Проповед на бискупот Стојанов на божиќната Миса во Скопската катедрала
Емануел – Бог со нас!
Почитувани гледачи покрај телевизиските екрани, драги слушатели покрај малите радиоприемници, браќа и сестри во Христа, верувам дека овој мој прв збор силно ќе ве изненади. Што ќе почувствувате, ако ви кажам дека: Денес не е Божик? Послушајте што вели еден преобратен, писателот Курзио Малапарте, (неговото вистинско име е: Курт Ерих Сукерт, италијански писател и публицист) кој во годините на своето преобраќање и смрт го напишува оваа: „За неколку дена е Божик, луѓето веќе се подготвуваат за најголемото лицемерство. Зошто никој од нас нема храброст да каже дека светот никогаш не бил помалку христијански како овие денови? Зошто никој од нас не се осудува да признае дека благоглаголивоста на политичарите, духовенството, големите паради на евангелските чувства, процесиите на лажните побожњаковичи служат само да ја сокријат оваа страшна вистина: дека луѓето повеќе не се христијани, дека Христос умре во душите на многу свои синови и дека лицемерството од тие и таквите поминало во сиот општествен, семеен и личен живот? Оној кој страда ништо не ни значи, ништо не правиме да спречиме страдание, беда, зло, насилство, колеж, тивки сме и мирни и славиме Божик…, би сакал Божик, божиќниот колач да стане тело кое страда, а виното да стане горко да за миг се заоставиме и да ја видиме целата вистина. Би сакал нашите деца за Божик изненадено да ни се прикажат такви какви ќе бидат утре, за неколку години, доколку не се охрабриме да се побуниме и застанеме против злото кое ни се заканува. Би сакал да во божиќната ноќ во сите цркви на светот се подигне некој сиромашен свештеник викајќи: одете си од овие јасли лицемери, отидете во своите домови да плачете над лулката на своите деца. Ако светот страда тоа е заради вашиот грев, што не се осудувате да ја браните вистината и добрината, и се плашите да бидете христијани до крај. Отидете си од овие јасли лицемери. Оваа Дете родено е да го спаси светот, меѓутоа се згрозува над вас“.
Драги браќа и сестри, драги гледачи и слушатели покрај телевизиските екрани и радиоприемници, колку и да звучи грозно во оваа света ноќ текстот на овој писател, сепак мора да признаеме дека во поголемиот дел ја изнесе вистината од која ние вистински бегаме. Божик, како ден на Исусовото раѓање претворен е во сеќавање, во спомен, во славење, а Тој тоа не е. Божик е, иако се случува секоја година, повторно и повторно настан. И оваа година ако во ова Катедрала ништо друго не се случи освен сеќавање навистина тогаш тоа не е Божик. За нас верниците Божик е вистинска средба со Бога и тоа длабока во нашата свест, совест и нашето срце. Инаку ако таа средба не се случи и вечерва овде тогаш ќе бидеме слични на граѓаните од Витлеем кои таа ноќ ги истераа и ја затворија вратата пред една сиромашна жена во блажена состојба и нејзиниот маж. Исфрлени од градот беа присилени да се склонат во пастирската колиба, бидејќи дошло времето Марија да роди. Додека Витлеем во мир и раскош, спокојно спие се случува единствениот настан во историјата, Бог влегува во нашата човечка природа како новороденче, непожелно и неприфатливо. Од друга страна да погледнеме како на тој настан реагира небото. Во полето се пастирите кои бдеат покрај своите стада и не спијат удобно како граѓаните на Витлеем. На нив небото се отворува и се слуша гласот на ангелот: „Не плашете се! Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе! Денес во градот Давидов ви се роди Спасител, Кој е Христос Господ. Ова ќе ви биде знак: ќе најдете повиен Младенец, кој лежи во јасли“ (Лк 2,10-12). И натаму вели евангелистот: „се јави многубројно небесно воинство, кое Го славеше Бога, велејќи: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“ (Лк 2,13-14).
Браќа и сестри, собрани околу овој настан да ги отвориме нашите срца и ќе ја слушнеме и ние истата ангелска порака и истата ангелска песна. Но, тешко нам, ако сме го затвориле срцето и не допуштиме до нас да допре ангелската порака и песната на ангелската војска. Да ја симнеме од себе својата умислена природа и да се обидеме да имаме срце, барем вечерва, срце на обичните пастири. Тогаш ќе го препознаеме тоа Дете како знак – како Христос Господ, Спасител. Во Литургијата на овој Божик ќе го препознаеме нашиот олтар како јасли а белата хостија – Исус, како Дете положено во јасли. Навистина, првото светохраниште беа јаслите. Ако Бог се одлучил да влезе во нашата историја во знакот на таинственоста и сиромаштвото тогаш тој знак на сиромаштво и скромност ќе ни го збогати овогодишниот Божик. Меѓутоа, фактот на ваквото Божјо доаѓање е порака да сиромаштвото не е во немаштина туку во слободата на неврзаноста и робувањето кон материјалните добра. Бог е создател на материјалните добра, но нив ги даде да со нив се служиме а не да робуваме. Посебно, со материјалното да не присилуваме други на немаштина и вистинско сиромаштво. Бог со овој настан објави вистинска слобода, каде човекот е најголема вредност дури и да е повиен во пелени и положен на слама во јасли. Неговата големина не се состои во тоа што има, туку во тоа што е. Божјата скромност е силна порака на денешниот раскошен и заробен човек со сите изуми како што се: хедонизмот, материјализмот, егоизмот. Божик сака барем за миг во тој лажен свет да не собере околу најголемата вредност, а тоа е човекот. Гледајте го Витлеем: дали е Марија жалосна – не. Дали е Јосиф жалосен – не. Дали Пастирите се жалосни – не. Каде е тогаш проблемот? Проблемот е во тоа што немаме вера и очи како Марија, Јосиф и Пастирите. Клањајќи се со срцето на Пастирите, а гледајќи со очите на Марија го препознаваме најголемиот дар од небото: Кнезот на мирот, кој е и наш мир.
Вечерва да измолиме од Бога да ни ги отвори очите на нашето срце, нашиот ум и во животот да препознаеме вистински вредности и за нив да се залагаме да Божјото очовечување ни биде наша божественост. Сакам да предложам, денес на Божик повикајте некој сиромав, болен, во потреба и ќе почувствувате дека нанесувајќи среќа на другиот го среќавате Бога, а на тој начин и самите ќе се почувствувате исполнети.
Драги верници, почитувани гледачи на телевизиските екрани и слушатели преку радиоприемниците, честитајќи ви го овој голем празник на Христовото Рождество – Божик, посакувам Тој да ни биде средба и настан кој во нас, во длабочините на нашите срца – колку и да биде тоа сиромашно – ќе се роди Емануел – Бог со нас! Христос се роди!
к.мк