Посетата на Кореја како влез за евангелизацијата на Азија

За помалку од еден месец папата Фрањо ќе отпатува за Јужна Кореја. Тоа ќе биде трето меѓународно патување во неговиот понтификат, а ќе трае од 14 до 18 август. Главни настани на оваа посета ќе биде средбата со младите, по повод шестиот Ден на азиските млади, беатификацијата на 124 корејски маченици и литургијата за мир и помирување. На тој важен настан, во разговор за Радио Ватикан, се осврна портпаролот на Сеулската надбискупија патер Хур Јунг Јуп, кој пред сѐ истакна дека Црквата во Кореја е прва на азискиот континент која ќе биде посетена од папата Фрањо. Преку тој важен настан Црквата во Кореја ќе стане влез за евангелизацијата во Азија.

Можеме да кажеме дека Кореја е земја што го симболизира светот на кој му е потребен мир и помирување, напомена патер Хур и додаде дека затоа посетата на Светиот Отец може на таа земја да ѝ донесе важна порака на надеж и мир. На новинарското прашање какво мислење имаат Кореанците за папата Фрањо, патер Хур рече дека папата Фрањо им се допаѓа на сите Кореанци, не само на католиците. Ја цениме неговата едноставност, начинот на кој се грижи за сиромасите и за тие што се на работ на општеството. Целиот корејски народ нестрпливо ја очекува средбата со Светиот Отец. Што се однесува пак до подготовките за посетата на Папата, патер Хур рече дека заедно со Црквата во Кореја и Владата и дава потполна подршка во подготовката на апостолската посета на Светиот Отец.

Посетата на Папата не е само поединечна можност на Црквата во Кореја, туку и важна можност за внатрешни реформи и надворешна евангелизација. Потсетувајќи се пак на втората посета на свети Иван Павле II на таа земја во 1989 година, патер Хур истакна дека таа посета имала позитивно влијание на Црквата во Кореја. Католичката црква стана попозната во општеството и остави добар впечаток врз целото население на Кореја.

Осврнувајќи се на постапката на секуларизација, патер Хур спомна дека неговата земја сериозно е погодена од идеологијата на материјализмот, индивидуализмот, секуларизмот и верската рамнодушност и истакна дека истиот тој проблем постои и внатре во Црквата. Затоа, како што кажа, важно е Црквата да пронајде нови патишта и нови методи за соочување со тие проблеми. Во таа смисла, според патер Хур, тоа е важна задача и цел на евангелизацијата. А за тоа е многу важно, најпрво да се промени самата Црква, да излезе во светот и да го шири Евангелието со нови средства и со нови резултати. Црквата во Кореја треба уште многу од тоа да направи, но прави сѐ што е можно евангелизацијата да ја претвори во делување, рече патер Хур.

Говорејќи потоа за почетоците на Католичката црква во Кореја, патер Хур истакна дека специфичноста на Црквата во Кореја е што таа настанала преку работата на лаиците, а не преку мисионерите, истакна патер Хур и додаде дека Црквата во Кореја има издржано многу прогонства, но и покрај тоа, нашите предци ја зачувале својата силна вера и продолжиле да ја шират Радосната вест за Исус Христос.

На новинарското прашање како Црквата се залага за обединување на земјата, патер Хур истакна дека тоа е посланието на Црквата во Кореја: да работи на помирувањето и обединување на земјата. Мислам дека најпотребна е хуманитарната подршка и искрен дијалог, а Црквата продолжи да дава хуманитарна подршка и тогаш кога ситуацијата помеѓу Северот и Југот беше напната, истакна на крајот портпаролот на Сеулската надбискупија.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот