Проповед на епископот Стојанов на светата Литургија на Летниот Камп Паљурци 2014

Драги млади, браќа и сестри!

Секоја Литургија во суштина има само една цел: Бог да го прослави и со Бога да се сретне. Литургијата не е собир на обредни церемонии, туку исклучиво место и настан на средба. Да се биде на литургија, а да не се сретне Христос, значи, како и да не се биде. Денес сум посебно радосен што токму тука сме собрани на света Литургија на крајот од повеќедневната средба. Се препознаваме како браќа и сестри и како Христова заедница, а на оваа средба не повика Светиот Дух за да во светлината која само тој ни ја дава ја разбереме пораката на Божјото Слово кое пред малку го слушнавме. Бог ги љуби сите луѓе зашто на сите нас ни е Татко. Исус Христос стана наш брат за да се приближи со особена љубов до некои групи што ги носеше во срцето. Тоа се често грешниците, луѓе обични, мали и млади. Верувам, дека овие денови меѓу вас Исус Христос беше присутен до таа мера што сите го почувствувавте. Слободен сум да верувам дека сега секој од вас се чувствува како оваа младо момче од Евангелието и дека секој од вас има желба да го праша Исуса: Господи, што треба да правам понатаму, што сакаш од мене после овие денови на средба, размислување и дружење… Исус се загледува во очите на секого од вас и дали помислувате што сака да ви каже? Погледнете го во очи, соберете се и ќе слушнете во длабочината на вашите срца како ви вели: ВРВЕТЕ ПО МЕНЕ. Постои опасност нашето срце, можеби, е наврзано на богатство, друштво, а можеби и на грев и немаме сила тоа што не ограничува да го прекинеме и да појдеме со Исус. Како ваш Пастир и брат ве поттикнувам со зборовите на големиот пријател на младите свети Иван Павле II и нашиот денешен папа Фрањо: Не плашете се, немојте да имате страв. Стравот и плашливоста не се својствени на младите. Младите се полни со идеал, восхитени се од големи планови. Истиот Папа повторува: драги млади не плашете се да сонувате за големи работи. Ако немаме пред себе големи идеали тогаш нема да остварите ништо во себе. Само храбар човек кој има идеал и храброст може да оди напред. Папа Фрањо порачува: иднината е ваша. И јас и вашите свештеници и вашите родители и сите ние полагаме надеж во вас, бидејќи стварно иднината е ваша. Затоа ве поттикнувам не спуштајте го погледот, гледајте го Исуса до крај во очите и храбро кажете му: Господи, еве ме јас сакам да те следам. Како?

Апостол Павле во посланието кое го слушнавме нѐ потсетува на неколку работи. Најнапред вели да останеме верни на евангелието кое го примивме, во кое стоиме и според кое се спасуваме. Во овој миг, драги млади, треба да погледнеме и во нашето минато. Вие сте сега генерација која е алка во нашето општество на млади христијани Македонци, но таа наша младост и сила не доаѓа само од младоста и силата, туку се надоврзува на тоа што сме примиле од своите предци. Драги млади стоите на историска подлога натопена со крвта на сведоците кои за својата вера жртвуваа не само по нешто – имот или богатство – туку за својата вера го полагаа и својот живот. Светиот апостол Павле вели дека таа вера ние ја примивме. Нѐ обврзува односот кон нашите предци да не дозволиме тој историски синџир да се прекине, туку по нас да помине и на идните генерации. Прво, зошто Христос го следиме, е верноста кон евангелието со животот граден на темелите кои ги изградија нашите храбри маченички предци. Второ, што Исус сака да ни каже, како да го следиме, е сведоштвото за љубовта Христова која се исполни во Христовата смрт и воскресение.

Свесни сме дека ниту нашите предци а ниту ние не сме слободни од гревот, но Божјата љубов не жалеше да го даде како жртва Христос на крстот распнат за да умре за нашите гревови. Да немате страв од своите слабости, но имајте постојана храброст од тие слабости да се воздигнете и да тргнете напред. Бидејќи и Христос, иако погребен не беше препуштен на распаѓање, туку третиот ден е воскреснат и ете го седи од десно на Отецот и нѐ заговара. Имаме голем заговорник Исус Христос кој од жена беше роден за нас убиен, но и за нас воскреснат. Во посланието свети Павле говори за тоа искуство како е Тој – иако недостоен – и како последен го сретна Христос воскреснатиот. Да не заборавиме дека Павле беше прогонител на Црквата, но како навестител Христов се најде дури до оваа место каде се наоѓаме сега ние сите овде присутни. Неговата сила е да се сретне со Христос Воскреснатиот. За кратко и ние ќе имаме можност да се сретнеме со Христос Воскреснатиот во светата Причест, Тело и Крв Негова. Таа причест и таа средба, драги млади, нѐ прави должни да ја исполниме и третата Исусова желба а тоа е: Бидете ми сведоци до крајот на светот.

Прашувате како: Павле одговара: „со благодатта на Бога сум тоа што сум, и Неговата благодат, која е во мене, не остана празна, но повеќе се потрудив од сите нив: само не јас, туку Божјата благодат, која е со мене“ (1 Кор 15,10). Задачата, посланието: на христијаните католици во Македонија, а пред сè на младите, не е ни малку лесна и наивна. Повикани сме и испратени да го чуваме наследство кое го примивме да го носиме и пренесеме на целото општество. Христијанин не е тој кој само навестува или говори, туку христијанин е тој кој христијанството го живее. Верата не е определување, туку благодат во нас од Бога дарувана и верата не е обично живеење, туку одраз на Божјиот живот во нас.

Во времето во кое така брзо се менува сè, во времето каде вредностите така брзо се менуваат ние христијаните сме повикани да така кажам, да го запреме времето и на нашиот менталитет да кажеме дека без Бога нема среќа. Да се гради свет и општество како да нема Бог е лудост. Сакаме да бидеме мудри и храбри и да градиме нов свет и поубав свет, но со Бога. Тоа, драги млади, е таа желба која Исус загледан во вашите очи од вас сака и прашува: Сакате ли… и јас ве прашувам: сакаме ли да наследиме богато христијанско наследство на македонскиот народ за што сведочат и овие камења и овие грмушки овде, сакаме ли тоа наследство да го пренесеме во нашиот живот, сакаме ли со автентичниот христијански живот да бидеме младешки храбри и да го задолжиме општеството на целата наша Татковина со тие вредности: поубав свет, поубава иднина, поубав човек, поубава Македонија. Смеам ли во ваше име да му кажам на Исус со апостолот Павле: сакаме, сè можеме во Оној кој не храбри. Амин.

Категорија: Македонија

За авторот