Порака на папата Фрањо за 53. Светски ден на мирот (1 јануари 2020)

Порака на папата Фрањо за 53. Светски ден на мирот (1 јануари 2020)

Мирот како пат на надеж: дијалог, помирување и еколошко преобраќање

1.Мир – пат на надеж посипан со препреки и искушенија

Мирот е големо и скапоцено добро, предмет на нашата надеж, кон кој копнее човечкото семејство. Надевањето на мирот е човечки став кој во себе има егзистенцијална напнатост, која овозможува понекогаш тешката сегашност „да може да се живее и прифати ако води кон некоја цел, ако во таа цел можеме да бидеме сигурни и ако таа цел е толку голема што го оправдува трудот вложен во поминатиот пат. (1) Значи надежта е крепост која нè придвижува и ни дава крилја да одиме напред, дури и тогаш кога препреките изгледаат ненадминливи.

Нашата човечка заедница носи, во своето сеќавање и на своето тело, низа белези од разорните војни и судири, кои не престануваат да ги погодуваат посебно најсиромашните и најранливите. Дури и на цели народи им е тешко да се ослободат од ланецот на искористување и корупција кои поттикнуваат омраза и насилство. И ден денес, на голем број мажи и жени, млади и стари им се негира достоинството и надежта за иднината. Многу невини жртви се изложени на болно понижување и исклучување, тага и неправда, па дури и трауми, со системски напади на нивниот народ и нивните најсакани.

Страшните искушенија од домашни и меѓународни конфликти, кои честопати се влошуваат со безобразно насилство, оставаат лузни на телото и душата на човештвото кои се тешки и бавно зацелуват. Всушност, секоја војна е прикажана како братоубиство што ја уништува самата промисла на братството запишана во повикот на човечкото семејство.

Како што знаеме војната најпрво започнува од нетрпеливост кон разликите на другиот, што раѓа желба за поседување и желба за превласт над другиот. Се раѓа во човечко срце од себичност и ароганција, од омраза што води до уништување, до создавање чисто негативна слика за другиот, негово исклучување и уништување. Војната е поттикната од нарушените односи, хегемонистичките амбиции, злоупотребата на моќта, стравот од другиот и различноста, кои се сметаат како препрека. Војната, во исто време, сето тоа го поттикнува и го зајакнува.

Како што забележав за време на своето неодамнешно апостолско патување во Јапонија, парадоксално е што „нашиот свет живее во изопачена дихотомија: сака да се брани и гарантира стабилност и мир врз основа на лажна сигурност поддржувана од менталитетот на страв и недоверба, што завршува со затруени односи меѓи народите и спречување на секаков можен дијалог. Мирот и стабилноста во светот се неспоиви со секој обид да се гради врз стравот за меѓусебно уништување или закана за потполно уништување. Тие се можни врз основа на темелите на глобалната етика на солидарност и соработка во служба на иднина обликувана врз меѓусебна зависност и соодговорност во целото човечко семејство, ова денешното и она утрешното.

Секоја закана ја зајакнува недовербата и преокупираноста со сопствената ситуација. Недовербата и стравот дополнително ги ослабнуваат односите и го зголемуваат ризикот од насилство, создавајќи маѓепсан круг кој никогаш нема да може да доведе до мирни односи. Дури и нуклеарното одвраќање може да создаде само лажна сигурност.

Затоа не може да бараме само да ја одржуваме стабилноста во светот со страв за уништување, во многу нестабилна рамнотежа која виси на работ на нуклеарна бездна и која е затворена зад ѕидовите на рамнодушност, каде се донесуваат општествени и економски одлуки кои го отвораат патот за трагични ситуации во кои човечките битија, па и самиот создаден свет го отфрла, наместо едни други да се чуваме. Па како да се гради патот за мир и взаемно почитување? Како да се стави крај на лошата логика на закана и страв? Како да се надмине динамиката на недоверба која преовладува денес?

Треба да се стремиме за вистинско братство кое се темели на нашето заедничко потекло од Бог и кое се остварува во дијалог и меѓусебна доверба. Желбата за мир длабоко е впишана во човечкото срце и не смееме да се помириме со ништо помалку од тоа.

  1. Мир – пат на слушање заснован врз сеќавањето, солидарноста и братството

Хибакуша, оние кои го преживеале атомското бомбардирање во Хирошима и Нагасаки, се вбројуваат меѓу оние кои денес го одржуваат живиот пламен на колективната свест, сведочејќи на генерациите кои доаѓаат за ужасот на она што се случи во август 1945 година и на неискажливото страдање кое продолжи сè до ден денес. Нивното сведоштво на тој начин го буди и го чува споменот на жртвите, со цел човековата свест може да ја надмине секоја желба за доминација и уништување. „Не можеме да дозволиме сегашните и идните генерации да го изгубат сеќавањето за она што се случи овде. Ова сеќавање е гаранција и поттик за градење иднина каде ќе има поголема правда и братство “

Како нив, многу луѓе во целиот свет работат на тоа идните генерации да го зачуваат споменот на минатите настани, не само затоа за да не се повторат истите грешки и лажните обрасци повторно да им се нудат на луѓето, туку исто така споменот, како плод на искуство, да послужи како основа и вдахновение за сегашните и идните одлуки со кои се промовира мир.

И уште повеќе, споменот е хоризонт на надежта. Многу пати, во темнината на војните и конфликтите, споменот и на малиот примен гест на солидарност може да послужи како вдахновение за храбри и дури и херојски одлуки, може да ослободи нови енергии и повторно да го запали пламенот за нова надеж во поединците и заедниците.

Да се застапува и да се оди по патот на мирот претставува многу сложен предизвик, затоа што интересите во односите меѓу луѓето, заедниците и народите се бројни и контрадикторни. Потребно е пред сè да се апелира на моралната свест и личната и политичката волја. Мирот извира од длабочината на човечкото срце и политичката волја треба секогаш одново да се зајакнува, така да се отпочне нов процес за помирување и обединување на поединците и заедниците.

На светот не му се потребни празни зборови, туку уверени сведоци, миротворци отворени за дијалог кои се воздржуваат од исклучивост и манипулација. Имено, не може да се дојде до мир без вистински уверен дијалог на мажите и жените кои ја бараат вистината над идеологијата и различните мислења. Мирот „треба постојано да се изградува“, тоа е одење кое со заеднички сили го преземаме во постојано барање на општото добро и со посветено залагање да го одржиме ветениот збор и да го почитуваме правото. Взаемното слушање може да придонесе да порасне меѓусебното познавање и почитување, сè дотаму што во непријателот ќе видиме лице на брат или сестра.

Затоа процесот на мир бара постојана посветеност. Тоа е трпелива работа во барање на вистината и правдата, со која се дава почест на жртвите и кој го отвора патот, чекор по чекор, со заедничка надеж, која е посилна од желбата за освета. Во правната држава демократијата може да биде важна парадигма на овој процес, под услов да е втемелена на правдата и посветеното залагање за заштита на секој поединец, посебно оној кој е слаб или маргинализиран, во постојана потрага по вистината. Тоа е општествена конструкција и нешто што се гради континуирано, каде секој посединец одговорно го дава својот придонес на сите нивоа на локалната, националната и глобалната заедница. Како што истакнуваше свети Павле VI.: Дуплиот стремеж за еднаквост и учество е упатен кон промовирање на демократскиот тип на општество […]. Ова претпоставува важност за воспитување за здружен живот и кој, освен информираноста за правата на секој од нас, ќе биде расветлена и со неопходната противтежа на тие права: признавање на сопствените должности кон другите. Значењето и вршењето на должноста зависи од односот со себе, потоа од прифаќањето на одговорностите и границите во служењето на слободата на поединци или групи.

Наспроти тоа, поделбата меѓу членовите во општеството, ја зголемува општествената нееднаквост и одбивање да се користат средства со кои ќе се обезбеди целосен човечки развој.

Спротивно на тоа, поделбата меѓу членовите на општеството, зголемувањето на социјалните нееднаквости и одбивањето да се користат средства за да се обезбеди целосен човечки развој се заканува на стремежот за општо добро. Сепак, трпеливата работа, која се темели врз силата на зборовите и вистината може да ја разбуди кај луѓето способноста за сочувство и креативна солидарност.

Во нашето христијанско искуство, постојано се повикуваме на Христос, кој го даде својот живот за да нè помири со Бога (сп. Рим. 5, 6-11). Црквата е целосно вклучена во потрагата по праведен социјален поредок. Таа продолжува да му служи на општото добро и ја зајакнува надежта за мир со тоа што ќе ги пренесе христијанските вредности и морални учења, како и со своите општествени и воспитно – образовни дела.

  1. Мирот – пат на помирување во братско заедништво

Библијата на посебен начин според зборовите на пророците, ја потсетува совеста и народот на Божјиот сојуз со човечкиот род. Станува збор за откажување од желбата за доминација над другите и да научиме да се гледаме едни со други како личности, како деца Божји, како браќа. Другиот никогаш не треба да се ограничи на она што тој може да го каже или направи, туку треба да се гледа преку призмата на ветувањата што ги носи во себе. Само ако се одбере патот на почитување е можно да се разбие спиралата на одмазда и да појде по патот на надежта.

Водечката мисла во ова е евангелскиот дел што го пренесува следниов разговор помеѓу Петар и Исус: Тогаш Петар пристапи кон Него и рече: „Господи, колкупати да му простам на брата си, кога ќе згреши против мене? До седумпати ли?” Исус му одговори: „Не ти велам до седум, туку до седумдесетпати по седум.” (Матеј 18, 21-22). Тој пат на помирување нè повикува да најдеме во длабочините на нашите срца сила за простување и способност едни на други да се препознаеме како браќа и сестри Ако научиме да живееме со простување, тогаш се зголемува нашата способност да станеме жени и мажи на мирот.

Она што е вистина за мирот во општествената, важи и за политичката и економската сфера, затоа што прашањето на мирот ги опфаќа сите димензии од животот на заедницата: никогаш нема да има вистински мир ако не бидеме во состојба да градиме праведен економски систем. Како што напиша Бенедикт XVI пред десет години во енцикликата Caritas in veritate: Ако сакаме да ја победиме неразвиеноста, потребно е да се настојува не само да се подобрат трансакциите, кои се засноваат на размени и на зацврстување на јавните структури, чија задача е да помогнат, туку посебно да се настојува за уште поголемо глобално отворање на оние облици на економска активност, кои се одбележани со голем удел на бесплатност и заедништво (бр. 39)

  1. Мир – пат за еколошко преобраќање

Ако погрешното сфаќање на сопствените принципи некогаш нè довеле да го оправдаме лошото постапување со природата, човечкото сурово владеење над создадениот свет или војните, неправдите и насилствата, како верници треба да признаеме дека на тој начин не сме биле верни на богатството на мудроста, која сме должни да ја заштитуваме и чуваме.

Соочени со последиците на нашето непријателство кон другите, нашето непочитување на заедничкиот дом и насилното искористување на природните добра – кои се гледаат исклучиво како корисни средства за остварување на директна заработка, без почитување на локалните заедници, заедничкото добро и самата природа – потребно ни е еколошко преобраќање.

Неодамнешната синода за Амазонија нè поттикнува да упатиме повик за обнова на мирниот однос помеѓу заедницата и земјата, помеѓу сегашноста и минатото, помеѓу искуството и надежта.

Овој пат на помирувањето исто така бара да го наслушнуваме и да размислуваме за светот кој Бог ни го даде како дар и од него да направиме заеднички дом. Имено, природните добра, многубројните облици на живот и самата Земја се доверени на нас за да ги обработуваме и чуваме (сп. 1 Мојсеева 2,15), исто така и на идните генерации, со одговорно и активно учество на сите. Мораме при тоа да ги промениме и своите уверувања и погледи и да бидеме повеќе отворени за средба со другите и прифаќање на дарот на создавање, кој ја одржува убавината и мудроста на својот Создател.

На посебен начин тоа е извор на подлабоки мотивации и нов начин за да престојуваме во нашиот заеднички дом, да живееме рамо до рамо едни со други со својата различност, да го почитуваме и славиме животот кој сме го примиле и да го споделуваме со другите, да се погрижиме околу создавање животни услови и модели во општеството кои ја помагаат одржливоста на животот и развојот на општото добро на целото човечко семејство.

Еколошкото преобраќање на кое повикуваме нè води до тоа на нов начин да гледаме на животот, набљудувајќи ја дарежливоста на Создателот, кој ни ја дарува Земјата и кој нè повикува на радосна умереност во заедничкото делење на сè. Тоа преобраќање треба да се сфати на потполн начин, како промена на односите кон сестрите и браќата, кон другите живи суштества, кон созданијата во целата нивна богата разноликост и кон Создателот кој е извор и почеток на секој живот. За христијанинот ова бара „плодовите од нивните средби со Исус Христос да испаднат на виделина во нивните односи со светот кој ги опкружува“.

  1. Добиваш колку што се надеваш

Патот на помирување бара трпеливост и доверба. Мирот не може да се постигне ако не се надеваме на него.

Во прв ред, тоа значи да се верува во можностите за мир, да се верува дека на другиот, токму како и на нас, му е потребен мир. Во тоа може да се вдахновуваме од љубовта која Бог ја има кон секој од нас, љубов која е ослободителна, безгранична, бесплатна и неуморна.

Стравот често пати е извор за конфликт. Затоа е важно да се надминат своите човечки стравови и да се препознае дека сме потребни деца на Оној кој нè љуби, нè очекува, како таткото со блудниот син (сп. Лука 15,11-24).

Културата на братската средба ја руши културата на закана. Таа секоја средба ја претвора во можност и дар за Божјата великодушна љубов. Нè води над границите на нашите ниски хоризонти и постојано нè поттикнува на живот во духот на сеопшто братство, како деца на единиот небесен Отец.

За Христовите следбеници, тој пат исто така е потпомогнат со светата Тајна помирување, која Господ ја даде за простување на гревовите на крстените. Таа света Тајна на Црквата, која го обновува поединецот и заедницата, повикува својот поглед да го упатиме кон Исус, кој „за да измири сè со Себе, било земно, било небесно, создаде мир со крвта на Неговиот крст“ (Колосјаните 1,20) и бара од нас во мислите, зборовите и делата да го отфрлиме секое насилство, било кон ближните, било кон создадениот свет.

Милоста на Бог Отецот ни се дарува како безусловна љубов. Добивајќи го неговото простување преку Христос, можеме да појдеме на пат за да го понудиме на мажите и жените од нашето време. Од ден во ден, Светиот Дух ни сугерира ставови и зборови како би станеле градители на правда и мир.

Бог на мирот нека ни помогне и нека ни биде на помош.

Марија, Мајка на Кнезот на мирот и Мајка на сите народи на земјата, нека нè придружува и нека ни биде помош на секој наш чекор на нашиот пат на помирување.

И секој човек, со доаѓањето на овој свет, нека најде сили да го запознае животот во мир и во потполност да го развие ветувањето на животот и љубовта, кој ги носи во себе.

Од Ватикан на 8 декември 2019 година

Фрањо

Категорија: Ватикан, Вести, Проповеди

За авторот