Претседателот Иванов ја посети парохијата Свети пророк Илија – Радово
На 10 ноември 2013 година Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов го посети Радово и парохиската црква Свети пророк Илија. Претседателот Иванов беше пречекан во црковниот двор од страна на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија и парохот о. д-р Зоран Стојанов.
Во Црквата каде што беше измолена молитвата до Марија од Назарет, о. д-р Зоран Стојанов го поздрави Претседателот со следните зборови:
Ваше Високопреосвештенство,
Дозволете ми во оваа наша Црква, посветена на свети Пророк Илија заштитник и Марија од Назарет, созаштитничка на нашата парохија, да го поздравам претседателот на Македонската Република проф. д-р Горѓе Иванов.
Господине претседтеле, Вас, господинот Љупчо Колев градоначалник на општина Босилово и сите во вашата придружба ви посакувам добредојде во името на нашиот владика, Н.В.П. д-р Киро Стојанов, кој е Апостолски егзарх во Македонија и скопски бискуп, во мое име, во името на останатите свештеници и сите верници.
Нашето убаво Радово, оваа есен го отпочна јубилејот 100 години, парохија Радово. Нема да ви речам дека отпочнавме со славења зашто Македонците неможат да слават за трагедиите од пред 100 години. Но се сеќаваме на Егзодусот на нашите предци. Вие денес сте во Радово, кое љубоморно и гордо го чува споменот на Бежанците, луѓе херои кои настрадаа поради својата вера и нација. Но и ги сочуваа.
Во евангелието според Матеј читаме:
”А со што да го споредам овој род? Личи на децата, кои седат по трговиштата и им викаат на другарите, велејќи: ‘Ви свиревме на свирол и не игравте, ви пеевме жални песни и не жалевте.’
Зашто дојде Иван, кој ниту јаде, ниту пие, а тие велат: „Има демон!”
Дојде Синот Човечки, кој јаде и пие, па велат: „Еве, човек лаком и пијаница, пријател на цариници и на грешници! „И мудроста се оправда преку нејзините дела.”
Нека Мудроста (Бог) ве прати преку целиот ваш живот и ви дава сила мудро да ја водите нашата држава, останувајќи пријател на човекот, така како тоа Исус ни го покажа и сака од нас.
Ние сме особено почестени, што денес можеме да ве пречекаме во ова наша нова црква, која е посветена пред три години и е најголема во регионот, а е подигната на местото каде беше старата црква која ја градеа нашите дедовци родени во Алексово и другите села во Кукушкиот крај. Во иконографијата на црквата со големи фрески се насликани дел од македонските светци, почнувајќи од лево кон десно од првата Македонка христијанка Лидија и првиот македонски епископ апостол Лука… до блажена Мајка Тереза, која живееше во наши денови.
Песната е израз на слава, ние денес славиме и затоа ќе запееме уште еднаш во слава на Господа Бога, искажувајќи ја нашата радост дека денес сте тука со нас.
Благодариме господине претседателе на вашата посета.