Проповед на Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс. д-р Киро Стојанов на празникот Свети пророк Илија во Радово
Божјиот оптимизам
Драги браќа и сестри, славејќи го празникот на Божјиот пророк свети Илија, секоја година се собираме за да се помолиме и побараме застапништво од тој моќен Божји човек и да размислиме која порака ни ја носи овој патронен празник. Се наоѓаме на врвот на летото во време на годишните одмори што кај нас би рекол сѐ уште не е некоја си болест дека кончено мора да се оди на одмор, но на запад е познато дека во некои земји во летните месеци сѐ застанува, како на пример во Италија „фер агосто“. Нашите предци не ги познавале таквите текови на модерното време, за нив постоел ритам на одмор што го диктирале црковните празници. А работата понекогаш била многу исцрпувачка, но во тоа време луѓето живееле со природата и природата никогаш не била неизбалансирана, туку секогаш хармонична. Како што се изменува ноќта и денот, временскиот период, така хармонично се изменувало повеќе или помалку и времето за одмор и времето за работа. Со појавата на т.н. Индустриска револуција во 18 столетие, човештвото како во Европа, така и во Америка започнало сѐ помалку да живее со природата и природното. Работата во фабриките не познавала годишни времиња, а во капитализмот ниту работно време. Така човештвото веќе две и пол столетија е брз воз кој без глава брза со новите пронаоѓања, со новите можности и кој ќе доспее навреме да се качи на тој воз тој оди напред, а кој не, тој останува и така се зголемува бројот на невработените што неуспеале навреме да го фатат возот за да одат напред. Појавата која автоматски се јавува е прашање на вистински вредности, бидејќи не е сигурно, дали сето индустриско производство е корисно и потребно. И така се јавува ново општество т.н. конзумизам, се произведува за да се троши, се троши дури и се уништува за да се купува ново.
Да се присетиме на било кој програма на телевизијата, кој е поплавен со реклами, и што вчера било нешто незмерно ново и вредно дури чудесно, денес повеќе не вреди. За жал, тој менталитет на индустринското производство ги опфати сите области, како и фармацијата. Еден лек повеќе нема, наводно е штетен, а после тоа се нуди нов како сѐ да спасува. Често се чувствуваме збунети и измамени. Зошто на овој ден говорам на оваа тема. Заради тоа што тоа е наше време кое што ние го доживуваме, но прашањето е: Каква врска има со свети Илија? Ќе се обидам тоа да ви го протолкувам. Ние го познаваме свети Илија како Божји човек од пламен кој неуморно и искрено работи на спасението на својот народ. Меѓутоа, се соочил со големото модерно зло кое го уништува неговиот народ, а тоа е злобната Језевела со безбожничкиот бог Ваал и го заведува избраниот народ. Илија се почувствувал повикан да се спротивстави на тоа зло, но изгледа дека не проценил дека во таа битка е оставен сам. Преку својата човечка моќ се бори, ревнува, а после доаѓа замор. Илија е уморен. Влегува во криза и дури се сомнева во смислта на својата борба и својот живот. Вели: Господи, земи го мојот живот, бидејќи не сум подобар од останатите. Тој понизно признава, но Бог не мисли така. Во своето бегство Илија посакал да умре. Се работи за замор на една личност со изворедни дарови што се уморил психички, физички и духовно. Многу е симпатична сцената кога во сон му се јавува ангелот кој го буди и му нуди леб и вода и го охрабрува да продолжи со своето патување кон планината Хорив, и таму ќе се сретне со Бога, за кого толку ревнуваше, а кој го остави сам. Знаеме да го сретнеме Илија со Бога. Не беше силата ниту во грмушки, ниту зад облаци, ниту во било која друга сила, туку во тивкиот ветрец. И тогаш Илија прима налог: Врати се назад и натаму прави тоа што тие кажано. Таа средба со Бога во тивкиот ветрец преведено на модерен јазик значи да отиде некаде на осамено место на некакво морско крајбрежје и да се одмори, но не во смисла на мрзеливост и одмор туку кажано на наш јазик да ги наполни своите батерии, односно да се исполни со Бога и Божјата сила за да може да ја продолжи својата пророчка служба. Знаеме како понатаму дејствуваше, па дури и како е земен на небо. Без да искуси грубост на смртта од болест или замор.
А сега да се вратиме на нашата тема. Каде човек во оваа наше време може да најде утеха и одмор, не толку за своето тело, кое не е толку физички изморено, колку психички, извинете на изразот, излудено. Не можеме да се снајдеме со трката на времето и чувствуваме дека сме некаде задоцниле. Јасно е, дека невозможно е да се следи чекор со сѐ што се случува околу нас, но за небото потребно е да ја сочуваме душата и духовниот живот. Тоа е пораката на овој ден. Верник, како човек, не може да биде противник на напредувањето, техниката, технологијата, индустријата, но христијанинот е повикан во сето тоа да остане човек. Најголема опасност од времето што нас нѐ плаши е проблемот уништување на човекот, а од тоа може да нѐ спаси само и единствено Бог. Разбирливо, ако, како Илија отидеме во пресрет на Бога и најдеме тивок ветрец и ја слушнеме Божјата волја што треба да правиме.
Драги браќа и сестри, свети Илија ни дава многу јасна порака токму заради времето во кое се наоѓаме, во кое се живее како Бог да не постои, ние верниците треба да го сочуваме достоинството на човекот, бидејќи Бог нема во план уништување, туку спасение. Неговите пророци-соработници се луѓе кои ја сочувале душата. Ве повикувам вас драги мои сограѓани, како и вас драги гости, да научиме од Илија да го сретнеме Бога и да ја храниме својата душа со Божјите благодати. Амин.