Прославен патрониот празник на Струмичката катедрала

Прославен патрониот празник на Струмичката катедрала

На празникот Успение на Пресвета Богородица, 28 август 2018 година, Н.В.П. д-р Киро Стојанов служеше архиерејска Литургија во истоимената Катедрална црква во Струмица во заедништво со свештеници од Струмичко – скопската епархија и Скопска бискупија.

Во својата проповед епископот Стојанов истакна: „Факт дека празнуваме конечна прослава на нејзиното Успение, вознесение на небо, е доказ дека Марија била изземена од источниот грев и дека нејзиниот живот од зачнување сѐ до гробот може да се собере само во една единствена реченица: нека ми биде според зборовите Твои. Што значи, Марија како нова Ева, ниту еднаш не попуштила на искушенијата, туку целиот свој живот била верна слушателка и исполнителка на Божјото слово. Таа сигурност на која се потпира на Божјото слово не ја поколебува ни во навестувањето, ниту во сиромашното раѓање во Витлеем, не ја напушта ниту на Голгота ниту на денот на Вознесението… Таа е Жена со силна вера, и покрај силните рани останува исправена пред својот Бог во сѐ на неговата волја. Како ниту во едно искушение не попуштила така не можела да ја снајде ниту една последица од гревот. Не смееме да претераме, ниту таа не била ослободена од искушенијата, но останала целосно верна дека Бог во секое свое слово е надеж и сигурност. Затоа од самиот почеток на христијанството Црквата верувала дека телото на Марија не било зафатено од расипноста на гробот. Денес нашиот поглед е полн со восхит и целосна надеж загледан во Марија нашата најмоќна Мајка.

(…) Денес на овој голем празник „Успение на Пресвета Богородица“ на кого е посветена оваа наша Катедрала и под чија што заштита се наоѓа оваа наша парохиска заедница и целата наша новосоздадена Епархија, што неодамна Светиот отец папа Фрањо Апостолскиот Егзархат го воздигна во Епархија „Успение на Пресвета Богородица во Струмица – Скопје или струмичко –скопска епархија, молиме Пресвета Дева Марија да нѐ научи да веруваме во Божјото слово и тогаш кога тоа Слово сече како остар меч или смирува како тивок ветрец. Во верноста на Божјото слово нека ни измоли сила да пронајдеме време својата работа да ја усогласиме со молитвата и на тој начин да го наследиме  Исусовото ветување: „Блажени се оние што го слушат словото и го пазат“.

Кон крајот на Литургијата протоереј ставрофор о. Георги Трајков се заблагодари на епископот Стојанов и свештениците за нивното присуство, како и на сите оние кои дадоа свој допринос во подготовката на прославата на патрониот празник на Катедралната црква.

Во продолжение на свеченоста епископот Стојанов го благослови агапе приготвено од црковниот одбор, како знак на заедништвото на верните.

За време на Литургијата пееше Катедралниот хор под раководство на сестра Тереза Стојкова.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот