Послание на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов во Година на семејството

 Семејството – природно место за воспитување

 

Драги браќа свештеници, чесни сестри, браќа и сестри во Христа!

Во текот на изминатата година во нашите пасторални средби често зборувавме и за воспитувањето на децата. Кога добриот Бог реши да го откупи човекот и да ја обнови во човекот својата слика многу е возбудливо дека Тој на себе ја презеде нашата слика. Чудесни Божји размени. Повторно да бидеме на Бога слични, Тој стана сличен на човекот, односно на нас, да ја излечи Прародителската ранливост во која се случило првото братоубиство кога Каин го уби на Авел. Самиот Бог влезе во семејството „да однатре“ го обнови. Прасемејството е заменето со Светото семејство. Во тоа семејство на Јосиф и Марија се допушта Бог да ги „воспитува“ сите детски и млади возрасти. Уште и повеќе влезе во животот на обичниот човек како дрводелев син. Научува занает и научува да со работата на своите раце го заработи својот леб. Кога го набљудуваме тоа дело остануваме восхитени но и уверени дека низ триесет години од својот земски живот од таинственоста на својот живот Бог сакаше нешто да ни порачи. Бог ни покажа на времето како детето – децата – го поминуваат тоа време во семејството. Тоа време е време на раст но и време на воспитување. За Исус пишува дека растеше во возраста и милоста пред Бога и луѓето. Би била погрешна претпоставката дека Исус и покрај својата божествена природа беше wuderkind – чудесно дете. Не. Тој беше дете кое требаше да учи да говори, да оди, да се однесува, да се дружи, да работи итн. Што всушност значи задача на воспитување? Тоа не е поединечен и едноставен чин, туку тоа е еден долг и стрплив процес. Секое дете е единствено и неповторливо и како личност и како дар. Навистина од самото зачнување тоа е вистински човек. Но до часот кога ќе биде возрасен, човек поминува долго време. Интересно е да се спомене дека сите живи суштества многу понапред се прилагодуваат на околностите на животот, би рекол дека далеку понапред се воспитани отколку човекот. Како да ни се порачува дека човекот е најкомплицираното живо суштество и да му треба најдолго време за да порасне. Што се однесува на процесот на растење тој процес е природен и треба само грижно да се внимава да не биде попречен од надворешни влијанија како што е на пример: болест, неисхранетост итн. Но, кога се работи за воспитување тоа е далеку посложено. Зошто? Човекот е личност од самото зачнување. Носител е на бесмртна човечка душа и на сето тоа што припаѓа на една неповторлива личност. Значи, што припаѓа на човекот со разни и разнолики дарови. Тоа дете не е само плод на родителската љубов, туку е чин на Божјото создателско дело. Тоа значи, околу неговото воспитување треба да се смета дека детето не е наша сопственост, туку дека е Божји дар. Во Божјата провидност за секое наше дете постои зацртан план што Бог го предвидел да одејќи по тој пат би можел да се исполни себеси до крај и да го воспитува светот во кој живее. Бог никому не предвиде животен пат кој би бил несреќен и проклетство. Веднаш предупредувам дека болеста или хендикепираноста не се казна, туку често привилегиран животен пат кој понекогаш е многу побогат содржајно отколку кај најперспективните и најздрави луѓе. Во воспитувањето најпрво го прифаќаме фактот дека детето ни е дарувано и дека за нас тоа е непознато. Тоа што родителите треба прво да откријат тоа е природата на детето и природните дарови со кои детето е дарувано. Прва задача е да се помогне да таа природа се облагороди и даровите да се развијат. Не смееме во процесот на воспитување најнапред да создадеме слика а пред сè план што би сакале од своето дете, туку би требале да се запрашаме што Бог сака од него. Во воспитниот процес ние сме помошници Божји, а и Тој наш, бидејќи конечна цел е да тоа дете дојде до наследството на вечниот живот. Не смееме да го задржиме за себе, туку да го воспитаме за него да во животот се оствари и да не отиде од оној пат кој води во вечност. Затоа во воспитувањето на децата најважен пример е животот на родителите. Треба и збор, но тој во современото општество е толку преплавен со нејасни зборови и затоа најјасен говор е примерот што детето го гледа во односот на своите родители. Јасно треба и збор. Покрај сето тоа христијанските родители своите деца ги пратат со постојана молитва до Господа Бога. Погледнете ја Марија Исусовата Мајка, го прикажува во храмот. Го прикажува во Неговото јавно дејствување, се повлекува, и конечно го прикажува на крстот. Всушност, вистинскиот родител е свесен дека неговото дете е изложено на многу влијанија дури и предизвици и од сето штетно може да го чува единствено во сојузот со Бога. Тоа е христијанско воспитување. Кога детето е возрасно? Возрасно е со преземањето одговорност на себе. Затоа не смееме да пропуштиме да го поучуваме од раната младост дека тоа што го работи и за тоа што е негово да биде одговорен. Тоа започнува од најмали работи и се до целосна одговорност. Детето да не го лишуваме од работни должности. Одговорност не може да има ако нема задача која треба да ја изврши. Работата и одговорноста се во сооднос. Разбирливо, родителите своите деца треба да ги воспитуваат во верата, а тоа значи во молитва, литургија и морален живот. Кога децата ќе пораснат тогаш влегуваат во живот самостојни и одговорни и не престануваат да ни бидат мили членови во семејството, сепак треба да ги помагаме како ангели чувари – невидливо а да стварно во живото го исполнат посланието и во своите семејства. Родителската грижа и љубов никогаш не престануваат.

Сугестии:

– потрудете се секој ден да слушнете што децата ви говорат. Детето и покрај тоа што е мало тоа е во целина човек и има право на вистина.

– често прашувајте ги своите деца што имаат да ви кажат, раскажат, доверат.

– не префрлувајте одговорност еден на друг, татко на мајка, мајка на татко.

– барем еднаш седмично заедно со своите деца разговарајте да можат да ви ги кажат своите желби, очекувања дури и незадоволства.

– молете заедно со децата.

– обидете се да се спријателите со оние семејства со чии што деца се спријателени вашите деца. Така се создава сојуз на семејствата.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Колумни, Македонија

За авторот