Промовирана енцикликата на папата Фрањо ,,Слава Тебе” (Laudato Si) на македонски јазик

Промовирана енцикликата на папата Фрањо ,,Слава Тебе” (Laudato Si) на македонски јазик

Во вторник 3 октомври 2023 година во центарот „Рагуза 360“ во Скопје се одржа промоција на енцикликата на папата Фрањо насловена ,,Слава Тебе” (Laudato Si), во организација на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) и Католичката црква во Македонија.

На промоцијата присуствуваа Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, Реисул Улема на Исламската верска заедница Шаќир Фетаи, претседателот на Еврејската заедница и проповедникот на Евангелско-методистичката црква, како и бројни претставници на црквите, верските заедници и религиозните групи од земјава. На настанот присутни беа и министерот за животна средина г-ѓа Каја Шукова, амбасадори од европските држави, декани на факултетите и директори на повеќе државни институции, како и голем број на гости.

Пред присутните гости, со свои промотивни излагања се обратија: директорот на Комисијата за односи со верските заедници и релгиозни групи м-р Даријан Сотировски, Скопскиот бискуп и Струмичко  – скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов и вршителот на должност а.и. во Апостолската нунцијатура монсињор Џорџо Кеца.

Промоцијата ја отвори Директорот на македонската Комисија за односи со верските заедници и религиозни групи г-дин Даријан Сотировски, кој во своето воведно излагање пред присутните на промоцијата, го нагласи следното: „Апатијата која владее поради конзумеризмот, индивидуализмот, неостварените очекувања или предвидените неостварувања, меѓучовекова отуѓеност, како и деградирање на јавниот морал е интензивна. Папата цени дека од рамнодушноста на заедницата се ослободуваме кога се појавува нова локална општествена структура која го промовира општото добро и пројавува култура на грижа. Тоа се малите иницијативи на наши сограѓани за безброј различи и полезни работи кои ни минуваат пред очи без да ги забележиме. Во нив е потенцијалот за будење на народот и наметнување на генерална култура на грижа за општото добро од сите во едно општество. Па да се запрашаме, колку имаме слух за ваквите иницијативи и колку секој од нас вложува од себе да ги поддржи овие малкумина искрени борци за подобро? Денес затоа и ги поканивме активистите од повеќе еколошки здруженија и иницијативи на овој настан, па во нивно присуство дозволете да изразам поддршка но и да повикам на поддршка. Да бидеме среќни што меѓу нас има луѓе кои чекорат по правиот пат и ја негуваат, кажано со зборовите на папата Франциск таа култура на грижа“.

Всушност, во енцикиликата, која има поднаслов„ Грижа за заедничкиот дом, папата Франциск пишува за консумеризмот и неодржливиот развој, деградацијата на животната средина и глобалното затоплување и ги повикува сите луѓе во светот да преземат „брза и обединета глобална акција“.

Неговото превозвишенство Бискупот скопски и Епарх Струмичко  – скопски монсињор д-р Киро Стојанов, беше вториот промотор на посочената енциклика, кој во кратки црти ги образложи шесте точки од енциликата. Во првото поглавје истакна дека Папата ја опишува актуелната сотојба заснована на најдобрите научни сознанија достапни денес за животната средина, како и начини да се слушне крикот на созданијата; она што се случува во светот да биде дел од нашето лично страдање и на тој начин да откриеме што секој од нас поединечно може да направи за тоа.

Во второто поглавје епископот Стојанов го посочи терминот „Евангелие на создавањето“ со кој Папата Фрањо ги препрочитува библиските наративи, нудејќи сложена визија што произлегува од јудео-христијанската традиција и укажува на огромната одговорност на човекот кон созданието.

За третото поглавие истакна дека претставува анализа на моменталната ситуација, на таков начин што ќе ги утврди не само симптомите, туку и најдлабоките причини  во дијалогот со филозофијата и хуманитарните науки.

Во следните две поглавија, четврто и петто, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх ја истакна предложената екологија на интегритет, која јасно ги препознава човековите и социјалните димензии, нераскинливо поврзани со прашањето на животната средина, како и предлогот на Папата за започнување на чесен и отворен дијалог и повикува на учество и завземањсе на сите нивоа на општествениот, економскиот и политичкиот живот, со што би се изградил јасен начин на донесување одлуки, односно дава насоки за пристап и дејствување.

Заокружувајќи го своето излагање за енцикликата со шестото поглавие, потсети дека ниту еден потфат не може да биде делотворен ако не е проткаен со формирана и одговорна совест, тој предлага идеи кои, во оваа смисла, би помогнале во растот и созревањето на образовно, духовно, црковно, политичко и теолошко ниво или кратко кажано: Еколошко образование и духовност.

Во заклучокот на своето обраќање, потенцираше: „ Читајќи ја Енцикликата „Слава Тебе” може да се види како светиот отец Папа Франциск истакнува многу важни теми: како што се: длабоката врска меѓу сиромашните и кревкоста на планетата; верувањето дека сè во светот е длабоко поврзано; критика на новите парадигми и форми на моќ кои произлегуваат од технологијата; повик за барање нови начини за разбирање на економијата и напредокот; вредност својствена за секое суштество; духовното значење на екологијата; голема одговорност на меѓународната и локалната политика; култура која нуди нов начин на живот“.

Она што е значајно за оваа енциклика да се напомене е и фактот дека бројни познавачи на енцикликата покрај тоа што ја нарекуваат „еколошка енцилика“ истовремено истакнуваат дека е и „социјална енциклика“, која дава одговори на многу современи предизвици за целото човештво.

На крајот на промоцијата, во име на Апостолскиот нунциј монсињор Лучијано Суријани, се обрати вршителот на должност во Апостолската нунцијатура монсињор Џорџо Кеца. Тој во своето промотивно слово, меѓудругото го нагласи следното: „ Папа Франциск преку оваа негова втора Енциклика, со 159 страници, во 6 поглавја, 246 точки и две молитви, прашува „каков свет сакаме да им оставиме на генерациите, кои доаѓаат по нас, односно на нашите деца што растат„. Тој ги зема одново зборовите на неговите претходници и крикот на тревога, што од долго време предупредува за непромислената експлоатација на ресурсите, со една кратковидна политика, која гледа кон брз успех без долгорочни перспективи, водена од себичноста на потрошувачките општества, кои се борат за промена на нивните начини на живот. Тој нè потсетува дека грижата за созданието е заложба на сите, без разлика дали сме христијани или не“.

Промоцијата музички ја збогати со дела на виолина во изведба на маестро Јулија Неловска.

Енцикликата на папата Фрањо „Слава Тебе“, која веќе е достапна и на македонски јазик е длабоко четиво, кое навлегува суштински во различни аспекти на причинителите на денешните состојби, но и зборува за новите современи патишта преку кои човекот сам, како и со другите во општествената заедница може да го зачува и трајно заштити својот дом.

Издавач на енцикликата на папата Фрањо, е македонската Комисија за односи со верските заедници и религиозни групи, а во заедничка соработка на Скопска бискупија и Струмичко – скопска епархија при Католичката црква, по ексклузивно одобрение од ватиканската Дикастерија за комуникации. Книгата е посветена на грижата за животната средина, како и на неопходната здружена акција од сите совесни за спас на нашиот заеднички дом. Во светската јавност се смета за темелно и современо четиво, или за вистински отрезнувачки повик од римскиот понтиф до светската јавност.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот