Во парохијата „Свети пророк Илија“ во Радово, во недела 23 јуни, беше свечено прославено светувањето на Светата Евхаристија и настанот Прво Причастие за децата, кои првпат го примат светото Причастие. Литургијата започна со свечена процесија која покрај свештениците и министрантите ја сочинуваат и првопричесниците и нивните родители. Светата неделна Литургија ја предводеше парохот во Радово отец д-р Зоран И. Стојанов во сослужение со отец Трајче Ташев, отец Илија Стојанов, отец Ѓорги Динов и отец Георги Ангелов.
Во својата пригодна проповед отец Зоран ја истакна важноста на примањето на Светата Евхаристија: „Светото Причестие нѐ воодушевува за крепосен живот, ја јакне нашата волја за светечки жртви и ни дава постојаност во добро до крај. Од светото Причестие светците имале сила за херојски крепости! Исусовата љубов кон нас е прекрасна и неизмерна! Исус секој ден е подготвен да нѐ посети во светото Причестие, со нас најтесно да се соедини и нам да ни дарува нешто од богатството на своите милости. Навистина сме среќни што можеме и смееме Исуса да го примиме често…“
На светата Литургија своја кратка програма имаа првопричесниците со рецитал и песнички, кои ги подготвија заедно со својата вероучителка с. Мартина Стојкова и другите сестри Евхаристинки.
Традиционално пред отпустот се одржа свечена процесија со светото Причастие околу црквата, застанувајќи и читајќи ги предвидените четири свети Евангелија пред олтарите кои верниците ги прават во црковниот двор во чест на празникот на Пресветата Евхаристија.
к.мк/Наталија Стојанова