Предбожиќно размислување: Преку тишината распознај ја Божјата волја
Денеска светот скоро и да не ја познава тишината. Насекаде сакаме да има врева. А таа бучава, зафатеност некако полека нѐ уништува и не ни дозволува да најдеме време за себе, да размислуваме за нашиот живот и нашиот однос со Господ. Разговараме со бројни луѓе, познати и непознати, поздравуваме, споделуваме и лајкуваме на социјалните мрежи, а разговорот со Господ недостасува. Наутро кога стануваме брзаме некаде и немаме време да го поздравиме, а навечер преуморни пред телевизорот со разни серии и забавни емисии немаме повторно време да го поздравиме да му благодариме за поминатиот ден. Не го споделуваме со нашите пријатели, бидејќи тие си имаат свои мислења и своја приватност, како да ќе им ја украдеме нивната приватност ако преку некој збор го споделиме Господ со нив. Но мислам тука за реалните пријатели, не оние виртуелни.
Денес би било корисно да се запрашаме кога некогаш си земав некој ден, некој час за себе за тишина за разговор со Господ. Обиди се во овие предбожиќни денови, денови на милост да најдеш време за себе. Време секогаш има, само е прашање дали сакаме да си најдеме, на што ставаме приоритети. На нашиот однос кон нештата, материјалноста, пријателите или ќе го ставиме Господ на прво место на приоритетната листа.
Можеби се плашиме од тишината, можеби пак копнееме за неа. Но како и да е треба да знаеме дека тишината е место каде што Бог ни доаѓа во пресрет. Ништо важно и одлучувачко во животот не се случува во врева, туку во тишина. Така Бог денес не повикува сите да се повлечеме во тишина, бидејќи тој доаѓа, како во Витлеем, така и во нашите срца, во тишина, смирено, ненаметливо. Кога ќе потонеме во тишина, тогаш се моли во срцето, туку може да се пронајде Господ, може да се биде реален со својата радост или тага, стравови и желби, може да разбереме многу нешта, кои во вревата никогаш не можеме да ги сфатиме, а се важни за нашиот живот и нашето спасение.
Дозволи му на Господ да ти зборува… Тогаш ќе можеме и вистински да ја сфатиме смислата на нашиот живот и која ја е волјата Божја за нас. Кои се плановите Божји со нас, што треба да промениме, да направиме во нашиот живот за да биде по волјата Божја. Господ преку Евангелието ни зборува дека нема да влезат во Царството Божјо оние кои велат Господи, Господи, туку оние кои ја вршат неговата волја. Да се живее без Господ е како да градиме куќа на песок, бидејќи нема стабилност, нема долготрајност, само од мали искушенија се руши целата смисла и надеж на животот
Кога својот живот го градиме вршејќи ја волјата Божја тогаш го градиме на сигурно, долготрајно, имаме надеж на вечен живот…
к.мк/о. Гоце Костов