На 17 февруари 2017година, реновираниот центар на Македонски Каритас во населба Шуто Оризари беше беше посетен од Н.Е. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх, Н.Е. г-дин Јацек Мултановски, амбасадор на Република Полска во Република Македонија, монс. Антун Циримотиќ, директор на Македонски Каритас, дон Давор Топиќ, скопски парох и декан, како и од претставници на невладини организации и гости.
На самиот почеток бискупот Стојанов го благослови реновираниот центар и ја изрази својата радост што во овој центар на Македонски Каритас веќе 25 години се имплементираат разни хуманитарно – социјални проекти и со тоа овој центар служи за доброто на целата заедница. „Изразувам искрена благодарност до Амбасадата на Република Полска и особено до Вас господине амбасадоре, што ја препознавте потребата од реновирање на објектот и го поддржавте овој проект со грант од Полската развојна програма на Министерството за надворешни работи на Република Полска“, истакна меѓу другото бискупот Стојанов. До децата кои го посетуваат центарот бискупот Стојанов упати желба да ги искористат едукативните можности кои им се нудат тука.
Амбасадорот на Република Полска, г-дин Јацек Мултановски, истакна дека денес можат да се видат резултатите од заедничкиот проект на Полската амбасада и на Македонски Каритас. Тој меѓу другото истакна, дека се цени многу работата на Каритас и помошта што се дава на луѓето во потреба.
Од името на Македонски Каритас, директорот монс. Антун Циримотиќ, исто така изрази благодарност до Полската амбасада и амбасадорот, при што истакна дека најголема инвестиција е кога се вложува во луѓето, кога им се помага на луѓето да се развијат како личности и се оспособуваат за во иднина да го продолжат своето образование.
Свој настап имаа и самите деца, кои на присутните им се претставија со кратка театарска изведба во знак на благодарност. На самиот крај децата добија поклони од страна на амбасадорот г-дин Јацек Мултановски.
к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк