На 21 октомври 2019 година во Софија се одржа промоција на монографијата за Апостолската посета на папата Фрањо на Бугарија и Македонија
На настанот организиран од Апостолскиот нунциј во Бугарија и Македонија, монс. Анселмо Гвидо Пекорари учествуваше и монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх, придружуван од о. Марјан Ристов, претставници на Православната црква, Дипломатскиот кор, софискиот муфтија, претставници на еврејската заедница во Бугарија, бројни амбасадори, како и шефот на протоколот на министерството за надворешни работи на Бугарија.
Во своето обраќање епископот Стојанов го истакна историското значење од посетата на папата Фрањо во Македонија, а посебно плодовите на заедништвото, како резултат на екуменската и меѓурелигиската средба на млади со Светиот Отец.
Покрај другите, на присутните се обрати и Алесандро Џизоти, заменик главен уредник на оделот за комуникации во Ватикан, кој го придружуваше Папата на неговото Апостолско патување како привремен вршител на должноста директор на Канцеларијата за печат при Светиот Престол.
Настанот заврши со обраќање на Апостолскиот нунциј Пекорари, кој рече дека книгата е многу пофалена од Папата како знак и плод на посетата, која придонесе не само за унапредување на пасторалниот живот на локалната Црква, туку и за продолжување на дијалогот со Православната црква (…)
Публикацијата е овозможена со помош на УниКредит Булбанк и фотографската служба на ватиканскиот весник „Осерваторе Романо“.
Ватикан њуз/к.мк