На симпозиумот кој започна на 3 октомври 2017 година на Папскиот универзитет „Грегоријана“ а на тема „Достоинството на малолетниците во дигиталниот свет,“ зборуваше државниот секретар Пиетро Паролин, порачувајќи дека е потребно да се обединат сите практики во борбата против интернетската злоупотреба на децата, чии размери и брзина на ширење достигнуваат застрашувачко ниво.
Потребно е залагање и напор за „правата на малолетниците да бидат заштитени и одбранети со многу повеќе внимание и ефикасност, отколку што се правело во минатото“, истакна кардинал Паролин.
Според Интерпол, во 2016 година, секој ден пет деца претпрпувале некој вид на сексуална злоупотреба на интернет (по пат на ширење на филмови и фотографии и врбување). „Феномените со кои се соочуваме достигнуваат застрашувачко ниво, нивните димензии и брзината на ширење ја надминува нашата имагинација,“ рече кардинал Паролин. Дигиталниот свет „не е простор одвоен од светот: туку една димензија на нашиот единствен создаден свет, а малолетниците кои растат во него се изложени на нови ризици, или пак на старите ризици кои се изразуваат на нов начин.“ Проблемот е почувствителен во земјите каде пристапот до новите технологии не оди во чекор со економскиот и општествениот развој.
„Стотина милиони деца и млади растат во дигиталниот свет, но во неразвиен контекст,“ продолжи Паролин, нивните родители не знаат да им помогнат во растатот со технологиите, а властите не знаат „од каде да започнат“ во програмите за превенција и заштита. Перифериите за кои папата Фрањо континуирано зборува, се наоѓаат и внатре во богатите општества, каде постои големо духовно сиромаштво и недостаток на хуманост, порача Паролин. Децата од сите тие периферии не случајно станале цел на разни мрежи на искористување и on-line насилство организирано на глобално ниво.
На симпозиумот за „Достоинството на малолетниците во дигиталниот свет“, кој го организира „Центар за заштита на децата“ при Папскиот универзитет Грегоријана, WeProtect и ‘Син телефон за децата жртви на насилство’, до петок заедно ќе работат 150 стручњаци со искуство во заштитата на децата и младите, политичари, научници, верски претставници, како и претставници на големи интернетски компании и оператори.
Вредноста на овој симпозиум е токму во обидот на едно место да се најдобрите практики и протоколи, токму за да се соочиме со овој се пораширен и тежок феномен, порача кардинал Паролин. (…)
Во петок, на 6 октомври 2017 година, на посебна аудиенција на Светиот Отец ќе му ја претстават заклучната изјава од овој симпозиум.
РВ/к.мк