Проповед на епископот Стојанов по повод Светскиот ден на болни

Проповед на епископот Стојанов по повод Светскиот ден на болни

Ќе те направам среќна на другиот свет

Драги браќа и сестри, празнувајќи го овој ден секогаш со духот се обидуваме да се најдеме во Лурд. Кога во 1858 година Мајка Божја прозборила до малата Бернадета, во Франција, но и во Европа многу христијански вредности се доведени под знак прашање. Само неколку години пред тоа блажениот папа Пиј IX ја прогласува догмата за Безгрешното зачнување на Марија со желба да се распламти во целата Црква почитувањето кон Исусовата и наша Мајка. Имено, во тие кризни времиња заладило срцето на многу христијани кон почитувањето на Исусовата Мајка. Дали Папата успеал да започне нова духовност? Секако одговорот бил потврден. Но, тоа што го направила Мајка Божја во Лурд била вистинска обнова, не само почитување на Мајка Божја, туку и враќање на достоинството на Католичката црква која исто така во тие историски времиња била предмет на напаѓање и контроверзии. Кога света Бернадета почнала да му говори на свештеникот во Лурд, тој го поставил прашањето: Која е таа? И порачал дека како парох не разговара со непознати личности. А како знак што го барал бил грмушки од рози да процветат во февруари и тогаш ќе поверува. Розите не процветале, но процветал Лурд како многу посилен доказ дека небото е присутно, одошто би била една грмушка рози. Од тие настани до денес се напишани многу книги, сценски дела и филмови. Еден од највредните поврзува две времиња и две семејства. Едно од тоа време кога се случуваат случувањата во Лурд и друго семејство од наши времиња. Во првиот случај е семејството на еден лекар и универзитетски професор, а во вториот случај новинар – дописник.

Во првиот случај професор кој не е верник се жени со благородна госпоѓица на која и одбива црквено венчање и само неколку дена пред цивилното венчање се открива дека таа боледува од тогаш неизлечива болка, туберкулоза. А во вториот случај, млад брачен пар новинари очекува дете, но лекарите предвидуваат голема опасност дека ќе се роди болно дете и со инвалидитет. И додека филмот ги следи драмите на овие две семејства се прикажуваат настаните во Лурд и животот на Бернадета. Длабоко бев трогнат набљудувајќи ја борбата во душата на неверниот лекар, како и младиот сопруг кој треба да одлучи за раѓањето на своето новороденче. Во околностите кои биле непланирани брачниот пар професори се нашол токму тие денови во Лурд и госпоѓата нагло и неочекувано оздравела од Лурдската вода. Тоа што е суштински во душата на младиот професор е судирот на неговата невера и фактот за оздравувањето на жената која тој неизмерно ја сака. Конфликот помеѓу разумот и срцето често внесува во човекот големо страдание. Конечно професорот одлучува по секоја цена да ја пронајде Бернадета и да ја осуди како лажливка. Понатаму, да не го раскажувам филмот во приликите во кои и самиот станал ранет, професорот завршил во болницата во Неверс, каде за негова нега се грижела токму Бернадета. Не ја дознал вистината, но почувствувал љубов која била посилна од говорот на разумот. Средбата со Бернадета му донела многу повеќе одошто сакал, му донела вера во Божјата љубов што е посилна од секое научно истражување. И во вториот случај новинарот се обраќа со молитва до Мајка Божја и покрај тоа што не е верник и се раѓа сосема здраво и нормално дете. И оној пар од првиот дел на филмот и оној другиот завршуваат на колена славејќи и благодарејќи не за чудото на оздравување, туку за чудото според кое им се отворило срцето што можеле да поверуваат во Божјата љубов, таа љубов редовно не е лековита, туку повеќе од тоа, дава сила во верата според која за нив болеста станува јасен знак на Божјата присутност.

Драги верници, телесната, душевната, па и духовната болест се наше секојдневно искуство. Редовно се јавува прашањето: Зошто? А уште почесто: До кога? Разбирливо, ниту на едно прашање не можеме да дадеме одговор. Болеста како таква не е нешто, туку недостаток на здравјето. А кога немаме здравје организмот се однесува според законот на природата, а тоа е закон на минливоста. Таа минливост понекогаш силно боли. Сведоци сме во наше време на уште потешки заболувања на духот и душата, кога ја губиме смислата за секоја жртва па дури и смислата за живот. Во развиениот западен свет едвај кој живее, а да не употребува лекови за психичко здравје. А во третиот свет сиромашните умираат од секакви болести, а и милиони од глад. И сега се наметнува прашањето: Ако Бог ја води историјата на човештвото, а ја води, ако Бог се грижи за секој од нас, тогаш нашиот глас продира и воскликнува до небото: Боже го гледаш ли сето ова. Тешко е да се даде одговор со зборови и Бог не прозбори со зборови, туку во знак. А тој знак е распнатиот Христос. Кога го набљудуваме крстот ни престанува здивот. На крстот е распнат Божјиот Син. Го распнаа неговите сонародници, го осуди безрбетниот Пилат, го оставија пријателите, а ниту Бог не одговара на неговиот крик: Боже мој, Боже мој зошто ме остави. Кога папата Бенедикт XVI за тоа размислува тогаш ни порачува: Секоја болест, а најмногу смртната, нѐ води до сознание на нашето сопствено прочистување. Сето оно што е наше ќе мора полека да го жртвуваме, а тоа наше е материјално битие и духовно доколку е себично. Треба да прифатиме дека на земјата не сме дома и дека Бог би бил несправедлив и целосно несфатлив ако такво совршено битие како што е човек го оставил само за живот на земјата. Треба јасно да сфатиме дека на земјата не сме дома, туку сме патници до оној вистинскиот живот, а тоа е живот на бескрајно блаженство дури и воскресение на телото. Човек во наше време изгледа дека премногу длабоко пуштил корени во земјата и затоа му изгледа несфатлив ваков начин на живот, дури и со жртва, навистина сака да се ослободи и од страданијата и од смртта, а тоа е невозможно.

Црквата, како заедница на верници, која е повикана на живот во која не оди за Исус, туку со Исус, порачува дека болеста или страданието е најпривилегирано време за живот, бидејќи тоа е време во кое зрното посеано во земјата мора да се распадне за да донесе нов живот. Болеста и страданието, всушност, на посебен начин се процес на раѓање или создавање на живот кој се нарекува светост. Во најновата енциклика на папа Фрањо за повикот на светост среќаваме многубројни примери на обични луѓе, наши современици што постигнале светост, светоста не е привилегија туку редовен начин на живот. Светците не се безгрешни, туку храбри кои се борат против злото, а победува Бог, затоа што тие луѓе храбро го носат својот крст.

Според науката на Исус Христос, а која Црквата верно ја пренесува е токму во тоа дека ги осмислува најтешките настани во животот, односно болеста како шанса, прилика со љубов да ги носиме, како што пишува свети Павле, тие болки кои недостасуваат во страданијата Христови. Ова е еден од основните атрибути на Црквата, особено на оваа земја, што Исус продолжува да живее со делови на своето мистично тело на Црквата, токму онака како што живееше во своето сопствено тело. Значи, во тебе и мене, во нас Христовиот живот на земјата продолжува. Таа природа не ни ја скрати, дури не ја промени, туку и даде нова смисла, а тоа е смислата на крстот, која е љубов, а не проклетство.

Драги болни, највредните Христови делови од телото сте токму вие. Да се присетиме дека Исус не нѐ поведе во спасение со говор, а ниту со наука, туку со страдание и смрт. Да допуштиме во нашето битие и телесно и духовно Бог да посее семе на страданија и тоа во нас да зрее за спасение на светот. Светот не живее од богатите, ниту од моќните, светот не се спасува според убавите зборови туку според твоите и моите рани. Дословно нема да најдеме ниту еден светец или светица што не поминале низ страдание. Лурдската визионерка света Бернадета ги слушнала зборовите од Пресвета Богородица: Нема да те направам среќна на овој, туку на другиот свет. И визионерите во Фатима ја имале истата порака дека само жртва и страдание го спасува светот. Сѐ додека сме Црква ќе изобилуваме со маки и страданија, а до кога ќе бидеме Црква ќе зависи од тоа колку ја прифаќаме. Чудо е можно, но тоа го молиме, и тоа чудо го бараме што ќе ни донесе сила своите страданија да знаеме да ги прикажеме за спасение на оние кои ги сакаме. Ако такви немаме, што не верувам, тогаш сме најнесреќни луѓе на светот.

Нека овој празник ни донесе утеха и надеж дека сме вредни и корисни членови на Црквата и општеството. Еден пат имав можност да слушнам на погреб на една девојка која 26 години од својот живот го поминала прикована за кревет и нејзините никако не можеле да ја остават сама. Кога починала соседите и пријателите мислеле дека сега за родителите дошло олеснување, а тие на погребението плачеле и татко ѝ рекол дека многу тешко им е, бидејќи распнатиот Христос денес од нивната куќа е погребен на гробиштата.

Тоа е и моја порака: на сите оние што се грижат за болните: фала им. Ако во страдалничките браќа и сестри го препознавте распнатиот Христос, верувајте дека ве чека иста плата за кои Исус рекол: Дојдете благословени при мојот Отец, зашто бев болен и ми помогнавте. Болниот е сигурен клуч за влез во небото и тоа повеќе лица, себе самиот и тие кои му помагат во болеста. Амин.

к.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот