Во наговорот кој го одржа на 4 декември 2016 година пред молитвата Ангел Господов, Светиот Отец се осврна на литургиските читање за Втората недела од Божиќниот пост и говореше за Царството Божјо кое е веќе овде и меѓу верниците, потоа за преобраќањето и потребата за духовна подготовка за Божиќ.
Потоа Светиот Отец зборуваше за преобраќањето и потребата за духовна подготовка за Божиќ преку која во пресрет ни доаѓа Божјата љубов која се направила мала и која доаѓа за да нѐ ослободи од погубните животни ставови и да ни даде љубов, радост и мир. Текстот од говорот на Папата до молитвата Ангел Господов го пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Во Евангелието за ова Втора недела од Божиќниот пост одекнува повикот на свети Иван Крстител: Покајте се, зашто се приближи царството небесно! (Мт 3,2) Со овие зборови Исус ќе го започне своето послание во Галилеја (Мт 4, 17), а такво ќе биде и навестувањето кое учениците треба да го шират во своето прво мисионерско искуство (Мт 10,7). Евангелистот Матеј со тоа сака да го претстави Иван како оној кој го подготвува патот на Христос, кој доаѓа, и учениците како наследници на Исусовото проповедање. Станува збор за истото радосно навестување: доаѓа царството Божјо, тоа дури и е близу; меѓу нас е! Овој збор е многу важен… Царството Божјо е меѓу вас – вели Исус. Иван го навестува она што самиот Исус подоцна ќе го каже: Царството Божјо дојде и се наоѓа меѓу вас. Ова е централната порака на секое христијанско послание. Кога некој мисионер или христијанин го навестува Исус, не делува прозелитистички; како да се работи за навивач кој за својот клуб сака да придобие повеќе следбеници – не, туку едноставно сака да навести: Царството Божјо е меѓу вас! Така мисионерот го подготвува патот на Исус кој доаѓа во пресрет на својот народ.
Но, што е тоа царство Божјо; царство небесно?! Дали се синоними. Веднаш помислуваме на нешто трансцендентално: на живот вечен. Секако, вистина е; царството Божјо бескрајно ќе се прошири и по земскиот живот, но радосната вест која ни ја донесува Исус – и која Иван ја предвестува и која е Царството Божјо не треба да ја чекаме само во иднината: се приближи, на некој начин веќе е присутно и веќе сега можеме да му ја искусиме духовната сила. „Царството Божјо е меѓу нас“, ќе каже Исус. Бог доаѓа во нашата историја да го воспостави своето владение во нашето секојдневие; и таму каде што се прифаќа со вера и понизност никнува љубов, радост и мир. Услов за влез и учество во тоа царство е промената на нашиот живот, односно преобраќањето. Да се преобраќаме секој ден; секојдневно да направиме чекор напред (во преобраќањето). Станува збор за тоа да се напуштат патиштата на овој свет кои изгледаат пријатни, но водат во заблуда. Идолите на овој свет: успех по секоја цена, моќ на сметка на најслабите, жед за богатство, задоволство по секоја цена. Овде од друга страна станува збор за отворање на патот за Господ Кој доаѓа: Тој нашата слобода не ја укинува, туку ни дарува вистинска среќа. Со Исусовото раѓање во Витлеем, самиот Бог е Тој Кој престојува меѓу нас за да нѐ ослободи од егоизмот, гревот и расипаноста; како и од оние работи кои се од ѓаволот: барање успех по секоја цена, моќ на сметка на најслабите, жед за богатство, задоволство по секоја цена.
Божиќ е ден на голема радост па и она надворешната, но посебно е верски (религиски) настан за кој е неопходна духовна подготовка. Во оваа време на Божиќен пост да дозволиме денес да нѐ води поттикот на Крстителот: „Пригответе го патот на Господа и исправете ги патеките Негови! Ние на Господ му го приготвуваме патот и ги исправаме патеките кога ја преиспитуваме совеста, кога го преиспитуваме своето однесување за да се ослободиме од овие грешни ставови кои ги спомнав и кои не се од Бог: успех по секоја цена, моќ на сметка на најслабите, жед за богатство, задоволство по секоја цена. Нека Дева Марија ни помогне да се подготвиме за средбата со оваа секогаш сѐ поголема љубов која во божиќната ноќ се направи мала, мало како семето кое паѓа во земјата – семето за царството Божјо.
По пладневната молитва Светиот Отец ги поздрави сите собрани верници и ходочасници како од Рим и Италија така и од остатокот на светот. Папата на сите им посака пријатен остаток од денот и плоден пат во Божиќниот пост (подготовка). Тој ја навести прославата на празникот Безгрешно зачнување на Пресвета Богородица следниот четврток. Исто така повика овие денови да се соединиме и да молиме за нејзино Мајчинско застапништво, за преобраќање на срцата и за дарот на мир. По својот обичај папата Фрањо на сите се препорача во молитвите и го отпушти мноштвото.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк