Регионална конференција на Каритас Европа 2020

Регионална конференција на Каритас Европа 2020

Поради глобалната пандемија со Ковид-19 овогодинешната Регионална конференција на Каритас Европа 2020, која што требаше да се одржи во Андора, се одржа на 19 мај 2020 година виртуелно по пат на видео конференција, на која што учество зедоа претставници од 42. национални Каритас организации. Како полноправен член на Каритас Европа, Македонски Каритас беше застапен од страна на директорот дон Паво Шекерија.

На оваа Регионална конференција за нов претседател на Каритас Европа е избран монс. Михаел Ландау, претседател на Каритас Австрија, којшто во своето обраќање освен што ја изрази благодарноста за довербата која му е доверена, подвлече дека „моменталната криза нагласува дека сите ние сносиме одговорност, за самите себе и за другите, за најранливите, и за планетата. Токму во овој момент, се бара хуманост и солидарност од секој од нас. Не можеме да промениме сѐ. Но ако сакаме, можеме да промениме многу. Заедно. Во духот на љубов и солидарност. Да се фокусираме на можностите кои ги имаме. Да се фокусираме на нашите предности. Да не изоставиме никого.“ За нова вице-претседателка на Каритас Европа е избрана Наталиjа Пеиро Перез, генерална секретарка на Каритас Шпанија.

Во своето последно обраќање, досегашниот претседател, монс. Лук Ван Лој, бискуп емеритус на Гент (Белгија), којшто ја водеше мрежата на Каритас Европа во последните пет години, ја нагласи грижата на Каритас за оние во потреба, како и поврзаноста со поголемото семејство на Каритас. Таа поврзаност ги прави локалните и национални Каритас организации да бидат отворени за потребите на сите луѓе.

Генералната секретарка на Каритас Европа, Мариjа Ниман, меѓу другото се осврна на енцикликата “Laudato Si”, која ќе биде важен документ за Каритас во годините пред нас. „Иако нашата мисија останува непроменета, ние како Каритас секогаш се стремиме да одговориме на „знаците на времињата“. Нашата идна стратегија ќе ја интегрира грижата за созданието во неговите главни приоритети, како средство за промовирање на социјална правда и достоинство на луѓето на кои им служиме како мрежа. Исто така стана јасно дека промовирањето на вклученоста на младите во Каритас ќе биде уште една главна карактеристика во нашата работа во наредните осум години“.

Следната Регионална конференција на Каритас Европа ќе се одржи во Андора од 10-12 мај 2021 година.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот