Во настанот на Благовештението се отвора динамиката на звањата која е изразена во три аспекти кои ја каратеризираа Синодата за млади, а тие се: слушање на зборовите за Божјиот проект; расудување и одлука.
„Радувај се, благодатна“ (Лк 1, 28) се зборовите на ангелот Гаврил кои одекнуваат во ова светилиште – рече папата Фрањо во Лорето на 25 март 2019 година обраќајќи им се собраните верници пред молитвата Ангел Господов и истакна: Според традицијата овде се сочувани остатоци од назаретскиот дом на Пресветата Девица во која го кажала своето ДА станувајќи така Исусова Мајка. Откако „куќата на Марија“ станала реалност која овде се чествува и почитува, Мајка Божја не престанува да посредува за духовните добра на оние кои овде доаѓаат за да се молат. Меѓу нив сум и јас, Му благодарам на Бог што тоа ми го даде токму на празникот Благовештение.
Поздравувајќи ги преставниците на граѓанските и црковните власти, свештениците, монасите, монахињите и богопосветените лица и верниците, Папата рече дека Светата куќа исто така е куќа на младите затоа што Блажена Дева Марија благодатна и понатаму им зборува на новите генерации, придружувајќи го секого во барањето на неговото звање. Затоа сакав овде да го потпишам Апостолскиот поттик, плодот на Синодата посветена на младите. Тој носи наслов „Christus vivit – Христос живее.“ Во настанот на Благовештението се отвора динамиката на звањата која е изразена во три аспекти кои ја карактеризираа Синодата за младите, а тие се: 1. Слушањето зборови за Божјиот проект; 2. расудувањето; 3. одлуката.
Првиот аспект слушањето се манифестира во зборовите на ангелот: „Не бој се, Марија. И ете, ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе го наречеш со името Исус“ (Лк 1, 30-31). Бог е Тој Кој секогаш има иницијатива и повикува да Го следиме. Повикот на вера и доследеност на патот на христијански живот или посебно посветување е внимателен, но силен Божји упад во животот на младите луѓе за да им ја дарува својата љубов. Треба да бидеме подготвени и отворени за слушање и прифаќање на Божјиот глас кој не се препознава во вревата и вознемиреноста. Неговиот план во нашиот личен и општествен живот не се доживува на површината, туку спуштајќи се на подлабоко ниво, таму каде што делува моралните и духовните сили. Марија ги повикува младите таму да слегнат и да се усогласат со Божјото делување.
Вториот аспект на секој повик е расудувањето кое е изразено во зборовите на Марија: „Како ќе биде тоа?“ – рече Светиот Отец и напомена: „Марија не се сомнева, нејзиното прашање не било недостаток на вера, туку напротив ја изразува својата желба да ги открие „Божјите изненадувања“. Таа внимателно настојува да го прифати Божјиот план во нејзиниот живот, добро да го запознае за нејзината соработка да биде одговорна и потполна. Тоа е однесување на ученик. Секоја човечка соработка со Божјата бесплатна иницијатива мора да биде вдахната од продлабочувањето на сопствените способности и ставови, поврзана со свесноста дека Бог секогаш е Тој Кој дарува и делува. Така и сиромаштвото и маленкоста на оние кои Господ ги повикува да Го следат на патот на Евангелието се претвораат во богатството на покажувањето на Господ и во силата на Семоќниот.
Третиот аспект е одлуката која е карактеристика на секој христијански повик, а изразена во одговорот на Марија на ангелот: „Нека ми биде според зборовите твои“ (Лк 1, 38) – рече папата Фрањо и објасни, нејзиното ДА на Божјиот план за спасение кој се спроведува преку Овоплотувањето е предавање на целиот живот на Него. Тоа ДА е целосна доверба и целосна отвореност за Божјата волја. Марија е пример за секој повик и вдахнувач за секоја грижа во звањето. Младите луѓе кои бараат или се прашуваат за својата иднина во Марија можат да ја најдат Онаа Која им помага да го разпознаат Божјиот план за себе и сила за да се фатат за него.
Лорето го сметам за привелегирано место каде младите можат да дојдат и да го бараат своето звање во училиштето на Марија – рече Папата и продолжи: Тоа е духовен центар во служба на пасторалот за звања. Затоа се надевам дека центарот Иван Павле II во Лорето ќе биде во служба на Црквата на национално и меѓународно ниво, водејќи се од плодовите кои произлегуваат од синодата. Тоа е место кое на младите им помага да расудуваат и затоа молам базиликата Светата куќа на Марија да им биде на располагање.
Куќата на Марија исто така е куќа на семејствата – рече Светиот Отец и додаде: Семејство кое е засновано на бракот помеѓу мажот и жената треба повторно да го открие планот кој Бог го има со него во служба на животот и на општеството. Во назаретската куќа Марија ги живеела големиот број семејни односи кои покажуваат дека семејството и младите не можат да бидат два паралелни делови за пасторална грижа на нашите заедници, туку мора да бидат обединети затоа што младите често се она што семејството им го дава во текот на нивниот раст. Таквото сфаќање настојува да ја обедини грижата за звања и да го изрази Исусовото лице во улогата на свештеник, свршеник и пастир.
Куќата на Марија е куќа на болните – рече папата Фрањо и нагласи, овде се добредојдени сите оние кои страдаат во телото и во духот, а Мајката на сите им го донесува милосрдието Господово. Болеста го ранува семејството и болните мора да бидат прифатени во семејството. Семејството и домот се први кои се грижат за болниот. Затоа светилиштето Светата куќа е симбол на секој дом кој прифаќа и симбол на светилиште за болните. Од овде ги поттикнувам сите во светот: во центарот сте на Христовото дело затоа што секој ден на конкретен начин го делите и носите крстот со Исус. Вашето страдање може да стане одлучувачка соработка за доаѓањето на Царството Божјо.
Папата потоа рече: На вас и на оние кои се поврзани со ова светилиште, Бог преку Марија ви доверува послание во ова наше време да го донесете Евангелието на мирот и во животот на нашите современици кои често се растресени, обземени од земските интереси или потопени во атмосфера на духовна суша. Ни требаат едноставни и мудри луѓе, понизни и храбри, сиромашни и великодушни кои во училиштето на Марија без резерва го прифаќаат Евангелието. Така преку светоста на Божјиот народ во светот и во секоја животна состојба ќе се прошират сведоштвата за светоста за да ја обновиме Црквата и да го придвижиме општеството со квасецот на Царството Божјо – заврши Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк