Посетата на папата Фрањо, која ќе се случи на крајот на јануари 2023 година, ќе ги оживее мировните напори за сите оние кои бараат мир за конгоанскиот народ, коментираше конгоанскиот амбасадор во Светиот Престол во интервјуто по говорот на Папата до Дипломат кор.
Во интервју за Vatican News, амбасадорот на Демократска Република Конго во Светиот престол Н.Е. Деогратијас Ндагано Мангокубе рече дека посетата на Светиот Отец на Демократска Република Конго на 31 јануари ќе биде преродба и нов воздух во животот на Конго.
Нови почетоци за мир
Амбасадорот на Конго во Светиот Престол најпрво му изрази благодарност на папата Фрањо за неговата постојана блискост со напатениот конгоански народ кој со години поминува низ вооружен конфликт со вооружени банди, особено во источниот дел на земјата.
Во својот говор на 9 јануари, обраќајќи им се на акредитираните амбасадори во Светиот Престол, Папата се осврна на некои од болестите што го мачат светот, посакувајќи новата година да биде година на иновации за мир во свет каде што се чини дека поделбите и војните се множат, рече амбасадорот.
„Конечно ќе можам да одам во Демократска Република Конго“
Зборовите кои најмногу го трогнаа конгоанскиот амбасадор во обраќањето на Папата беа: Конечно ќе можам да одам во ДР Конго… Кога Папата ги кажа тие зборови, амбасадорот Ндагано беше посебно трогнат.
Очекувањата на Конгоанците се огромни, а нивната радост е голема. Пристигнувањето на папата Фрањо во ДР Конго се подготвува на секое место во земјата, не само на ниво на Црква или во главниот град, туку буквално сите во земјата се подготвуваат за таа посета, рече конгоанскиот амбасадор во Светиот Престол.
Демократска Република Конго копнее за мир и се надева дека оваа апостолска посета ќе ги охрабри сите оние кои енергично работат за мирот во земјата да направат уште повеќе, посочи тој. Тој е убеден дека средбата на Светиот Отец со жртвите од вооружените конфликти во источниот дел на земјата ќе биде еден од најважните моменти на неговата посета. Папата ќе се сретне и во Киншаса со жртвите.
Ходочастие и повик за мир
Папата Фрањо ја повтори својата загриженост за вооружените конфликти во источниот дел на Конго, обраќајќи се пред Дипломатскиот кор во Ватикан пред неколку дена.
Како што знаете, на крајот на месецот, конечно ќе можам да одам како поклоник на мирот во Демократска Република Конго со надеж дека насилството на истокот на таа земја ќе заврши и дека патот на дијалогот ќе надвладее, како и волјата за дејствување за безбедност и општо добро.
Моето ходочастие ќе продолжи во Јужен Судан, каде што ќе ме придружуваат надбискупот од Кентербери, Џастин Велби и модераторот на Генералното собрание на црквата на Шкотска, Џим Валас.
Заедно сакаме да се обединиме со молбата на народот во земјата за мир и на тој начин да придонесеме во процесот на национално помирување, истакна Папата.
Ватикан њуз/к.мк