислуваа од детството: помагајќи на другите.
И така сѐ до 1979 година кога целиот свет сѐ дозна за Мајка Тереза – добитничка на Нобеловата награда за мир! Каква чест!
И многу интересно, сите Скопјани, одеднаш, се гордеат со нашата Мајка Тереза! Таа е Скопјанка! Велат: одсекогаш сме знаеле дека од неа ќе биде нешто големо! Сите насловни страници на весниците пишуваа за нобеловката од Скопје, за најголемата ќерка на Скопје, за гордоста на Скопје! Секако дека е така, но, да се вратиме педесетина години порано. Да се вратиме во време на малолетнатаГонџа, во време на девојчето кое е чудно, не е целосно присебно, не знае што е живот…. Сметам дека коментар не е потребен.
На 19 октомври 2003 година папата Иван Павле II. ја прогласи Мајка Тереза за блажена, а се очекува скоро прогласување на светица на Католичката Црква!
Драги Скопјани, мои сограѓани, луѓе со добра волја!
Простете ми ако сум малку ироничен. Сѐ што сакав да кажам со ове мое скромно размислување по повод 104. роденден на Мајка Тереза е следното: во животот е најважно да го слушаш срцето. Не вреди да имаш сѐ, ако не си среќен – погледни ја Мајка Тереза немаше ништо, но беше полна со живот. Нејзиниот пример денес ни говори: драг брате, драга сестро, биди свој, следи ги своите сништа. Прави сѐ што сакаш, но сепак внимавај, сето тоа што го правиш, прави го од љубов кон ближниот – сепак тоа е срцето на христијанството. Исус тоа нѐ учеше: сакај го својот ближен како самиот себе! Ако така живееш, никогаш нема да умреш, ќе бидеш награден со вечен живот во Небеското царство.
Велат дека колачето оди на крај. Ќе ја потврдам изјавата со неколку изреки на Мајка Тереза, но денес не Мајка Тереза од Калкута, туку Мајка Тереза од Скопје:
„Човекот е неразбран, нелогичен и себичен
НЕ Е ВАЖНО, САКАЈ ГО!
Ако правиш добро, тоа ќе го припишат на твоите себични цели
НЕ Е ВАЖНО, ПРАВИ ДОБРО!
Ако ги остваруваш целите свои, ќе најдеш лажни пријатели и искрени непријатели
НЕ Е ВАЖНО, ОСТВАРУВАЈ ГИ СВОИТЕ ЦЕЛИ!
Доброто што го правиш, утре ќе биде заборавено
НЕ Е ВАЖНО, БИДИ ИСКРЕН!
Човечноста и искреноста ќе те направат ранлив
НЕ Е ВАЖНО, СОЗДАВАЈ!
Ако им помагаш на луѓето, можеш лошо да поминеш
НЕ Е ВАЖНО, ПОМАГАЈ ИМ!
На светот му го даваш најдоброто од себе, а тој ќе ти возрвати со удари
НЕ Е ВАЖНО, ДАВАЈ ГО НАЈДОБРОТО ОД СЕБЕ!“
ОВА Е РОДЕНДЕНСКАТА ЖУРКА НА МАЈКА ТЕРЕЗА, ПРИДРУЖИ СЕ И ТИ!
Емануел Матес, богослов од Скопје
*Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Католици.мк