На патрониот празник на парохијата „Свети Пророк Илија“ Радово, 2 август 2021 година Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх служеше света архиерејска Литругија во сослужение на парохот и декан о. д-р Зоран И. Стојанов, парохискиот викар о. Трајче Ташев, катедралниот парох во Скопје и декан дон Паво Шекерија и други свештеници од Струмичко – скопската епархија, Скопска бискупија и Крижевска епархија.
На почетокот од својата проповед епископот Стојанов ги поздрави свештениците, чесните сестри, верниците, гостите и верниците од дијаспората, а потоа се осврна празникот и заштитникот на парохијата во Радово, светиот пророк Илија. При тоа го постави прашањето: Што ќе научиме од нашиот небесен заштитник? Да бидеме неустрашливи борци за својата вера во Христос и вистински наследници на своите претци за да не мора свети Илија и нас да нѐ предупредува. Да се вратиме на своите корени.
Потоа епископот Стојанов рече: Посакувам свети Илија да измоли милости и благодат за вас и вашите семејства, за оваа наша парохија и сите наши верници кои живеат надвор од оваа парохија. Нека бидат благословени од Бога преку застапништвото на свети пророк Илија.
На крајот од светата Литургија во дворот на Црквата владиката Стојанов го благослови заедничкото агапе приготвено од црковниот одбор и верниците.
К.мк