Пред опасностите и смртта молитвата се претвора во надеж

Пред опасностите и смртта молитвата се претвора во надеж

Папата Фрањо на Генералната аудиенција одржана во салата Павле VI на 18 јануари 2017 година продолжи со своите катехези за христијанската надеж. Целосниот превод на текстот од катехезата на Папата можете да го прочитате во продолжение:

Драги браќа и сестри, добар ден!

Во Светото Писмо, меѓу израелските пророци, се истакнува еден малку необичен лик; пророкот кој се обидува да побегне од Божјиот повик, одбивајќи да се стави во служба на божествениот спасителски план. Станува збор за пророкот Јона, за кој се зборува во кратката книга составена само од четири глави; еден вид на споредба, носителка на една голема наука за милосрдието на Бог Кој простува.

Јона е пророк „во излегување“ – а исто така и пророк во бегство; тој е пророк „во излегување“ кој Бог го испраќа на „периферијата“, во Ниневија за да го преобрати населението на тој голем град. Но, за Израелец како Јона, Ниневија претставува закана; непријател кој го доведува во опасност самиот Ерусалим и затоа треба да биде разрушен, а не спасен. Затоа кога Господ го испраќа Јона да проповеда во тој град, пророкот, кој ја познава Господовата добрина како и неговата желба за простување, сака да се ослободи од својата задача и да побегне.

Додека бега, пророкот стапува во контакт со погани, морнарите од коработ на кој се качил, за да се оддалечи од Бог и од своето послание. Бегај далеку… Ниневија била на подрачјето на (денешен) Ирак, а тој бега во Шпанија, бега сериозно. И токму однесувањето на тие погани (на коработ), како и подоцна на жителите на Ниневија, денес ни овозможува да размислуваме за надежта која – пред опасноста и смртта – се изразува преку молитвата.

Всушност, за време на преминот преку морето се дига голема бура и Јона слегнува во дното на коработ и заспива. Морнарите за тоа време, гледајќи ја погибелта на која се изложени, го повикаа својот бог, биле погани (Јона 1, 5). Капетанот на коработ го разбудил Јона и му рекол: „Што спиеш ти? Стани повикај го Богот свој! Можеби Бог ќе се сети на нас, и ние нема да загинеме“ (Јона 1,6).

Реакцијата на овие погани е оправдана реакција пред смртта, пред опасноста; затоа што човекот тогаш ја искушува сопствена кревкост и сопствената потреба за спасение. Инстинктивниот ужас од умирањето ја буди потребата за надеж во Бог на животот. „Можеби, Бог ќе се сети на нас, и ние нема да загинеме“ – се зборовите на надеж, кои стануваат молитва, молба полна со агонија која излегува од човечките усни пред близината на смртната опасност.

Ние премногу лесно го презираме своето влијание на Бог во потреба, како да се работи за молитва „од интерес,“ а со самото тоа и за несовршена молитва. Но, Бог ја познава нашата слабост; знае дека си спомнуваме на Него заради барање помош и со насмевка за прошка на еден татко, Бог милостиво одговара.

Кога Јона, препознавајќи ја сопствената одговорност, прави да го фрлат во морето за да ги спаси своите сопатници, бурата стивнува. Актуелната опасност од смртта тие погани ги приведува до молитва; правејќи пророкот – без оглед на сѐ – да го живее својот повик на служба за другите, прифаќајќи за нив да се жртвува; и сега ги води до спознание на вистинскиот Господ и славење. Морнарите кои во стравот им се обратиле на своите „богови“, сега со искрен страв Господов, го признаваат вистинскиот Бог, му принесуваат жртви и се заветуваат. Надежта која ги доведува до тоа да се молат за да не загинат, се покажува уште посилна и прави да се оствари она на кое не се надевале: не само што не загинале во бурата, туку се отвориле и го спознаа и признаа единствениот и вистинскиот Господ на небото и на земјата.

Исто така и жителите на Ниневија – пред најавена пропаст – ќе молат, поттикнати од надежта во Божјото простување. Ќе прават покора, ќе го повикат Господ и Нему ќе Му се обратат, започнувајќи од царот кој – како и капетанот на коработ – на надежта ѝ дава глас говорејќи: „Кој знае – можеби Бог ќе се смилостиви и ќе го отфрли од нас Својот разгорен гнев, и така да не загинеме“ (Јона 3, 9). Тие исто така, како и членовите на екипажот во бурата, средбата со смртта од која излегуваат живи ги приведува до вистината. Така под божественото милосрдие, а уште повеќе во светлината на пасхалното таинство, смртта може да стане – како што била и за свети Фрањо Асишки – „наша сестра смртта“ и да претставува, за секој човек и за секој од нас (Папата овде ја актуализира работата и ја применува на конкретните слушатели, тоа лично да го доживеат), изненадувачка можност за запознавање на надежта и средба со Господ. Нека Господ ни помогне да ја сфатиме врската помеѓу молитвата и надежта. Молитвата те носи напред во надежта и кога работите ќе станат мрачни, моли се повеќе! И ќе има повеќе надеж. Благодарам.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести, Проповеди

За авторот