Денес се спомнуваме за заедницата на светците, размислуваме за жетвата на сите живи жртви принесени на Бога, го славиме празникот во кој блеснува повеќе од кога и да е телото Христово во историјата.
Во верата живееме едно големо таинство: мртвите за Христос, со Христос и во Христос со него се живи и затоа што ние сме делови од телото Христово и тие се славни делови од славното тело на Господ, сите ние сме во заедништво едни со други, Црквата која е на пат кон светоста со небесната црква, заедно го сочинуваме единственото и целосно тело Господово.
Но што е светоста, за која денес размислуваме како повик на секој маж и жена? Одговорот на оваа прашање доаѓа од делот во Евангелието кога Исус во „беседата на Гората“започнува со набројувањата на блаженствата (Мт 5, 1-12). Блаженствата не може да се прочитат само како еден поетски текст или како една силна морална содржина, или дури како мудри изреки: во суштина тие се радосна вест, Евангелие, кои како такви треба да станат стил на живот на секој христијанин. Значи ние сме повикани да го прифатиме тоа што го доведува во прашање нашата вера, нашето следење на Господ Исус и поточно нашата среќа и радост во живеењето на Евангелието. Да, затоа што блаженствата се однесуваат на односот помеѓу верата и среќата.
Сега, добро знаеме дека блаженството, среќата доаѓа пред сѐ од тоа да се има смисла во сопствениот живот, од поседување на некој правец за својот живот, една причина за која се живее: и само кога луѓето би познавале една причина за која вреди да се изгуби животот, т.е. да се умре, тие наоѓаат исто така една причина за која живеат. Затоа, блаженствата помагаат да се открие оваа причина и на тој начин овозможуваат да ја дадат »смислата« на животот, во дејствувањето на човекот: девет пати Исус ги нарекува блажени оние кои живеат според некои одредени ситуации, за можност да им го олеснат нивниот пат кон целосното заедништво со Бог. Тој ни открива дека блаженството не доаѓа од надворешните услови, не доаѓа од благосостојбата, од задоволството, од успехот, од богатството; туку произлегува од прецизни однесувања на луѓето кои го исполнуваат Божјото ветување наменето за нивна среќа, и тие однесувања се акумулираат во нивните срца и се манифестираат во секојдневниот живот.
Да бидеме сиромашни по дух, во срцето, т.е. да се придржуваме кон реалноста да бидеме слободни до таа мера да ги прифаќаме понижувањата и да прифатиме секој ден да се потчинуваме на браќата; да бидеме способни да плачеме, благодарение на едно срце погодено од сопствената мизерија како и од мизеријата на секој еден човек; длабоко во нас да ја примиме благоста, да се бориме за да се откажеме од насилството во било која форма; да имаме глад и жед кои царуваат над правдата и вистината; да бидеме чисти по срце, т.е. врз сѐ и врз сите да го имам погледот Божји; да го живееме во практика милосрдието и да правиме дела за мир; да бидеме прогонувани и клеветени за Исусовата љубов: сето тоа значи да го спознаеме блаженството уште овде на земјата, во овој живот, и потоа во „светот кој ќе дојде“, оној во кој Бог владее засекогаш. Оној кој се наоѓа во овие ситуации, кој се обидува да се заземе за овие ставови, слушајќи ги Исусовите зборови може да спознае дека Божјето делување е за негова корист: и на тој начин го искусува блажнството, доаѓа до сознание дека Божјиот суд е еден блажен суд, кој за него ќе биде радост и добра вест. Значи нема што да нѐ плаши на судниот ден (спр. 1Ив 4, 17-18) во времето на жетвата, туку тоа е исчекување дека судот ќе се исполни и дека конечно ќе се воспостави правдата и вистината за кои се грижевме да ги одржуваме овде на земјата.
Еве го клучното прашање: дали е можно христијанинот да ја најде радоста во живеењето на блаженствата овде и сега? Тоа прашање добил и добива еден позитивен одговор, не на триумфален начин, не преку исклучителни форми во очите на светот, туку преку секојдневниот живот, честопати сокриени, од мажите и жените: светците, луѓе кои и покрај нивните противречности и нивниот грев, се обидувале да го следат Исуса живеејќи го неговиот стил на живот, стилот на блаженствата. Навистина »ние не сме сами, туку опкружени сме од еден голем облак на сведоци« (Ев 12, 1), светците: со нив заедно го сочинуваме телото Христово, со нив сме синови Божји, со нив ќе бидеме едно со Синот во Царството.
Енцо Бијанки/З.А.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк