Канцеларијата за печат на Светиот Престол ја објави програмата за посетата на Папата на Португалија од 2 до 6 август 2023 година за 37. Светскиот ден на млади. Во сабота, на 5 август, бдението со млади ќе се одржи во паркот Тагус. Програмата вклучува посета на светилиштето во Фатима, каде што ќе моли со млади болни лица.
Кулминацијата на претстојниот Светскиот ден на млади ќе биде вечерта на 5 август, сабота, со бдение со младите во паркот Тагус во Лисабон, по посетата на светилиштето на Пресвета Богородица во Фатима и светата Литургија следниот ден, со која ќе се затвори 37. Светски ден на младите. Според програмата објавена од Канцеларијата за печат на Светиот Престол, папата Фрањо ќе одржи девет говори и две проповеди, ќе оствари средби со властите, локалната Црква и пред се со многу млади луѓе кои се очекуваат да пристигнат од целиот свет.
Среда, 2 август, пристигнување во Португалија
Папата ќе појде од Римскиот аеродром Фиумичино во 7.50 часот во среда на 2 август и ќе пристигне во 10.00 часот во воздухопловната база Фиго Мадуро во Лисабон. Веднаш потоа во Националната палата, лоцирана во областа Белем, ќе биде пречекан од претседателот на Републиката, Марсело Ребело де Соуса. Потоа, во центарот за култура, ќе се сретне со властите, граѓанскиот сектор и дипломатскиот кор. Во 16.45 часот во Апостолската нунцијатура ќе се сретне со премиерот, а во 17.30 часот во познатиот манастир Јеронимос ќе служи Вечерна со епископите, свештениците, ѓаконите, посветените мажи и жени, семинаристи и пасторални работници.
Четврток, 3 август, свечен пречек за Светскиот ден на млади
Во четврток наутро, папата Фрањо ќе се сретне со студентите на Католичкиот универзитет во Португалија, пред да замине од Лисабон за блискиот Каскаис, каде што ќе се сретне со младите од Scholas Occurentes, чие седиште е таму. Попладнето Папата ќе се врати во португалската престолнина на церемонијата за пречек на Светскиот ден на млади, која ќе се одржи во паркот Едоардо VII.
Петок, 4 август, Крстен пат со младите
Во петок наутро, на 4 август, некои млади учесници на Светскиот ден на млади ќе ја примат светата тајна Исповед од Папата на плоштадот „so Impèrio“ во Белем. Потоа околу 9.45 часот Папата ќе замине во парохискиот центар „Де Серафина“ каде ќе се сретне со претставници на некои организации за помош. Во 12.00 часот тој ќе руча со млади во Апостолската нунцијатура, додека во 18.00 часот Папата ќе го предводи Крстниот пат со млади во паркот Едоардо VII.
Сабота, 5 август, посета на Фатима и бдение за Светскиот ден на млади
Светилиштето на Пресвета Богородица во Фатима Папата ќе го посети наутро на 5 август, сабота. Папата Фрањо во 8.00 часот со хеликоптер ќе полета од Лисабон кон стадионот во Фатима, а во 9.30 часот ќе моли Светата Бројаница со болни млади лица во капелата на Објавата. Неговото враќање во главниот град се очекува околу пладне. Предвидени се две средби: во 18.00 часот вообичаената приватна средба со членовите на Исусовците во Colégio de S. João de Brito и во 20.45 часот бдение со младите во паркот Тагус.
Недела, 6 август, света Литургија и враќање во Ватикан
Завршната света Литургија за Светскиот ден на младите Папата ќе ја служи во паркот Тагус во недела, 6 август, со почеток во 9.00 часот. Во попладневните часови ќе се сретне со волонтерите на Светскиот ден на младите во Rasseio marìtimo во Алгеш, пред прошталната церемонија во воздухопловната база Фиго Мадуро. Авионот со Папата треба да полета за Рим во 18.15 часот и се очекува во Рим да слета во 22.15 часот.
Ватикан њуз/к.мк