Прва Света Причест – на празникот на Пресветата Евхаристија во парохијата Свети пророк Илија во Радово

Прва Света Причест – на празникот на Пресветата Евхаристија во парохијата Свети пророк Илија во Радово

Бискупот Стојанов, по повод празникот на Пресветата Евхаристија и Првата Света Причест во парохијата „Свети Пророк Илија“ – Радово, ја предводеше светата Архиерејска литургија во сослужение со парохот и декан о. д-р Зоран И. Стојанов и парохиските викари о. Трајче Ташев и о. Илија Стојанов.

На светата Литургија присуствуваше и провинцијалната настојателка на Сестрите Евхаристинки, с. Бернардина Сирачева, заедно со останатите свои Сестри како и Сестрите Вероучителки на кои парохот отец Зоран изрази благодарност за нивниот неизмерен труд и им го честиташе празникот на Пресветата Евхаристија. Прва Света Причест примија 14 деца. Празникот беше возвеличен со процесија околу Црквата во чест на Пресветата Евхаристија.

Во својата проповед бискупот Стојанов рече: „Можеби ќе се изненадите кога би ви рекол дека најстариот запис за Евхаристијата е во посланието на апостол Павле до Коринтјаните: ‘Секогаш, кога ќе го јадете овој леб и кога ќе ја пиете оваа чаша, вие ќе ја објавувате смртта на Господ, додека Тој не дојде’ (1 Кор 11,23-26) и продолжува свети Павле дека Евхаристијата е најголемиот дар што Исус го остави на апостолите во очекувањето на Неговото повторно доаѓање. Тоа е дар што го подготвува Исусовото враќање и воспитува за живот во очекување на Неговото доаѓање. Од таа причина вообичаената молитва на Христовите ученици е: Мараната – дојди Господи Исусе. Тој факт нѐ потсетува дека ние сме патници, кои патуваме на земјата и дека Евхаристијата ни е дарувана како леб, како храна за патување“.

Бискупот Стојанов уште истакна: „Црквата живее благодарејќи на Евхаристијата. Оваа вистина не изразува само дневно искуство на верата туку во себе содржи и бит на таинството на Црквата. Црквата на многу начини радосно доживува ветување кое непрекинато се исполнува: ‘Ете Јас сум со вас преку сите дни до крајот на светот’ (Мт 28,20). Благодарејќи на Пресветата Евхаристија, во која се случува претворање на лебот и виното во тело и крв на нашиот Господ Исус Христос, Црквата на посебен начин се радува на таа присутност. Тој Исусов дар го прими како најголем, бидејќи тоа е дар од Него самиот, Неговата личност, Неговото свето човештво и тоа е дар на Неговото откупителско дело“.

Обраќајќи се до Првопречесниците рече: „Драги Првопричесници, Исусовата љубов кон вас навистина е прекрасна и неизмерна! Исус секој ден е подготвен да ве посети во Светото Причастие, со вас најтесно да се соедини, и да ви удели нешто од богатството на своите милости. Навистина сме среќни што можете и смеете Исус да го примите често, дури и секој ден, во Светото Причастие. За оваа голема милост бидете од срце благодарни на Исус и секогаш со радост и задоволство да го примате во светата Причест. Исто така настојувате Исус да го примате секогаш со жива вера и света почит. Тогаш можете силно да се надевате, дека оној Исус кого сега го примате во своето срце, ќе ве прими некогаш во своите небесни станови, а таму ќе уживате во Него: не под видот на леб и вино туку лице во лице“.

Текст и фото: Наталија Стојанова/к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот