Прва света Причест во Катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица

Прва света Причест во Катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица

Во неделата на 27 јуни 2021 година во Катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица 11 деца за првпат го примија Исуса во себе. Светата архиерејска Литургија ја предводеше Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов во сослужение на катедралниот парох, протојереј-ставрофор, о. Ѓорги Трајков, о. Ристо Самарџиски, капелан, о. Гоце Костов, парох и директор на Радио Марија. На светата Литургија присуствуваа родителите и роднините на првопричесниците, нивните вероучителки с. Евхаристинки и голем број верници. Пеењето го водеше с. М. Тереза Стојкова, а светата Литургија ја пренесуваше Радио Марија.

Во својата проповед Неговото Преосвештенство меѓу другото истакна: Драги првопричесници, многу пати на веронауката ги слушавте Исусовите зборови: „Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене!“ Вие многу често се приближувавте до Исус. Беше тоа во молитвата, на веронауката, на светат Литургија. Но, сепак, како денес сѐ уште не бевте никогаш се приближиле. Денес вие дојдовте пред Исус тој да ви се приближи, да ве помилува, да ве прегрне и бакне. Тој тоа ќе го направи и неспоредливо повеќе: ќе ви допушти да го примите во вашите срца и вашите души. Тој е уште посреќен отколку вие, што може кај вас да дојде и да биде ваш гост. Оној Исус за кој многу сте слушале: дека се родил во пештерата, дека бил послуешен на својата Мајка Марија и својот очув Јосиф, и дека, кога пораснал, најдобро се чувствувал покрај децата, бидејќи нив најмногу ги сакал. Затоа и на возрасните луѓе им рекол: „Кој не го прима царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него“. Ако бидете такви добри деца, какво што мислење имаше Тој за децата, од денес натаму преку Светото Причастие Тој секогаш со задоволство ќе биде ваш гост, односно дел од вас. А вие, како добри деца, ќе бидете послушни на вашите родители, учители, вероучители и на други добри луѓе. Услужни на возрасните, болните и на други луѓе, кои имаат потреба од вашата помош. Меѓусебно ќе бидете пријатели; посебно пресретливи и внимателни кон оние меѓу вас што во нешто се скратени одошто сте вие: помалку среќни, помалку радосни. Ако бидете такви, тогаш со задоволство ќе доаѓате и на света Литургија и радосно ќе го примате Исуса во светото Причастие, рече владика Стојанов.

По завршувањето на светата Литургија следуваше кратка приредба во изведба на децата, во која изобилувааа духовни песни, а на самиот крај децата добија и Спомен од Правата Причест.

Категорија: Вести, Македонија

За авторот