Порака на папата Фрањо за 1. Светски ден на дедовци, баби и стари лица

Порака на папата Фрањо за 1. Светски ден на дедовци, баби и стари лица

„Јас сум со тебе во сите денови“ (сп. Матеј 28,20)

Драги баби и дедовци, драги постари лица!

Тоа е ветување кое Господ го даде на своите ученици пред неговото вознесение на Небото и кое денес го повторува на тебе, драги дедо и драга бабо. На тебе! „Јас сум со тебе во сите денови“ воедно се зборови кои јас, како римски бискуп и како постаро лице како и ти, ги упатувам на овој прв Светски ден на дедовците и бабите и постарите лица: целата Црква ти е блиска, односно подобро кажано: Целата Црква ни е блиска. Се грижи за тебе, те љуби и не сака да те остави сам/сама!

Знам дека оваа порака стигнува до тебе во тежок час: пандемијата се покажа со неочекувана и силна бура, тешко искушение во кој се најдоа животите на сите, но посебно мислам на старите лица. Многумина од нас се разболеа и многу умреа или се сведоци на умирањето на своите сопружници и свои сакани; колку долго само бевме присилнени на осаменост и изолација.

На Господ му се познати сите страдања низ кои поминавме во тоа време. Тој е близок до сите кои доживуваат болно искуство на оние кои се напуштени; не е рамнодушен на нашата осаменост која пандемијата ја направи уште потешка. Преданието збороува дека и свети Јоаким, дедото на Исус, бил оддалечен од својата заедница, затоа што немал деца; неговиот живот – како и животот на неговата сопруга Ана – се сметал за бескорисен. Но Господ му испрати ангел да го утешува. Додека тагуваше надвор од градските порти, му се покажа Божји гласник и му рече: „Јоакиме, Јоакиме! Господ Бог ја услиша твојата упрона молитва“ [1]. Изгледа дека Џото (Giotto di Bondone) на својата позната фреска [2], го сместува тој призор во ноќните часови, во една од многуте непроспиени ноќи исполнети со сеќавања, грижи и желби на кои многумина од нас се навикнаа.

Но и кога изгледа дека насекаде владее теминина, како во текот на овие месеци од пандемијата, Господ продолжува да праќа ангели за да нè утешуваат во нашата осаменост и да ни повторуваат: „Јас сум со тебе во сите денови“. Тоа ти го вели тебе, го вели на мене, на сите. И тоа е суштината на овој Светски ден кој сакав прв пат да се слави оваа година, после долготрајната изолираност и сè уште спорото враќање на вообичаениот општествен живот: секој дедо и секоја баба, секоја стара личност – посебно оние кои се најосамени – нека ги посети еден ангел.

Понекогаш тој ќе има лице на нашите внуци, понекогаш, пак челнови од семејството, стари пријатели или оние кои сме ги запознале токму во овие тешки времиња. Во текот на ова време научивме да сфатиме колку прегратките и посетите се важни за секој од нас. Колку ли само ме натажува фактот што на некои места ова уште не е можно!

Меѓутоа Господ ни испраќа исто така свои глaсници преку Божјото Слово. Тој не дозволува во нашиот живот некогаш да бидеме скратени од него. Да прочитаме секој ден еден текст од Евангелието, да ги молиме псалмите, да ги читаме пророците! Ќе останеме трогнати од верноста на Господ. Светото Писмо исто така ќе ни помогне да сфатиме што Господ сака од нас денес во нашиот живот. Тој испраќа работници во своето лозје во различни часови од денот (сп. Матеј 20,1-16) и во секоја животна доба. Јас самиот можам да посведочам дека повикот да станам римски бискуп го примив, така да кажам, кога наполнив години за пензионирање и мислев дека нема да можам да направам нешто многу ново. Господ секогаш ни е близок – секогаш – со нови повици, со нови зборови, со својата утеха, но секогаш ни е близок. Знаете дека Господ е вечен, дека никогаш не се пензионира. Никогаш.

