Радово го прослави празникот Марија од Назарет и 100 години од постоењето на парохијата

Парохијата Свети Пророк Илија – Радово во недела 5 октомври со свечена архиерејска Литургија го прослави празникот Марија од Назарет и 100 години од постоењето на парохијата. Светата Литургија ја предводеше монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостослки егзарх во Македонија, во заедништво со свештеници од Апостолскиот егзархат во Македонија.

Во проповедта епископот Стојанов се осврна на неделното Евангелие за жената Хананејка, која се охрабри да пристапи кон Исус и од љубов кон својата ќерка да моли за да и се помогне. (…) „Луѓето се однесуваат така што кон другиот се поставуваат прво би рекол „инфорамтивно“ што значи дека кај ближниот гледаат кој е тој, каков е, какво му е минатото, како се однесува. Штотуку така „добро“ информирани се одлучуваат на доверба или соработка и љубов со бликжниот. Тоа е наш редовен начин на размислување. Постојано сме во опасност приближно така да се поставиме и кон Бога. Кога молиме, кога нешто ветуваме, кога се заветуваме во нашата душа се раѓа уценување на Бога, погодување со Бога. Ако ти ми дадаеш тоа јас ќе ти возвратам на овој начин. Со еден збор во нашиот христијански живот често спрема Бога постои трговски однос. Во овој случај примерот на оваа жена е поинаков. Таа нема предрасуди, таа нема сметка, нема услов, има само доверба и љубов. Затоа е подготвена да поднесе понижување, напор и секаква жртва.“ (…) Кај таа жена од „довербата и љубовта се јавила верата. Затоа во односот со Бога првиот став е прифаќање и доверба во Бога затоа што е Бог. Љубов кон Бог затоа што е Бог. А како плод на тој став се јавува верата како награда.“

Во продлжение на својата проповед владиката Стојанов ја истакна важноста на Богородица за парохијата. „Драги браќа и сестри, што сме Мариини и што постоиме и што можеме да го славиме овој 100 годишен Јубилеј од постоењето на оваа наша парохија треба да бидеме благодарни на нашите претци. Нашите предци и покрај сите свои страдања за својата вера, тешкотии, измачувања и протерувња од своите вековни огништа, а ни овде не им цветале рози, сепак останаа верни на Исуса воскреснатиот полни со доверба и љубов кон Него. Како и жената Хананејка така и нашите предци не потпаднаа на искушенијата кои ги имаа во текот на својот живот за својата вера. Зарем ние ќе бидеме предавници на своите предци, а пред сѐ на својата вера која ја наследивме од нив, а за која и своите животи ги дадоа. Во името на сите одговарам: Не Боже. Сакаме да останеме верни на своите предци и на својата вера, а за сето тоа молиме силен и  моќен заговор од нашата Небесна Мајка – Марија од Назарет, која ги чуваше нашите предци во оваа долина на солзите и нека нѐ чува и штити и нас нејзините чеда и во сите наши мигови нека нѐ прати Божјиот благослов“ – рече епископот Стојанов завршувајќи ја својата проповед.

На крајот од светата Литургија парохот о. д-р Зоран Стојанов се заблагодари на Бог за овој јубилеј, на епископот Стојанов за неговото присуство и проповеди овие два дена и на сите оние кои на свој начин допринесоа во организацијата на овој голем историски настан за Радово. Отец Зоран ги спомна и сите поранешни и сегашни свештеници произлезени од Радово, како и монашките заедници во кои има чесни сестри од оваа парохија.

На овој голем настан претходеше тродневница, на која верниците духовно се подготвија за прославата на овој празник.

к.мк/го*ко

Категорија: Македонија

За авторот