Професор Џовањоли за папата Фрањо во 2014 година

Од апостолските патувања па до залагањата за мир, од одбраната на христијаните до културата на среќавање, тоа се само некои од важните точки кои ги истакнуваше папата Фрањо во 2014 година,

кога уште повеќе се потврди популарноста на Петровиот наследник не само во црковната средина, туку и во „далечните светови“, истакна во разговорот за Радио Ватикан историчарот Августин Џовањоли, професор на Католичкиот универзитет во Милано.

Нормално е што овој Папа за сите е симпатичен. Ако за 2013 година претставуваше новост, таа новост не се изгуби во 2014 година, напротив, привлечноста на Папата се покажа на многу начини. Ќе го истакнам примерот што може да изгледа спореден: Папата своите утрински проповеди во Домот Света Марта, ги претвори во вест која многумина ја коментираат. Евидентно е дека Папата истовремено успева да допре во „жиците“ што се однесуваат на животот на обичните луѓе и на проблемите на денешниот свет, ставајќи ја Црквата во средиштето на животот, на целиот свет, рече професорот Џовањоли.

На прашањето како христијанската заедница одговара на поттикот на папата Фрањо, професорот рече дека највредниот одговор најмалку се забележува. Папата Фрањо во прв ред мисли на реформата на срцето, а не на структурална реформа. Затоа е многу тешко да се измери вистинскиот дострел на неговото делување. Промената која тој постојано ја истакнува, во клучните моменти избива на површина; мислам на Епископската синода, на слободната расправа што тој ја поттикна и која во настапот на синодалните оци јасно се виде, забележа професорот.

На забелешката дека Папата ја поттикнува културата на среќавање, рече дека културата на среќавање и личната дипломатија на папата Фрањо, чиј мудар и вреден подржувач е кардиналот Паролин, државниот секретар, дава многу плодови во разни сфери. Случајот со Куба е навистина најинтересен и најважен; впрочем, помирувањето меѓу Куба и САД, кое го поттикна папата Фрањо, има многу важно историско значење; спорот на некој начин беше симбол на раздорот меѓу Северна и Јужна Америка, тој проблем се провлекуваше од половината на минатиот век, а влијаеше на животот на Црквата, истакна професорот.

На забелешката дека христијаните се постојани жртви на прогонствата, професорот истакна дека рамнодушноста, посебно на западниот свет, кон прогонетите христијани во останатите делови на светот, е негативна порака не само до прогонетите христијани туку и до христијаните од Западот и во самата Европа. Изгледа како преку таа рамнодушност да се покажува некој вид на „опростување од историјата“, како што знаеше да каже и почесниот Папата, претходникот на папата Фрањо, заклучи професорот Џовањоли.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот