Проповед на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов на поклонението за семејства во катедралата Успение на Пресвета Богородица – Струмица
Драги браќа свештеници, чесни сестри, драги поклоници, браќа и сестри во Христа !
На овој свечен ден Успение на Пресвета Богородица, кога оваа наша Катедрала ја слави својата Небеска заштитница, да се упатиме во нашето размислување на еден необичен пат. Ве повикувам внимателно да го следите овој духовен од. Не далеку од Ерусалим се наоѓа малото селце Витанија. Многу е егзотично и за време на големи поклоненија многу поклоници користат приватно сместување по куќите на Витанија. Витанија е оддалечено од Ерусалим колку едно саботно одење, тоа е оддалеченост што Евреинот смее да го направи во сабота, а да не ја прекрши саботата. Влегуваме во скромна куќа каде заедно живеат две сестри со својот брат. Знаеме дека Исус е пријател на домаќинот Лазар и неговите сестри Марта и Марија. Но, Исус не е сам, со него се и неговите ученици. Кој знае колку убави поуки слушна таа куќа од Исус. Со учениците во просторијата во која Исус поучува влегла – изгледа и помладата сестра Марија – тивко села до нозете на Учителот, ја наклонува главата на неговите колени и со своето припросто чисто срце го впива секој негов збор. Можеме да се препуштиме на оваа романтична слика и да се замислиме себе си во улога на Марија која седи до нозете на Учителот и слуша. Колку би било прекрасно да сме на местото на Марија ти или јас? Како би го впивале секој збор што излегува од устата на Исус. Вели писмото, дека Исус зборувал како оној кој има власт, а не како нивните учители. Што значи Неговиот збор е жив, животворен и силен. Марија во својата едноставност не ја забележала грижата на постарата сестра Марта. Марта е прва домаќинка. Загрижена е како ќе ја погости таа поголема група и Исус. А тие биле петнаесетмина. Не е тоа малку за една жена. И таа го почитува на Исус и затоа храбро му се обраќа, но со тужба: „Господи, зар не ти е грижа што сестра ми ме остави да служам сама?“ И сега следи одговор кој исто така денес е упатен и на нас за кој треба да размислуваме: „Марто, Марто, ти се грижиш и се вознемируваш за многу работи. Но само едно е потребно. Марија, пак, го избра добриот дел, кој нема да и се одземе“. Како да го слушаме Исус кога го одби напасникот во пустината велејќи: „Човек не живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога“ (Мт 4,4). Драги браќа и сестри во секој од нас не само да живее, туку мора да живее и Марта и Марија. Ние мора да ја извршуваме својата работа, но мора да најдеме и време и тоа на прво место да ја наклониме својата глава на нашиот Учител Исус и да го слушаме Божјото слово.
Затоа Исус во овој настан даде предност на Марија, а не на Марта. Благодарен е и за послужувањето на Марта. Но, не дојде затоа да биде послужен, туку да Божјото слово го послужи на другите, а сега тоа го направи.
Сега одиме на друго место, се селиме во малото гратче Назарет. Тоа е место со неколку стотина жители во покраината Галилеја кое е гранично подрачје со паганскиот свет. Јасно, таму се среќаваат луѓе што не се од иста вера и иста нација. Затоа Назарет беше малку занемарено и презрено место. Настанала поговорката во подрачјата каде што живееле само Израелци: може ли нешто добро да дојде од Назарет?“ И таму одиме во една обична и многу скромна и мала куќа. Во неа живее девојка, млада, убава, невина, скромна, побожна, трудољубива домаќинка по име Марија. И нејзе во таа скромна куќа и доаѓа гост. Ја поздравува необично, бидејќи и Тој е необичен. Тоа е архангел Гаврил кој ја поздравува Марија со зборовите: „Радувај се Марија благодатна, Господ е со Тебе“. За содржината на пораката знаеме. Свети Августин вели дека Марија зачнала Божјо Слово. Најнапред со Духот отколку со телото. Значи, и оваа Марија, а најнапред сестрата од Лазар го избра најдобриот дел, а тоа е да се биде послушан во сè на Божјото Слово. Таа тоа го научи низ слушање и толкување во синагогата, низ пребирање и чување во своето срце и низ молитвата. Во такво Девствено Срце кое така чисто го ослушува Божјото Слово се загледува и самиот Бог. Да, Тој е нејзин Создател, но се загледа како е таа Дева Марија предана и послушна на Неговото Слово. Затоа од тие усти одѕвонила пораката која исто така и денес треба да ја запаметиме: „Нека ми биде по зборовите Твои“. Имаше две Марии и две пораки: Марија од Назарет која заради својата верност на Божјото Слово е избрана за Мајка на Божјиот Син и другата Марија од Витанија која бира поубав дел од животот, а тоа е верно слушање на Божјото Слово. Мајка Божја е една и тоа ние не можеме да бидеме, но Марија од Витанија треба да биде секој од нас а тоа е: да се избере поубавиот дел: верно слушање на Божјото Слово.
Влегуваме во самото таинство на денешното празнување. Што се случува во Таинството? Исус Христос иако Божји Син се осиромаши самиот себе и своето Божество го сокрива и од послушност кон Бог Отецот станува човек. Свети апостол Павле вели: зеде лик на слуга и ни стана нам сличен. Таа послушност до Отецот го води до мигот кога ќе го осиромаши – оголи и своето човештво. Го распнаа на крстот, бидејќи е послушен до смртта и тоа смртта на крстот. Затоа Бог Го возвиши со воскресение и го направи Спасител на човештвото да ниту еден кој верува во Него не се изгуби, туку да постане Син Божји. Нему ќе се поклони секое суштество на небото и земјата и под земјата и секое ќе признае дека Исус Христос е Господ.
Денес се собравме во името на тој Исус Христос кој е жив, воскреснат и присутен меѓу нас. Денес во оваа света Литургија исповедуваме дека Исус Христос е Господ. Нему се поклонуваме и Нему се клањаме со вера и дела. И сега, драги браќа и сестри, се случува прекрасен одговор што Господ Бог ни го подготвува, ако сето оваа го прифатиме, а тоа е: заедништво со Исус Христос овде на земјата во Неговото Таинствено тело Црквата и еден ден во неговата вечна слава во небото. Како доказ на тоа ветување што Бог ни го дава за верност и послушност на Исусовите зборови Тој не ни понуди сјаен пат посипан со рози и успеси, туку ни го понуди Исусовиот пат кој се понизи самиот себе и ни го понуди патот на двете Марии кои се одликуваат со скромност, понизност, верност, едноставност но и силна преданост на Божјото Слово. Марија од Назарет бидејќи од послушност зачнала и го родила Исуса Божјиот Син, е единствена довршена личност на овој свет, а тоа е и со Духот и со Телото вознесена на небото. Со тој Божествен чин Вознесение Бог ни даде не само ветување, туку силен доказ дека послушноста на Неговото Слово е услов не само за вечниот живот, туку и воскресението.
А сега да го погледнеме четвртиот дел од оваа наше размислување кое не води во олтарот. За некој миг Исус Христос ќе го покаже и своето Божество и своето човештво и понижен, со силата на Светиот Дух ќе се овоплоти на олтарот со онаа исто тело кое е родено од Марија. Јасно, тело на Воскреснатиот Господ. На нашиот олтар ќе се случи понижување, но што го прославува Бога и неговата добрина бидејќи Христос со љубов до нас и за нас се предава. Како можеме да го замислиме овој Храм, а кај олтарот да не е присутна Неговата Мајка сето тоа радосно го гледа, а не гледа и нас. Дали ќе се поклониме пред таа стварност, пред таа вистина на несфатливата Божја љубов и така да бидеме учесници од Неговата Божествена природа. Тоа таа од нас го очекува за да се радува како Мајка на многуте Исусови браќа и сестри. Зашто, „кој јаде Тело мое и пие Крв моја живее во мене и јас во Него… и ниту еден кој живее нема да умре. Јас ќе го воскреснам на судниот ден“. Затоа сме овде за да бидеме сонаследници на Божјиот и Мариин Син, Бог и човек и денес на патрониот празникот на оваа наша Катедрала да отидеме во својата куќа и да го понесеме Исус како и неговите ученици во нашиот дом да биде Божествениот гост, а ние не само денес, туку секогаш да имаме прилика да седнеме до нозете на Учителот – да го избереме подобриот дел – и да живееме од Божјото слово. Амин.
фотографија: Струмица нет