Предбожиќно размислување: Бог те бара
Пастирите под отворено небо во Витлеемските полиња ја слушаат Радосната вест за раѓањето на Месијата. Бог ги бара и ги наоѓа, бидејќи можат да го слушнат она што преку ангелите им се навестува, затоа што тие се ослободени од секојдневието и градската галама. Бог денес и нас нѐ бара за да ни ја соопшти својата Радосна вест, дека доаѓа да нѐ спаси од ропството на гревовите. Евангелието за Добриот Пастир ни зборува дека Бог е Добриот Пастир кој остава деведесет и девет овци за да нѐ пронајде нас, кои сме изгубени во логиката на светот, во изобилството на сопствените гревови… Тој сака да нѐ ослободи од секојдневието и градската галама, а ние се отргнуваме од Него, бидејќи мислиме дека ќе бидеме посиромашни. Но Псалмистот вели: Господ е Пастир мој, ништо нема да ми недостасува (22,1).
Тој нѐ бара и сака да нѐ прегрне, да нѐ стави на своите рамења и да нѐ носи и сочува од опасностите на гревот. И покрај тоа што сме изгубени, слаби, недостојни… тој нѐ бара и не ја запира потрагата по нас. Можеби изгледа нелогично, Бог да бара еден грешник, но тој не делува според логиката на светот. Не се прашува дали се исплати или не се исплати, дали има или нема логика, посебно пак кога е во прашање спасението. Според нашата логика ние не можеме да сфатиме дека Бог токму нас нѐ бара, токму нас сака да ни ја соопшти Радосната вест, дека ние сме му важни, дека заради нас ги крши човечките закони кои се одбележани со одржливост, рентабилност, исплатливост, реципроцитет… и за сето тоа нема сокриен интерес, задкулисни игри….
Затоа денес да му благодариме на Бог што нѐ бара… Да му дозволиме да нѐ пронајде. Да не се сокриваме во мрежата на своите гревови. Денес преку нашата молитва да му кажеме: Господи Исусе Христе, јас сум тука, подготвен сум за нов почеток, да ти се поклонам како и пастирите, да ти ја принесам својата љубов. Молете се со свои зборови, како знаете и умеете. Кога ќе го потрошите богатството на вашиот речник, кога во еден момент ќе останете без зборови и нема да знаете како да продолжите понатаму, препуштете му Тој да ви зборува од Витлеемската пештера, која е ладна, но сепак ја топли нашата душа.
к.мк/о. Гоце Костов