Во Евангелието според Матеј Исус им вели на апостолите: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот (28,19-0). Тие зборови денес се упатени на нас и ни помагаат подобро да сфатиме дека нашиот повик се состои во тоа да ги чуваме своите корени, да ја пренесуваме верата на младите и да се грижиме за малите. Слушајте внимателно: кој е нашиот повик денес, во нашето доба? Одговорот е: да се чуваат корените, да се пренесува верата на младите, да се грижиме за малите. Не заборавајте го тоа.

Не е важно колку години имаш, работиш или сè уште не, дали си останал сам/сама или имаш семејство, дали си станал дедо/баба порано или покасно во животот, дали си уште независен/независна или имаш потреба од помош, затоа што не постои доба за пензионирање кога се работи за навестување на евангелието, задачата да се пренесе традицијата на внуците. Треба само да појдеме и пред сè да излеземе од самите себе за да се преземе нешто ново.

Во овој клучен историски момент пред вас е значи нов повик. Ќе се прашаш: но како е тоа можно: Силите ми ослабнуваат и мислам дека не можам да направам многу. Како можам да започнам да се однесувам на нов начин кога рутината стана правило во мојот живот? Како да се посветам на најсиромашните кога самиот веќе сум преокупиран/а со моето сопствено семејство? Како можам да го проширам својот поглед ако не смеам да ја напуштам куќата во која живеам? Зарем мојата осаменост не е преголем терет? Колкумина од вас си ги поставуваат ова прашање: зарем мојата осаменост не е претежок терет? Самиот Исус го слушнал ова слично прашање од устата на Никодим: „Како може човек да се роди, кога е стар“ (Иван 3,4). Тоа е можно, одговара Господ, кога човекот ќе го отвори своето срце за да дејстувањето на Светиот Дух, кој дува каде сака. Светиот Дух е слободен – оди каде сака и прави што сака.

Како што повторив повеќе пати, од кризата во која се најде целиот свет нема да излеземе исти: ќе излеземе или подобри или полоши. „Да даде Бог […] тоа да не биде еден од неброените сериозни настани во историјата во кои не бевме кадарни ништо да научиме – така ние сме тврдоглави! -; [Да даде Бог] да не заборавиме на старите лица кои умреа, затоа што немаше респиратори […]; таа голема болка да не биде залудна, да направиме голем исчекор во новиот начин на живот и еднаш заекогаш да откриеме дека сме потребни едни на други и дека сме должници едни на други, како човештвото повторно би се родило“ (Енциклика Fratelli tutti, 35 ). Никој не се спасува сам. Должници сме едни на други. Сите ние сме браќа.

Во таа перспектива, сакам да ти порачам дека и ти си потребен/потребна со братство и социјално пријателство во градењето свет на утрешнината: оној во кој ќе живееме – ние заедно со своите деца и внуци – кога оваа бура ќе помине. Сите „мораме активно да учествуваме во обновата и помагањето на рантетите општества“ (исто 77). Меѓу разните столбови кои мора да ја носат таа нова градба постојат три кои ти, подоро од сите други, можеш да помогнеш за да се постават. Ова се тие три столба: соништа, сеќавања и молитва. Господовата близина ќе даде сила и на најкревките од нас да појдат по тие нови патишта: патишта на соништа, сеќавање и молитва.

На пророкот Јоил му се има дадено ова ветување: „И синовите ваши и ќерките ваши ќе пророкуваат; старците ваши ќе сонуваат соништа и младите ваши ќе гледаат виденија“ (Јоил 2,28). Иднината  на светот е во тој сојуз помеѓу младите и старите, Кој друг, ако не младите, тие може да ги прифати соништата на старите и да ги пренесат понатаму? Но за тоа е потребно да се продолжи да се сонува: во нашите соништа за правда, мир и солидарност се крие можноста нашите млади да имаат нови виденија и заедно да можеме да ја градиме иднината. Многу е потребно и ти исто така да сведочиш дека е можно да се излезе обновени од искуството на искушението. И уверен сум дека тоа нема да биде единствено, затоа што во својот живот имаш доживеано многу и си успеал/а да ги пребродиш. Тоа искуство нека ви помогне да се преброди она низ што поминувате денес.

Затоа соништата се испреплетени со сеќавањата. Мислам на тоа колку е скапоцено она болно сеќавање на војна и колку нови генерации од неа можат да научат за вредноста на мирот. А ти кои ги преживеа тие воени страдања повикан/а си на другите да им зборуваш за тоа. Сеќавањето е вистинско и право послание на секоја постара личност: да се биде чувар на сеќавањата и да се пренесат на другите. Едит Брук, која ги преживеа ужасите од холокаустот рече дека „просветлувањето на само една совест вреди труд и болки за да се зачува живото сеќавање на она што се случило“. И додава: „За мене сеќавањето е живот“ [3]. Исто така помислувам на моите претци и оние меѓу вас кои мораа да емигрираат и знаат колку е тешко да се напушти сопствениот дом, како што тоа денес го прават многумина со надеж во подобра иднина. Некои од нив можеби се со нас и се грижат за нас. Тоа сеќавање може да ни помогне да создадеме почовечен и погостољубив свет. Но без сеќавање не е можно да се гради, без темели никогаш нема да изградиш куќа. Никогаш. А темелите на животот е сеќавањето.

На крајот: молитвата. Како што рече во една прилика мојот претходник, папата Бенедикт, тој свет старец, кој продолжува да моли и работи за Црквата: „Молитвата на старите лица може да го заштити светот помагајќи му на начин кој е можеби поефикасен од голем труд и напор на многумина“ [4]. Тоа го изјави во 2012 година, скоро пред крајот на неговиот понтификат. Многу убаво кажано. Твојата молитва е многу скапоцен избор: тоа се белите гради без кои Црквата и светот просто не можат (сп. Апостолски поттик Evangelii gaudium, 262). Посебно во овие тешки времиња за човештвото, додека сите сме во ист кораб, пловиме по бурното море на пандемијата, твојата молитва за светот и Црквата не е залудна, туку на сите им ја покажува ведрата доверба дека сигуно ќе допловиме до мирно пристаниште.

Драга баба, драг дедо, завршувајќи ја оваа моја порака, би сакал да го посочам примерот на блажениот – а наскоро и светиот – Шарл де Фуко. Живееше како пустиник во Алжир и таму на перифериите сведочеше за „желбата да може да се чувствува како брат на секој човек“ (енциклика Fratelli tutti, 287). Сè што поминал низ неговиот живот покажува дека, дури и во самотијата на пустината, е можно да се ангажира за сиромашните од целиот свет и да стане вистински брат и сестра на сите.

Го молам Господ, благодарение исто така и на неговиот пример, секој од нас да го прошири своето срце и да го направиме чувствително за страдањата на последните и да бидеме кадарни да се заземаме за нив во молитвата. Секој од нас нека ги учи сите, а на посебен начин најмладите, да ги повторуваат овие зборови на утеха што ги слушнавме денес, а се упатени до нас: „Јас сум со тебе во сите денови“. Само храбро напред! Господ нека ве благослови!

Рим, свети Иван Латерански, 31 мај, на празникот Посета на Блажена Девица Марија

ФРАЊО

_________________________________________

[1] Овој настан е опишан во Протоевангелието според Јаков.

[2] Станува збор за сликата избрана за лого на Светскиот ден на баби, дедовци и стари лица

[3] Сеќавањето е живот, писмото е здив. L’Osservatore Romano, 26. јануари 2021.

[4] Посета на домот за стари лица “Viva gli anziani”, 2. ноември 2012.

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот