Прославен патрониот празник „Успение на Пресвета Богородица“ во Нова Маала
Во сабота навечер на 27 август, во предвечерието на патрониот празник „Успение на Пресвета Богородица“, во Нова Маала се служеше света Архиерејска Богослужба предводена од неговото Високопреосвештенство, Апостолскиот егзарх во Македонија и Скопски бискуп д-р Киро Стојанов, во сослужение на повеќе свештеници од Апостолскиот егзархат како и од Скопската бискупија. Богослужното славење беше возвеличено со присуството на високиот гостин, неговото високопреосвештенство, Дубровничкиот бискуп монс. Мате Узиниќ во придружба на генералниот викар од истата бискупија, монс. д-р Петар Палиќ.
Пред почетокот на Светата Литургија имаше процесија околу Црквата со статутата на Пресвета Богородица, придружувана од министрантите, младите во народна носија, свештенството и од сите верници пропратена со пригодни богородични песни.
Во оваа прилика епископот Стојанов го благослови новиот крст во црковниот двор и новите лустери, кои се дар од месното население.
Бискупот Киро Стојанов, пред самиот духовен наговор им посака на сите верници од парохијата овој парохиски празник да им донесе благослов и благодат со благословот на новиот крст, истовремено заблагодарувајќи им се на сите донатори кои потпомогнаа сето тоа да се реализира.
Во пригодната проповед, монс. Мате Узиниќ порача дека овој празник, Вознесувањето на „Пресвета Боготродица во Небото“ е празник кој сака да ни препорачи не за онаа што се однесува за минатото, туку сака да не насочи кон иднината, иднината за спасените на небото. Исто така, размислувајќи на читањето од Евангелето според Лука, кое источната литургија го користи за овој празник, сака да нѐ предупреди дека можни се три различни пристапи на христијаните во сегашноста. Тоа сме ние христијаните, како Марта од Евангелето, кои сме премногу приврзани за овоземското, а немаме време за божественото, и не можеме да бидеме вознесени на небото како Пресвета Марија. Исто така вториот пристап сме тие кои, како Марија сестрата на Марта, премногу се приврзува на духовното, а не живее и не се интересираме во однос на оние кои се во потреба, и не сме способни да бидеме вознесени на небото. Третиот пристап е оној вистинскиот кој како Пресвета Богородица го слушала Божјиот збор, го чувала во себе и живеела според него.
На крајот од светата Литургија, парохот о. Спасо Ристов се заблагодари на татковската присутност на нашиот владика, се заблагодари за пригодната проповед на бискупот монс. Мате Узиниќ, како и на браќата свештеници и сите верници, што придонесоа свечено да се прослави овој голем празник, по кое заврши со многолетствие.
к.мк/З.А:
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк