Прекрасно е да се биде верник! Поверувај и ТИ!!
Вера, верување, да поверуваш, поверение …..Сите овие зборови се поврзани меѓу себе, бидејќи во својот корен имаат еден ист збор, едноставен,мал, а во исто време многу јак – содржат ВЕРА. Но, денес како никогаш порано, токму тој збор е фрлен во втор план. Токму тој збор го има изгубено своето значење. Господ сѐ помалку ни треба, многу од нас и не веруваат во Бог, бидејќи не е докажано неговото постоење, а и како да се верува во нешто што не постои. Се потешко се стекнува поверение меѓу луѓето бидејќи истите немаат време за да се запознаат, а и верата во самиот себе е доведена на минимум, бидејки постојано сме опкружени со неуспеси и проблеми. И кристално е јасно дека верата не ни е потребна. Но тоа и не е баш така; Верата е потребна, но не е лесно да се биде верник во било кој поглед.
Дозволи Бог да те води и биди сигурен дека ќе ти се исплати!
Често преовладува мислењето дека верниците мора да бидат мирни, сталожени, супер побожни луге, кои на никому не противречат, се работат, секогаш се насмеани, секогаш оптимисти… И верниците се само обични луѓе. Да се верува во Бог не значи да се биде без проблеми. Токму спротивното на тоа.Кога ќе дојде некој проблем, верникот нема да застане мислејќи дека целиот свет му се руши на глава. Тој со помош на својот Бог, верувајќи во неговата интервенција и со помош на својата сила, храбро ќе оди напред и проблемот ќе го реши. Да се верува во Бог не значи постојано да се биде насмеан и јас како верник имам право да бидам озбилен, но и во таа моја озбилност знам дека ТОЈ Е СО МЕНЕ и ми се смее, а таа насмевка ја провоцира и мојата насмевка. Јасно е дека верата во Бог не е лесна задача, но и не е невозможна, само треба да се препуштиме на Бог и да бидеме сигурни дека ќе ни се исплати.
Од рушевините на едно семејство Бог подигнува ХЕРОИ на кои им дава сила
Верата игра голема улога и во секојдневните меѓучовечки односи. Семејството кое во својата основа ја нема верата тешко може да функционира. Верата во семејството не е само вера во Бог, туку е и вера во заедништвото, вера дека сѐ може да се преброди, дека заедно како семејство може да се изгради подобра иднина. Но не е сѐ така едноставно, бидејки семејствата сами по себе се несовршени,а понекогаш и нестабилни . Сепак доволно е и само еден член на семејството да верува. Во тој случај неговата задача е многу тешка, бидејки на својот грб, со својата вера мора да носи сѐ .
Не е сам! Од рушевините на едно семејство Бог подига ХЕРОИ на кои тој им дава сила. Таков верник МОЖЕ и МОРА да биде среќен, бидејќи со својата вера го спасува своето семејство, а тоа се исплатува .
Бог ни дава задача за која ни дава и сила
Верата игра голема улога и во создавањето на пријателства.За да биде пријателството искрено и вистинско треба да постои поверение. Поверението се раѓа тогаш кога ќе поверуваме во искреноста на некоја личност, кога ќе видиме колку пријателот нѐ сака и колку е подготвен да биде тука за нас. Од таквото поверение се раѓа искрено пријателство кое не само што нѐ исполнува со среќа, туку и нѐ приближува до Бога. Всушност тоа е и една од задачите на пријателството- преку пријателот треба да го видиме Бог и Божјата близина.
Кога ни е тешко, Бог ни дава пријател кој нѐ носи. Кога никој не верува во нас, вистинскиот пријател верува во нашите можности. Наше е само да веруваме и да одиме напред.
Да се биде верник не е ни најмалку лесно. Верата не може да остане само на зборови и формули кои се застарени и кои се повторуваат. И Светото Писмо јасно ни кажува дека верата без дела е мртва. Верникот треба и да делува!
Не плашете се! Делувањето не бара од нас работи за кои не сме способни.Бог ни дава задачи за кои ни дава и сила за да ги исполниме. Наше е само да ја разбереме задачата што ни е доделена, а за да го исполниме тоа треба да бидеме добри луѓе, добри пријатели. Да бидеме луѓе од кои зрачи вера и кои не се срамуваат од неа.
Да, не е лесно да се биде верник! Но прекрасно е! Поверувај и ТИ!!
Пасторал на млади/Ж.П.