Кардиналот Содано беше државен секретар на Светиот Престол од 1991 до 2006 година.
Поранешниот државен секретар на Светиот Престол од 1991 до 2006 година и поранешен декан на Кардиналскиот колегиум, кардинал Анџело Содано почина вечерта на 27 мај 2022 година во Рим на 95.годишна возраст.
Кардиналот беше хоспитализиран од 9 мај поради пневмонија во болницата Колумбус-Гемели, откако беше позитивен на Ковид.
Кардиналот Содано служеше како државен секретар на Светиот престол од 1991 до 2006 година за време на понтификатот на Иван Павле II и Бенедикт XVI. Беше декан на Кардиналскиот колегиум од 2005 до 2019 година.
Роден е на 23 ноември 1927 година во Изола д’Асти, како второ од шесте деца во семејство. За свештеник е ракоположен во 1950 година, а од 1959 година е во дипломатската служба на Светиот Престол. За архиепископ е именуван од папата Павле VI. Во 1977 година, беше назначен за нунциј во Чиле. За Државен секретар е именуван на празникот Свети Петар и Павле во 1991 година, еден ден откако беше примен во Кардиналскиот колегиум. Во оваа служба остана до 2006 година, кога го наследи кардиналот Тарчисио Бертоне.
Со смртта на кардиналот Содано, Кардиналскиот колегиум има 208 членови, од кои 117 со право на учествуваат во конклави.
Ватикан њуз/к.мк