Радово: Молитва за мир во Македонија
Во недела 17 мај во парохиската црква „Свети Пророк Илија“ во Радово, на молебенот до Пресвета Богородица се молеше за мир во Македонија. Побожноста, посветена за мир беше пропратена со симболично предавање на запалена свеќа, која кружеше меѓу верниците за време на молебенот. Свеќата симболизира светло Христово, затоа и парохот д-р Зоран И. Стојанов во своето слово упатено по повод заедничката молитва за мир, нагласи: „Мирот е дар, затоа тој дар треба да го чуваме и посакуваме, се друго кое е спротивно на мирот не е од Бога. Единствениот кој сака страдање на човекот е ѓаволот. Ѓаволот е најнесреќниот на светот, зашто не може да влезе во рајот, во Божјото царство. Никогаш нема да може да го поднесе Светлото односно Христос Бог. За да не биде сам во страдањето си бара ортаци, односно жртви, така и луѓето кои се несреќни бараат свои ортаци и жртви, преку страдање на братот, сестрата, соседот… Да се молиме драги браќа и сестри во нашиот народ да преовладее мирот…“
Мајската набожност, во месецот посветен на Марија – мај, во парохијата „Свети Пророк Илија“ – Радово се моли секој ден.
Молитва за Татковината
О, Боже, Ти си неизмерна мудрост, Ти сé чудесно управуваш и водиш. Ти се молиме за нашата татковина. Дај им вистинска мудрост на мажите и на жените кои се одговорни за заедничкото добро, а на сите нас чесност за да владее слога и правда и да живееме во мир и благосостојба преку Христос, нашиот Господ. Амин. (Извор на животот стр.54).
к.мк/Наталија С.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк