Радио Марија Македонија прослави три години постоење

Радио Марија Македонија прослави три години постоење

Во предвечерието на празникот Безгрешно зачнување на Богородица, 7 декември 2017 година во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ – Скопје се служеше света Литургија по повод 3 години постоење на Радио Марија Македонија. Светата Литургија ја предводеше директорот на радиото о. Гоце Костов, во заедништво со поранешниот директор монс. Антун Циримотиќ. На Литургијата, покрај директно вклучените во работата на радиото присуствуваа волонтери и симпатизери на радиото.

На почетокот од Литургија о. Гоце Костов се заблагодари на сите оние кои на свој начин допринесоа за основањето на радиото, пред сѐ на монс. д-р Киро Стојанов, монс. Циримотиќ, и претседателката на здружението г-ѓа Катица Трајковска Абјаниќ. Во проповедта тој истакна: Ако ова Евангелие го примениме на самото Радио ќе видиме дека има нешто заедничко, а тоа е навестувањето на Словото Божјо. Бог навестува преку ангели, преку својот Син, Богородица навестува на нејзината роднина Елисавета, апостолите навестувааат, Црквата навестува, ти и јас треба да навестуваме. И токму како во Назарет кога Бог се послужи со ангелот Гавриил за да ѝ навести на Богородица, така и денес Бог нѐ повикува да навестуваме, а на нас конкретно ни нуди модерна алатка за навестувањето, која Бог преку својата провидност го вметна ова Радио на Марија токму на овие простори и на ова место.

Евангелието спомнува и за Елисавета, роднината на Марија. Во продолжение на денешното Евангелие Богородица заминува во ридскиот крај, во градот Јудин, во посета на Елисавета. Тоа е моментот кога Богородица повеќе не може да ја задржи радоста за тоа дека се стави на располагање на Бог и токму таа радост сакаше и мораше да ја сподели со некој. Ја носи радоста за живиот Бог во куќата на Елисавета.

Токму тоа послание го имаме и ние денес како и Богоордица, да бидеме опфатени од радоста за присутноста Божја со нас, во нашите животи и преку Радиото да ја внесеме радоста во секој христијански дом.

Прославата продолжи со средба на волонтерите во зградата каде е сместено студиото на Радио Марија Македонија, која помина во заедништво, разговор и размена на идеи.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот